Потсеќањето на минатото обично има две форми. Едната е носталгија, меланхолично чувство кое те залажува дека во минатото сѐ било подобро и служи како бегство од сегашноста. Другата е конструктивно учење од она што било, како инспирација за нешто подобро сега и тука.

Не сме фанови на носталгија, ама веруваме дека естетиката од минатото може да даде креативен поттик. Затоа, направивме селекција на дизајни од екс-ју времето, која се надеваме дека ќе ви биде инспиративна и вам.

Во времето на нашите баби, дедовци и родители, овие простори изобилувале со оригинален и квалитетен дизајн. Додека комунистичките земји од источниот блок имале соц-реалистичка естетика, а западните земји го развивале модернизмот, овде се создавал и растел уникатен стил, кој не припаѓал на ниту еден од двата доминантни правци. Екс-ју дизајнот е специфичен израз со јасни модернистички влијанија. Најчесто минималистички, изобилува со геометриски апстракции и чисти линии, а понекогаш и доза на „психоделични“ бои и форми.

Дизајнот на бившите југословенски простори ги брише границите меѓу високата уметност и онаа применетата, масовната. Уметници создаваат по принципите на модернистичката уметност, па врвните примери на архитектура и дизајн ги приближуваат до широката јавност, правејќи ги јавно добро, секојдневна естетска комуникација. A, притоа ги задржуваат високите стандарди и автентичниот печат кој им носи светски признанија. Токму како што вели слоганот и на постерот од тоа време, „Со квалитет до светот“.

 

 

Следат примери од сферата на индустрискиот, продукт дизајн, а во наредната статија ќе споделиме селекција од доменот на графичкиот дизајн (постери, плакати и корици).

Започнуваме со мелницата за кафе „Maki“, дизајн кој е дел од колекциите на MOMA (Музејот на Модерна Уметност) во Њујорк. Негов автор е хрватскиот дизајнер Bruno Planinšek, а вредноста на дизајнов станува појасна кога ќе се земе во предвид дека е создаден во 1956 година.

 

 

Следи киоскот K67, дизајн кој беше насекаде низ овие простори, а уште може да видиме негови примери и низ Македонија. Создаден во 1966 година и дело на словенскиот архитект и дизајнер Saša J. Mächtig, овој киоск е модуларна конструкција која функционира самостојно како индивидуален објект но, може и да се групира.

Неговите намени се бројни: трафики, сендвичари, билетари, цвеќари, мини кафулиња, продавнички…сигурно го имате запознаено одблиску во повеќе верзии. Неговиот интелигентен, универзален дизајн, прави да може да се приспособи на секаков терен и да се користи на разни начини.

 

 

Квалитетниот дизајн бил присутен и во ентериерот. Еден меѓу најдобрите во оваа сфера е Нико Краљ, индустриски дизјанер познат не само во СФРЈ, туку и признат ширум светот. Неговото мото било дека добриот дизајн е функционален, го олеснува секојдневието и мора да биде достапен секому. Најпознат е по своите дрвени столици, односно моделите: Rex, Lupina и 4455.

 

 

Во овој контекст, треба да се спомене и мебел дизајнот на уште еден познат словенски дизајнер, Oskar Kogoj кој во 1970-та година ги создал овие стоилици за релаксација (и испружање нозе J )

 

 

На фотографијава пак го гледаме System L, мебел дизајниран од Dušan Uršič од 1981 година.

 

 

Еден од најпрепознатливте примери од областа на продукт дизајнот се веројатно телефоните на Iskra, кои беа дел од секој дом. Создаден на крајот од ’70-те, моделот „ETA“ е дело на Davorin Savnik. Верзиите „ETA 80“ и „EТА 85“ се дел од збирката на MOMA (Музејот на Модерна Уметност) во Њујорк. Интересно е што, поради слабата патент-заштита, овие модели доживеале бројни плагијати. Само во деловната зграда на „Iskra“ во Крањ, Словенија се изложени 12 плагијати. Па така, иако Iskra произвела околу 5 милиони примероци од овие телефони, се смета дека заедно со плагијатите се произведени околу 300 милиои ширум светот.

 

 

Кога сме кај Iskra, вреди да се спомене и симпатичниот ТВ примник „Minirama“. Дизајниран од Boris Rozman, овој 12-инчен телевизот бил произведен во повеќе фанки, интензивни нијанси, односно во портокалова, сина, црвена, бела и жолта.

 

 

Статијава ја завршуваме примери на дизајн на амбалажи од козметичката индустрија. Станува збор за делата на една од првите модерни дизајнерки, Marija Kalentić. Академска сликарка, дизајнирала за хрватската компанија „Neva“ од 1963 година до 1985 година. Во прилог неколку нејзини амбалажи.

 

 

Се читаме наскоро со вториот дел од статијата во кој ќе бидат претставени некои од најдобрите примери на графичкиот дизајн.

 

Comments

comments