ДОКОЛКУ ТИ СЕ ДОПАДНЕ НЕКОЕ ПАРЧЕ НАКИТ ОД ЕЛЕНА – СЛОБОДНО ТРКНИ ДО МКЦ ОД 15 ДО 17 ЈУНИ ЗА ДА СИ ГО КУПИШ, ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ САЕМ НА ПАРАТИСИМА СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕН СИТЕ ТРИ ДЕНА, СО ЕДЕН КУП НАСТАНИ, КОНЦЕРТИ И РАБОТИЛНИЦИ.
Пишуваат: Горјана Јордановска и Елена Ристовска
Фотографии: Кристина Лозановска

 

Историчар на уметност кој изучувањето на уметноста го претворил во практика – Елена Ристовска е следната од серијалот на млади македонски уметници, во соработка со Паратисима Скопје.

Според тоа не е ни чудо што Елена посетувала еден куп курсеви, од обработка на кожа до керамика и стакло. Според неа, изразот се гради постепено и кај неа тој процес трае веќе 9 години: „Секоја техника носи своја естетика и доминација на просторот кои се важни за изградба на личниот израз.“

Со ваков став, Елена ја добива првата награда на Саемот за современ накит во Романија – AUTOR, па ајде да видиме што има да сподели со тебе од сето тоа искуство:

 

 

Колекцијата со која ќе се претставиш на Паратисима Скопје ја нарече Цутење – може ли да ми го опишеш односот што го имаш како уметник со природата?

Окупирана сум периодов со одгледување на цвеќиња, пиперчиња, домати, разновидни билки, во домашни услови. И не можам, а да не сум восхитена од моментот на растење, од моментот кога на нешто му се дава живот, од сите тие совршености на природата. Не создадов идентични облици од природата, ги стилизирав формите, си создадов градина од накит.

 

Може ли да издвоиш еден интересен саем на кој што си присуствувала надвор од Македонија? Да го споделиш искуството, компарација помеѓу тамошната и овдешната публика?

Тоа дефинитивно ќе биде Саемот за современ накит во Пекинг. Настан кој се одвиваше во ист период со Beijing Design Week и агендата на настани беше огромна, а јас за првпат во мојот живот се најдов во милионски град – Пекинг градот на контрасти, каде се среќаваат облакодери со разнобојни светлосни реклами кои ги презентираат најновите достигнуванја во технологијата, наспроти мали дуќанчиња каде во канти од сирење луѓето си ја приготвуваат вечерата. Земја со традиција наспроти луѓе кои се восхитени од современото. Настаните се одвиваа во различни делови од градот, во напуштени фабрики, во дуќанчиња каде претходно се продавале зачини и каде сè уште се чувствуваше нивниот мирис, а сега измешан со боите на современиот накит. Многу невообичаено искуство за мене.

 

 

Како се перцепира дизајнерскиот накит во границите на нашата држава?

Многу е мал бројот на луѓе кои можат да ја одвојат техниката со која е создадено едно парче накит од самиот дизајн. Кога ќе се спомне филигран секогаш се мисли на традиционален накит. А филигранот, бар јас го користам како момент за истакнување на елемент во дизајнот, значи тоа се фрагменти, а не цела окупираност на просторот од филигранот. Не го порекнувам филигранот како традиционална техника (и самата го користам впрочем), но сметам дека нештата мора да се модифицираат. Од друга страна треба да постојат настани како како што се Паратисима Скопје, како што е Неделата на дизајн во Скопје, Саемот за современ накит – NAKIT кој за првпат се одржа минатата година во Јавна соба, каде што постојат ликови кои ја водат целата идеја на настанот, од изборот на колекции до поставување на делата во просторот.

 

 

Кои се твоите впечатоци од Паратисима Скопје во досегашното четиригодишно постоење?

Ми текнува на моментот кога Бојана Стојменовска на една поп ап продавничка во МКЦ ја презентираше идејата за Паратисима Скопје. Сето тоа ми звучеше извонредно, на едно место требаше да се прикажат уметници кои творат во различни медиуми. Многу ми е драго што постои фестивалот веќе 4 години и што оваа година сум дел од него како учесник.

 

Моделите на Елена Ристовска може да ги погледнете тука.

До следно читање!

Тимот на Reborn и Паратисима Скопје.

 

 

//

Доколку ти се допадне нешто од нивните дела, изработки, некој интересен накит, парче уникатен модел, слика – слободно тркни до МКЦ од 15-17 јуни за да си го купиш, саемот на Паратисима Скопје ќе биде отворен сите три дена, со еден куп настани, концерти и работилници – а со тоа и да ги поддржиш нашите млади уметници и дизајнери.

//

 

Comments

comments