Утре (29 јуни), во „Еrror kolektiv“, психоделична денс музика ќе ни пуштаат Purpureal Day-Star и sZARSz, двајца артисти од САД. „Електронски експерименти“ е името на настанот, а најавени се синтисајзери, ритам машини и фина дружба.

Ова ни беше дополнителен повод да го посетиме „Error kolektiv“ и да поразговараме со Емилија, Милена и Илија, тројцата креативци кои стојат зад оваа концепт продавница. Ги знаеме како Em Elephantski, ATAMI и Error of harmony, а ги сакаме затоа што со талент и автентичност додаваат стил на урбаниот лик. Препознатливо свои, од неодамна решија да ги здружат дизајнерските сили во заеднички простор.

Кога прв пат ќе влезете во „Error Kolektiv“, веднаш ви станува јасно дека не се работи за обична продавница во која конзумеристички само бирате одреден производ од полиците и заминувате. „Error Kolektiv“ многу повеќе наликува на уметничка галерија со одбрани дела, место за целокупно естетско искуство.

Самите тие, како автори, имаат различен печат. Em Elephantski e шаренило од форми, бои и емоции. ATAMI создава минимализам со ехо од Далечниот Исток. Error of harmony ги обединува урбаните линии, скејт културата и архитектурата. А заедно, сепак создаваат хармонична естетика. Или, како што велат самите, „Error Kolektiv“ е: „група во која различното создава единство. Место каде личниот печат гради заедничка целина.“

 

 

Концептуалните продавници веќе извесно време постојат низ светот, но кај нас се сѐ уште новитет. За почеток, што е „concept store“?

Концептуална продавница, место каде идеологијата на продуктите прави концепт кој ја заокружува целината. Нема класична поделба, concept store е простор каде може да се најде се` што подразбира дизајн, уметност, квалитет.

 

Како би го опишале Error Kolektiv некому кој не е од претходно запознаен со вашето творештво? Што може да очекуваат?

Error kolektiv е простор во кој може да се најде домашен дизајнерски производ. Место каде индивидуалното се негува и охрабрува!

 

 

Започнавте нешто ново, уникатно, а тоа бара силна инспирација и храброст. Што беше клучниот момент, главниот мотив за да се роди Error Kolektiv?

Потребата за изложбен простор кој ќе го промовира домашниот дизајн и уметност е главната причина за создавање на ова место, поддршка за урбаната култура и промоција на скејт сцената кај нас.

 

Постоите веќе еден месец. Какво е искуството досега, задоволни ли сте од фидбекот?

Добиваме супер фидбек, на луѓето им е пријатно во нашиот простор, се чувствуваат пред сè слободно, а тоа е најголемиот комплимент за нас! Супер коментари имаме и од странци кои го посетуваат Скопје, забележувајќи го современиот дух во дизајнот на производите, како и квалитетните материјали. Всушност, најчестиот нивен коментар е дека е супер што може на едно место да имаат достап до современо и домашно. А тоа е и поентата.

Генерално, сѐ уште има пат кој македонецот треба да го изоди, учејќи да го почитува и поддржува домашното. Ако културата е огледало на едно општество, одразот кој го гледаме е далеку од совршен, но има фини точки, вредни за поддршка, за истите да растат, за да растеме сите заедно и да видиме одраз со кој ќе сме горди.

 

 

Пред три недели имавте pre-party за забава во Капан Ан, пред две промоција на брендот MalaKamila, а овој петок носите електронски артисти од САД. Дали ова значи дека редовно ќе соработувате со автори од сите уметнички сфери? Дали е Error Kolektiv отворен за креативци?

Апсолутно! Error Kolektiv е отворен за секакви колаборации, сè што подразбира култура. Во нашиот простор веќе имаме гостински автори, покрај домашните ерорци, atami, emellephantski, 0.10 error of harmony, може да се најдат производи и од Mikka design, Mariguccha, Mala Kamila, Mei – Ro и Lalkova.

Колективот расте и ќе расте и се менува константно. Би го искористиле вашиот простор официјално да објавиме дека артисти, дизајнери, артисани… секој кој создава, може слободно да испрати портфолио на нашиот меил: errorkolektiv@gmail.com.

 

Какви се плановите за летово?

Летово еррорци имаат неколку проекти на кои работат, индивидуално и колективно. Error Kolektiv расте и останува точката каде различностите се спојуваат и градат заедништво! Во најава, настани, колаборации, многу музика и многу насмевки. Поканети сте сите!

 

Comments

comments