Ова е текст од новиот серијал во кој нашите другари кои отсекогаш се облекувале подобро од нас ќе ги споделуваат личностите заслужни за нивниот изострен осет за естетика и стил.

 

Кога разговарам со некој на тема стил и кога тој некој ќе се изјасни со конкретен и прецизен одговор, најискрено му се восхитувам на одлучноста да се задржи на одреден правец.

Зашто јас на пример, немам стил. Мојот стил целосно зависи од различните расположенија и фази, кои постојано се менуваат. Но кога ќе размислам поубаво, па можеби и не е толку лошо да си неопределен, да не знаеш што точно сакаш и што најсилно те влече, зашто тогаш се потпираш на максимата – „пробувам од сè и разгледувам свашта”.
Токму поради тоа, од многуте максимално креативни типки со цврсто изградени стил и карактер, тешко ми е да издвојам само неколку. Но еве, ќе се потрудам да направам една мини палета на жените кои редовно ги манијачам по фотографии, пред папараци и по профили. Жени кои една од друга се сосема различни, со различен стил, но сите се уникатни до бесконечност.

 

 

Erykah Badu

Женава е царица – сама си прави музика, самата си ги режира музичките спотови, сама се облекува (без стилисти), не прави разлика помеѓу сцена и улица и секогаш прави онака како што се чувствува во моментот. Erykah е една од „оние чудните”, што без страв комбинира парчиња и носи на себе сè што ќе и падне на памет – слоеви и слоеви од некоординирани парчиња што формираат една уникатна целина.

Оваа стилска икона е секогаш испрскана со многу бои, материјали и детали што може да ги „ловиш“ на неа до задутре. Шапките и фризурите (читај, најдоброто афро што некогаш се појавило) и се најпрепознатлив момент и знак за нејзините африкански корени, кои никогаш не заборава да ги истакне.

 

 

 

Jemima Kirke / Jessa Girls

Еклектика е стил кој според мене најтешко е да се погоди, но Jessa дефинитивно го владее. Плишани парчиња, плетенки, бохо фустани, цветни дезени и што сè не. Едвај чекаш да се појави во сцена на Girls. А уште подобро, потполно е иста и во приватен живот. Па бонус – сликарка е!

 

 

 

Tilda и Dakota во A Bigger Splash

Не постои сако и кратка фризура што не изгледаат добро на Tilda. Таа е една од оние „ликови кои никогаш нема да се повторат на планетава”. А моментот кога ќе дознаеш дека Dior ги дизајнира костимите во A Bigger Splash, филмот ти станува милина за гледање.

Минималиситчки, чисто, елегантно и фраерски, сè во едно. Додај ја на равенката Dakota и веднаш ќе загарантираш дека нема да има утка во ниту еден кадар. Од поновите филмови, овој е стилски полн погодок.

 

 

 

Alexa Chung

Пред многу години, кога ги заслушав Arctic Monkeys и го барав Alex Tuner по слики, веднаш го заборавив кога ја здогледав Alexa до него. Без разлика дали гледаш фотографии од Alexa направени пред 10 години или од вчера, нејзиниот стил е безвременски. Минимално „накинџурена“ со накит, паметно смислени и скоцкани комбинации со нагласок на чанти и кондури (обожава машки чевли), Аlexa целосно ја заслужува титулата „стилска икона“. 

Без разлика дали е во варијанта на нежна принцеза, во фустанчиња кои никогаш не се нападни и вулгарни и кои не откриваат кожа или пак како кралица на улиците во комотни варијанти, женскава нема шанси да не ти се допадне. Секогаш средена и педантна, Alexa знае да штрбне по малку од секој стил, но никогаш не претерува. Плус, ах таа нога долга скоро колку мене 🙂

 

 

 

Ена Веко

Имаме и ние наши, бисери македонски. Ена Веко е царица на сцената, без трошка срам освојува со нејзиниот танц, движењата и рокерските јакни со големи рамена. Црвена кратка коса што мрда и скока насекаде. Можам да ја гледам изведбава цел ден без престан!

 

Comments

comments