„Ми треба соба, да прими пет илјади луѓе со дигнати чаши во здравица” – Буди сам на улици, Милан Младеновиќ (ЕКВ)

Сцена е специјално прилагодено, подигнато место за настап на артисти; поле на дејност, поприште. Еден од најупотребуваните и најзлоупотребуваните зборови од музичкиот свет во нашиов скопски град. Збор од шпицаст карактер, кој предизвикува тешки недоразбирања, особено кога протагонистите резонираат со дисбаланс околу своето значење и улога во/на неа. Додека едни се поистоветуваат со неа и наивно веруваат, други лицемерно ја користат, трети го негираат нејзиното значење, па и постоење. Но навистина не е лесно да се гради сцена во држава без музички пазар, музичка индустрија, културна политика… едноставно нема што немаме во Македонија.

Во оскудни услови како нашите, градењето музичката сцена е препуштено на ентузијазмот на поединци и повремени проблесоци на државни институции. Токму таков пример на брак од љубов (па и интерес) е фестивалот Земјотрес, кој оваа година се одржува по седми пат во Младинскиот Културен Центар Скопје. Замислен како заедничка прослава на македонската алтернативна музичка сцена, низ годините прерасна во вистинско собиралиште на најубавата и најпаметна македонска младина. Простор за директна комуникација помеѓу генерациите, музичките стилови и навидум различните интереси на нашите музичари. Широка платформа за презентација на едно постоење, но и постојана промена. Некомерцијален манифест во интерес на духовната и економска оправданост на нашето музичко шаренило. Место каде што за смешни пари можете да проследите повеќе од 20 артисти во една вечер, поточно најактуелното на нашата сцена, според последните забележани домашни изданија. Концепт, но и успех во континуитет, без преседан во нашата музичка историја.

 

 

Што нуди Земјотрес оваа година? 22 артисти, 3 музички сцени и полна душа млади бендови/артисти кои со својата свежина буквално го поплавуваат македонското морално сивило.

Funk Shui, Pluto’s Doubts, Pikolomini, Herzel, Горан Кан, Културно Уметнички Работници, Anna O, се веќе многу добро познати на нашата музичка јавност. Артисти кои веќе полнеле концертни сали и клубови. За мене, ужасно возбудлив е вториот ешалон на надоаѓачки артисти, кои изминативе години успеаа да создадат сериозна база на фанови помеѓу младата публика желна за музика и квалитетен провод: Matej Foltz, Irie Scratch x Gloomie, Ki, SAM & Druggy, The Local Blue, Бодан Јамакоски, Dimitra, Istok Ulčar, Fosfen. Ова се некои од имињата кои ќе ја произведат светлата иднина на македонската музичка сцена. Автентичност, квалитет, па и оригиналност, кои се препознаени од армија млади луѓе, незаинтересирани за примитивната реторика на нивните родители. Генерации подготвени да бидат рамноправен дел од светот. За Monoglitch, Reduced to Ashes, Stagnator и SРЕТИ не би можел да ви раскажувам, но едвај чекам да дојде сабота, 2 февруари и да го проследам нивниот настап на Земјотрес.

Земјотрес во Скопје удира токму во миговите кога луѓето ќе го изубат чувството за заедништво. Кога ќе снема минимален заеднички интерес, кога моралот не е во мода веќе.

Фестивалот Земјотрес е ритуал за јакнење на заедништвото на квалитетната македонска музичка сцена, со желба да покажеме релевантна содржина во време на инстант потрошувачка и вредности вон континуитет. Генерациите, музичките стилови, па и идеалите се менуваат, но алтернативната културна понуда е есенцијална за поттикнување на духот на новите, се побројни сограѓани со софистицирани естетски потреби.

Придружете ни се, заедно сме сцена. А, да… и сила.

 

Comments

comments