Една година по смртта на сега веќе несомнено највлијателната музичко-културолошка ѕвезда на нашето време, можам да заклучам дека наместо вообичаената празнина која се јавува по смртта на некој човек, во овој случај сме сведоци на феномен од сосем спротивен тип.

Присуството на David Bowie во нашите животи е погусто и поинтензивно од било кога. Токмунесмасните забелешки на растажените фанови од типот: „ Леле колку ми недостига Bowie“, прават буквално да се штрекне човек, сфаќајќи колку всушност по својата смрт човекот е сеприсутен. На оние ко мене на пример, на кои не им беше сосем јасно дека Bowie своерачно го поплочи патот до слободата да се биде различен, свој и квалитетен, а успешен, нагло им се раздени на 11 јануар 2016.

 

 

Денот на смртта на овој извонреден господин, ми го проектираше фактот дека сите мои „идоли“ имаат еден идол – токму него. Сите раскрсници на кои сум бил и одлуки кои сум морал да ги донесам за доброто на моите артистички аспирации, веќе биле апсолвирани и одговорени преку културолошките патокази кои сум ги добил директно, или индиректно од него.

Просто е неверојатно колку брзо и ефикасно продира знаењето низ мембраните и филтрите на популарната култура, особено ако си живо заинтересиран за нескротливиот индивидуален драјв кој го добиваш како резултат на тој модерен сурфинг. Оваа новооткриена свест дека позади неверојатен број „големи“ одлуки во животот, всушност стојат песни, албуми, кариери и искуства на луѓе како него (а особено тој), е всушност научно и практично објаснување за парадигмата: МУЗИКАТА МИ ГО СПАСИ ЖИВОТОТ.

Навистина драги пријатели, дозволете и на музиката да ви го спаси животот. Таа бесконечна азбука на универзумот и нејзините пратеници на земјата, ете на пример во форма на David Bowie.

Една од најфабулозните карактеристики на феноменот Bowie, е што буквално секој си мисли: јас сум негов најголем фан, никој повеќе нит го сакал нит го разбрал од мене, јас најдобро го познавам неговото творештво и јас најпрецизно ќе ви ги посочам есенцијалните Bowie музички мигови. Пссст, не кажувајте никому, но ете јас на пример сум во постојана дискусија со него, седи на моето десно рамо и цел ден ми шепоти на уво, советувајќи ме како да постапувам 😉

Шала на страна, еве ги за мене најесенцијалните негови музички мигови. И запомнете: Толку многу и толку добро има оставено овој господин, што е просто невозможно да ви недостасува….ок, освен ако не сте оделе на вечера заедно секој вторник со него во Дестан 🙂 …а не сте оделе.

 

 

Многумина ќе ви кажат поинаку, но Blackstar (2016) е последниот и најдобар David Bowie албум.

Целата негова кариера на едно место, но низ сосем друга, длабоко созреана, изџезирана призма. Соочување со смртта е тема која многумина фантастично ја обработиле во историјата на уметноста, но ретко кој вака грациозно ја подбрал. Многу тага и меланхолија вградени во интегритет од небески размери. Безвременска елеганција која секој од нас би ја посакал за придружник во последните овоземски мигови.

 

 

Оваа песна од 1995та им се случува на сите, без разлика на естетското ниво со кое ја доживуваат. Своевиден врв на флертот на Bowie со индастриал музиката од 90тите. Типичен пример како неговиот дух се вселува во некој музички „стил“ и го елевира на повисоко ниво.

 

 

1986та. Песна и филм….Песна и филм, па што би можеле да посакате повеќе? 🙂

 

 

Годината 1984та ја носи можеби приватно најомилената моја песна од Bowie. Ме транспортира во други времиња, или на други планети. Доказ дека времепросторот е релативна категорија.

 

 

Оваа плоча ја имам купено над 15 пати за роденден во старите добри 80ти години и била сонична аура на оние наивни и не толку невини основношколски домашни скопски журки. Крунски доказ дека токму David Bowie е крал на поп музиката, спротивно на популарните мисконцепции кои се шират низ масите.

 

 

Merry Christmass Mr.Lawrence. 1983. Филм. Дозволете си да го погледнете.

 

 

Yassasin. Песна која се наоѓа на албумот Lodger од 1979.

 

 

 

 

Фамозната БЕРЛИНСКА ТРИЛОГИЈА (албуми), всушност е сцена, ма свет сам за себе. Опкружен со ground breaking таленти од типот на Brian Eno и Iggy Pop, во тогаш сè уште со ѕид поделениот Берлин, се случуваат активности за кои културниот свет сè уште зборува и тек ќе зборува со отворена восхит. Овде прашањето не е кој, туку сте втурнати во ситуација КОЈ ОД КОЈ. Овие три плочи се неопходна едукација во обидот да бидете достоен културен граѓанин на светот. Ако не сте досега, крајно време е да навлезете во светот на Station to Station, Low и Heroes.

 

 

Повторно чувството на патување во времето, или присуство во разни времиња одеднаш. Многу теории на заговор би можеле и се плетат околу David Bowie. Тоа е навистина лесно со овој човек. Тука потполно се брише разликата помеѓу најинтелигентните и најглупавите негови фанови. Сите сме подготвени да поверуваме во било што. Тоа е таа трансцедентност на музиката и уметноста. Кој ли Ѓаол ќе го знае?

 

Comments

comments