Најверојатно, планините во Македонија никогаш не биле попосетувани од сега. Наместо да запознаваш дечко или девојка во диско, сега запознаваш на планина. Ако нешто ви е празен градот во сабота, можеби е поради тоа што повеќето од организираните планинарски тури се случуваат во недела.

И сè е тоа супер, тие што го откриле планинарскиот живот знаат дека е многу исполнувачки ама многу е тешко да го објасниш на друштвото кое не го дели истото мислење со тебе, те гњават да искочите во град, а аларм ќе ѕвони во 5 сабајле…

Еден добар начин да им се доближи планинарскиот филм е фестивалот ЕХО кој се одржува веќе 7 години во Скопје. ЕХО е четиридневен непрофитен фестивал (влезот е бесплатен) кој успева да ги собере на купче љубителите на природата во работен ден наместо за викенд.

За нас ЕХО не е само фестивал, туку еден вид поддршка и славење на овој стил на живот. Оваа година, ЕХО ќе се одржи од 17-20 Октомври во Кино Фросина, Милениум и Џебно Кино МКЦ, а малку повеќе за фестивалот ќе ни раскаже еден од организаторите – Александар Зарапчиев.

 

 

Александар, ЕХО стана традиција, љубителите на природата, планинарењето и поврзаните спортови секоја година се собираат на едно место. Фит луѓе со Gore-tex јакни, планинарски чевли, шарени врвци, Vibram ѓонови се шетаат низ МКЦ :). Покрај внимателната селекција на филмови кои се проектираат, вие сте вмешани во издавање на две книги, а секоја година објавувате и конкурси со супер награди за најдобар краток филм и фотографија. Кажи ни нешто повеќе за ова?

Многу сме среќни што луѓето го доживуваат ЕХО како традиција, или настан кој мора да се посети, каде се поминува добро време и се гледаат инспириративни филмови. Приказната почна многу поскромно и никој од нас немаше идеја дека ќе дојде до тука и ќе нè прифати толку широка публика. Филмовите се основата да, но низ годините сфативме дека треба да се искористи сиот тој публицитет и добра посетеност да се направи нешто повеќе, најпрвин со издавањето, 2014та издадовме една книга – за Полскиот алпинист Јержи Кукучка, ланското издание издадовме стрип на тема алпинизам, а годинава веќе со две изданија, едната книга со наслов „Седмата Оцена“ од авторот Рејнолд Меснер, најпознатиот и можеби најдобриот жив алинист на денешницава, а другата книга „Метафизика на врвот“ е нешто сосем поинаку. Се работи за професорот Ферид Мухиќ, еден од најголемите вљубеници во Шарпланина, во книгата тој се нурнува длабоко во контемплација за тоа што всушност значи да се движиме кон Врвот.

Повторно трета година по ред е актуелен конкурсот за аматерско видео. Ова е една идеја да се натераат луѓето да филмуваат и да ни го пренесуваат она што за ним е интересно и важно да се пренесе. За да мотивираме што повеќе апликации имаме партнер во овој конкурс,  ПРОСПОРТ кој секоја година победникот го наградува со последниот модел на популарната камера GoPRO. Конкурсот за фотографија пак стана тотално вирално, многу убави фотографии се пријавија, и во многу голем број.

Најлајкуваните 15 влeгуваат во финале, а ние како фестивал ги одбираме трите најдобри кои ќе добијат планинарска опрема од Outdoor.mk.

 

17ти октомври [19:28] // I-View (2015) // Кино Милениум

 

Во рамки на фестивалот, се одржуваат и презентации релевантни за темата на фестивалот. Кога разговаравме, ми напомена дека оваа година сте успеале да донесете многу важни говорници во вашиот свет, кои се тие и дали би биле интересни и за пошироката публика? Знам и дека ги носите на качување низ Македонија, што кажуваат за нашите планини?

Годинава успеавме многукратно да го збогатиме тој дел од програмата кој досега трпеше поради ограничените ресурси. Оваа година фестивалот ЕХО е во покровителство на Агенцијата за филм на РМ и тоа за нас значеше многу, успеавме да направиме многу благодарение на таа подршка, но и на страна од материјалниот дел самата подршка од Агенцијата за филм за нас делуваше мотивационо и изработивме повеќе.

Можеме да кажеме дека со гостите од ова 7мо издание сме рамо до рамо со било кој познат фестивал од овој вид. Го имаме најдобриот светски алпинист за 2016та (според добиеното признание Златен Цепин кое се доделува секоја година за најдоброто алпинистичко искачување во светот), потоа украинецот Никита Балабанов. Го имаме словенецот Борис Лоренчич кој го има добиено истото признание во 2008 година. Доаѓааат тројца бугари, двајцата можеби најсилни алпинисти во моментов во Бугарија кои минатата година имаа искачено нова насока во Патагониските Анди и успешно направија прво Бугарско искачување на врвот Серо Торе. Со нив доаѓа фотографот и режисер Руслан Вакрилов кој има и своја изложба на фотографии и промоција на својот најнов филм. Никлас Колстен ни гостува, првакот во Финска во free ride, авантурист кој на несекојдневен начин се искачува на стрмните врвови-влечен од своите две хаски, за по тоа да скија екстремни кулоари. ТОПР – Полската спасувачка доброволна служба е една од настарите спасувачки организации во Европа со богата традиција и историја тие ќе се претстават пред ЕХО но и ќе учествуваат во една работилница со Македонските спасителни субјекти под покровителство на Полската амбасада во Скопје, верен партнер на фестивалот веќе трета година. Почитуваните МЕД – Македонско еколошко друштво засилени со организацијата ФРОНТ 21/42 ќе имаат трибина на една актуелна тема – ОХРИД, Унеско, новите урбанистички планови за тој регион итн..

Тука некаде завршува списокот на гости и во однос на твоето прашање за шетањето, навистина многу им се допаѓа животот тука, и секако планините како тема што нè врзува. Тоа го докажува и моментот што со повеќето гости на фестивалот сме останале добри пријатели и тие повторно нè посетуваат и се навраќаат во Македонија, некогаш на ски посета или на качување карпи.

 

17ти октомври [21:10] // The Accord (2016) // Кино Милениум

 

Фестивал со обем на ЕХО, кој прикажува филмови со откупени авторски права, носи предавачи од цел свет, организира изложби и издава книги на темата сигурно носи со себе големи трошоци, а сепак го задржавте бесплатен. Низ годините сум наидувала на ситуации кога заедницата сакала да ве поддржи, но немало како. Последните неколку фестивалски изданија се тепавме да купиме маички (браво за дизајните) кои стандардно ги снемуваше во првиот ден, но оваа година конечно смисливте некој модел ем да донираме ем да ни остане нешто до следната година. Што ни се опциите овој пат?

Знам дека целата идеја и агенда на ЕХО станува чудна во едно општество какво ова во кое живееме. Работиме многу, собираме и градиме буџет, за да го потрошиме на продукт за кој на крај нема да се заработи ништо. Отприлика е така, но она што се добива е многу повеќе од еден тешко заработен хонорар, а тоа се многу насмевки, задоволни луѓе и една суптилна едукација за новите членови во оваа наша заедница и семејство.

Сепак зад тимот стојат луѓе кои искрено и ентузијастички влегуваат во оваа приказна и тоа е можеби основен двигател на фестивалот за овие 7 години.

Основната идеја е да пренесеме една убава приказна од светот, начин на поинаков животен стил, да се едуцира, но не на класичен начин како во школо туку низ една форма на забава, сепак ова припаѓа во културен настан, се гледаат филмови, 7ма уметност, некому му се допаѓаа начинот како е снимено нешто, некому приказната, а пак некој трет ќе се инспирира да го качи највисокот врв, и тоа според нас не е оној над 8000 метри, туку оној што го носиме внатре во себе и нè прави подобри луѓе.

Маиците како една од најпопуларните нешта на фестивалот, се присутни од самиот почеток и до пред две години печатевме колку што можеме и ги подарувавме на луѓе од публиката, на пријатели на фестивалот. Но некако постојано имавме впечаток дека недостасуваат повеќе и за да испечатиме доволно моравме нешто да компензираме, па од минатото издание воведовме новитет дека секој кој ке донира средства за фестивалот добива подарок маица која е всушност и поголема вредност од самата донација.

За нас целта е постигната на две места, прво се шири кругот на луѓе кои директно имаат удел во градењето на фестивалот и се чуствуваат одговорно за растот и убавата програма, а второто е што навистина сме среќни што постјано гледаме слики од планинарски тури па и веќе среќаваме луѓе на улица кои на грбот носат големо лого ЕХО, па тука постигнуваме уште една цел, за уште погласно да одекнуваме.

Оваа година секој кој ќе сака да донира 500 денари добива пакет од маица + двете нови книги кои ги издаваме, целта на ова ЕХО ни е секој да си отиде дома со книга во рака :).

Дефинитивно фокус на фестивалот во наредниве години ќе биде издавање на уште повеќе литература во духот на фестивалот.

 

Comments

comments