Овој текст е продолжение на екс-ју дизајн ретроспективата, која ја започнавме со текстот за најдобриот југословенски индустриски и продукт дизајн.

Moжеби е затоа што немало Интернет, па чувството за време и проток на информации било побавно од денес. Така и клиентите не поставувале рокови од типот „ни треба за вчера“. Можеби пак игра улога фактот дека државата великодушно финансирала, а истовремено дозволувала креативна слобода. Можеби има врска и тоа што обично создавале стручњаци во сферата и нивниот збор бил последен. Која и да е причината, постојат безброј артефакти кои докажуваат дека дизајнот на екс-ју просторите бил врвен и сѐ уште останува меѓу најдобрите светски примери.

Веќе пишувавме за индустрискиот и продукт дизајн во бившите југословенски републики, а овојпат продолжуваме со графички дизајн на постери, плакати и корици. За оваа категорија е уште потешко да се направи селекција, затоа техниката и медиумот остава простор за голема продукција, па има навистина многу квалитетни примери.

И кога станува збор за графичкиот дизајн, доминантниот визуелен израз е модернистички. Во 60-те и првата половина на 70-те години преовладува геометриска апстракција, разиграна со типографија, ахроматска или со минимален колорит. Од втората половина на 70-те, па натаму, почнуваат почесто да се користат пооргански форми, силен, накај психоделичен колорит, фотографии и фото-манипулации.

Но, да не должиме со вербални описи, туку да прејдеме на визуелни примери. За почеток, како илустрација дека навистина се креирало посветено и со внимание на секој детал, споделуваме прирачник за употреба на телефон од Iskra. Иако само упатство, сепак e добро дизајнирано.

 

 

Следат неколку примери на геометриси минимализам, од кои првиот е кавер за албумот „Тангента“ на Леб и сол, дело на Ljubomir Pavičević Fis. Следните два примери се плакати за „Октомвриски салон“, познатата манифестација на достигнувања во ликовните уметности. И останатите два се плакати за реномирана уметничка манифестација која се одржувала во Загреб, дело на сликарот и дизајнер Ivan Picelj.

 

 

Зборовите „избори“ или „државна пропаганда“ ретко асоцираат на естетски квалитет. Но во тоа време очигледно се внимавало на добриот дизајн дури и кога се користел за политика и широки народни маси. Фасцинантно и малку надреално е кога ќе се поврзе тогашниот еднопартиски систем со естетски одлични плакати, како овој за изборите од 1974 година, или државната прослава на некогашниот „Ден на младоста“.

 

 

Иако не биле капиталистички земји, ниту конзумеризмот бил во обликот кој го живееме денес, сепак постоел маркетинг. Четирите принтови во прилог пак, докажуваат дека и во сферата на класичните реклами за производи, дизајнерите знаеле што прават.

 

 

На почетокот споменавме дека од втората половина на 70-те години започнале почесто да се коростат фотографии и фото-манипулации. Ова се два такви примери, едниот плакат за изложба на Марина Абрамовиќ, а другиот постер за Зимските олимписки игри кои се одржале во Сараево.

 

 

Особено интересни се примерите за промотивни плакати на уметнички настани. Известуваат за уметнички дела, а и самите се такви. Овде ќе споделиме три постери создадени од сликарот и графичи дизајнер Boris Bućan. Првиот пример е за изложбата на легендарниот американски дизајнер Milton Glaser, а плакатот е (секси) реинтерпретација на едно од неговите најпознати дела, кавер за албум на Bob Dylan.

Останатите два примери се плакати за претставата „1918. hommage à Krleža“ и операта „La Traviata“, исто така дела на Bućan.

 

 

Kориците на списанијата се уште една категорија која изобилува со креативност и мини дизајнерски уметнички дела.

Некои се фанки психоделија, како научното списание „Galaksija“.

 

 

Други си поигруваат со контоверзи и табуа, како првото југословенско списание за геј култура „VIKS“ и „Satirikon“, списание за книжевна сатира и хумористична графика.

 

 

Вреди да се спомене и „Racunari“, кој споjува еротска фотографија со технологија.

 

 

Статијава ја завршуваме со неколку примери од еден од најдобрите македонски графички дизајнери, Костадин Танчев – Динка, на кој наскоро ќе му посветиме посебна статија.

 

 

Comments

comments