Фотографии: Александра Костадиновска

 

Името и’ e Емилија Мишева Стaврова, а сите ја знаеме преку нејзиното алтер-его Ем Елефантски.

Магистар по ПР, уметник, урбан лик, мама, сопруга и генерално ептен кул човек. Ја има насекаде, на базари, во кампањи, на настани, онлајн… Некако успева да најде време за сѐ и пак да зрачи со леснотија и смиреност. Таа е нашата хеорина-илустратор. Нејзините дела се едноставни, а моќни, магичен микс од емоции, форми и бои.

Таа умешност да комбинира навидум различни нешта но сето тоа да изгледа хармонично како целина, ја препознавме и во нејзиниот дом. Смирено-шаренило, така би го опишале просторот на Ем. А, во него изобилие од разни облици но, ниту еден рандом. Секој со своја приказна, внимателно вметнат во личниот колаж. Го имавме задоволството да се подружиме Ем и да ни ја раскаже својата приказна низ 10 омилени предмети.

 

 

1. Една од твоите илустрации која многу ни се допадна во Reborn и која ја споделивме на нашата Facebook страна, беше поврзана токму со јога. Гледаме подлога за вежбање, па кажи ни нешто повеќе за „јога“ страната на Ем.

Пред 10 години, заборавив да дишам, јогата ме научи. Анксиозност и јога – то су срца два. Имав тежок, депресивен период, со панични напади, клаустофобија, агорафобија – бегање од себе. Праната ме сврте кон себе. Но дисциплината и посветеноста не ми беа најдобри другари, до пред 4 месеци, кога ја открив Аштангата и учителот Горан Ивановски – длабок наклон и благодарност.

 

2. Чиј е слаткиот детски цртеж во рамката?

На ќерка ми, царицата Вивиен. Нејзин прв урамен цртеж. Детето е гениј од раѓање. Само да им ги негуваме крилјата. Толку работи учиме од неа – ти благодариме дете! Остани таква слобода и љубов, каква што си!

 

 

3. Шпатула, значи дека и готвењето е важен дел од твоето секојдневие. Изборот е секогаш здрава храна или вкусот е поважен од состојките?

И здравата храна е вкусна! Сакам да готвам, најчесто импровизирам и ист рецепт, не можам да го повторам два пати. 😊 За традиционалните јадења, мајстор е маж ми. <3

Целиот труд што го вложивме, за Вивиен да се храни здраво, на крај се исплати. Вивиен ти е дете што сама си бара – морковче, листови зелка, марула, спанаќ, јаболче, крушка, шери и краставичка. Си се храни Raw – нејзин избор. <3 Готвените јадења, освен црвен ориз, не и се омилени. А шпатулата ја обожавам – од секој сад собира се’ до капка.

 

4. Те знаеме како илустратор но, гледаме дека имаш и гоблен. Баш кул изгледа твојот современ израз преку една ваква традиционална техника. Што претставува конкретниов вез и дали редовно вака креираш?

Мојот прв и сè уште недовршен гоблен, илустрација од ќерка ми Вивиен, која од мала е заљубена во небото. Го почнав на работилницата на нашата Дамаја (и се воодушевувам на посветеноста и креативноста *). Не го довршив, а ми е омилен потсетник, за сите почнати, а недовршени работи во животот.

 

 

5. Дома имаш изобилие на растенија кои даваат еден „зен“ момент. Задоволство ти е да се грижиш за нив? Зошто токму оваа билка со ептен интересен цвет?

Peace Lily, Белиот Крин, ја симболизира чистотата и невиноста. Ја претставува преродбата на душата, ослободување од материјалното, претопување во вистинското Јас. Овој цвет толку е поврзан со мене, што кога и да го оставам, за време на некое патување, овенува. ☹ Се враќа во живот после првиот допир со мене. <3 Длабока симболика. Љубов ми се сите живи Битија.

 

6. Забележавме два предмети со ретро дизајн. Шољичка од екс-ју времето и метално кутијче со дизајн од уште подалечни времиња. Драг спомен или…? Кој дизајнерски стил од минатото најмногу ти фаќа око?

Шољичката ме потсеќа на детство, на мама и тато (кога беа заедно). Металното кутивче го купивме со маж ми Лазар на Flea Market во Амстердам – Винтиџ е, од 1800 и некоја година, а го купивме за 2 евра. Сакам да роварам во стари шкафови, second-hand-ови… тој мирисот на нафталин (хахахахах). Го сакам времето кога не се брзало, кога човекот се’ создавал со рака. Ова потрошувачко, материјалистичко, капиталистичко општество (среден прст). Ама ќе дојде денот кога секој ќе се сврти кон себе.

 

 

7. Знаеме дека женски „хероини“ се често дел од твоите дела. Која е приказната зад „Good night stories for rebel girls” и дали се поистоветуваш со нив?

Омилениот подарок за Вивиен, од моја драга другарка Нена, Bare Origin, која го произведува најубавото ладно цедено Арганово масло. Мојата кожа ја поздравува. 😊

Ребел сум од кога знам за себе. Таков дух е и ќерка ми. Благодарна сум што ќерка ми ке расте со вистински приказни, за вистински хероини од секојдневниот живот. Не треба да е спасена од некој си принц на бел коњ. Ја има слободата да биде се’ што посакува! Доста му беше на светот Шива енергија. Потиснатата Шакти, почнува да сјае. Да го дочекаме балансот во Универзумот и да сите цветаме во љубов.

 

8. Меѓу сите разнобојни предмети во твојот дом, се издвојува шаренава маска/тотем. Која е нејзината симболика? Дали ја купи локално или можеби е дел од некое патување?

Маската ми е подарок од мојот најдобар другар, Васе, кој пред 10 години напушти тело. Ми ја донесе од Шри Ланка, неговото последно патување. Тотемот е чувар на домот. Љубов ~

 

 

9. Уште една книга, овој пат за легендариот Bowie и слушалици. Дали токму Bowie e музичкиот фаворит? Што Ем најчесто слуша?

Аххх мојот НЕПРЕБОЛ. Книгата ми е подарок од мојата банда (си знаат кои се). <3 Длабок наклон за Битието Bowie, што создаде таков бескрај! Еклектичен ми е вкусот за музика. Саундтракот на мојот живот: Radiohead, Portishead, Dead can Dance, Massive Attack, Bowie, Nick Cave, U.N.K.L.E, The Knife, Moderat, Sevdaliza, Anthony Rother, Shpongle, Younger Brother, OTT, Kaja Project, Шпато, Eric Satie, Philip Glass, Miriam Makeba, Nina Simone, Фолтин, Ibeyi, Princess Nokia, Abra ~ Дома кај нас, нон-стоп се слуша музика. Немаме телевизор.

 

10. На крај, торбиче полно боички. Сѐ уште редовно твориш рачно или Adobe Illustrator е почестата алатка? Што ново се спрема во креативната кујна на Ем?

Се’ уште творам рачно – и за секогаш! Олдскул. Прво цртам на лист со репитограф/маркер, па скенирам, векторизирам, па бојам во Illustrator и Photoshop. Од овој месец сум официјално freelance-ер, дадов отказ од работа, т.е. излегов од комфор зона. Се крчка еден најнов проект со другарка ми Милена Атанасова – Atami и Илија Стефановски – Error of Harmony. Почеток на април, очекувајте покана за отварање на едно магично место. Можам само да ви шепнам – Error Kolektiv.

Ви благодарам Reborn – засекогаш омилени!

 

Comments

comments