Овогодишниот Skopje Jazz Festival заврши, но приказната за скопскиот џез не завршува таму.

Не сум голем разбирач на ликот и делото на џез музиката. Поради овој факт моментално се чуствувам како пред испит на факултет каде влечам прашање и професорот ме чека на моја грешка. Токму затоа, наивната слика за џезерите во мојава глава е како тоа се луѓе кои проживеале сè во животот и го достигнале зенитот на нивните кариери. Искусни, полни со музичко знаење и квалитет (и секогаш добро облечени) т.е. луѓе кои можеби, навистина уживаат во својата работа.

Но сепак дел од мојата слика беше (сè додека не ги запознав Fierce) тоа дека џезот е музика за постари (во години) музичари. Логиката ми е дека откако одреден музичар ќе го отпатува својот пат, ќе ги научи животните лекции, само тогаш станува џезер. Fierce ме разубедија (и тоа за 2 минути), затоа што овој пат се работи за млади дечки кои се дел од еден доста сериозен проект.

img_9316

Кое е вашето мислење за џезот во Македонија, до каде сме споредбено со светската џез сцена?

Бројот на слушатели на џез музиката секој ден е сè поголем и поголем, дали е тоа заради љубов или од мода, сепак расте и има напредок. Следствено на тоа, и бројот на свирки по локалните барови е зголемен. Добро е што секој викенд може да се најде некоја џез свирка низ Скопје.

Кога сме кај споредбата со светската џез сцена, сметаме дека сега за сега не можеме да се споредиме во однос на бројот на настани на годишно ниво. Но ако ги земеме во предвид артистите кои сме имале можност да ги слушнеме и видиме во Македонија, тогаш дефинитивно сме на исто рамниште со светската џез сцена.

 

img_9327

Во кој музички стил би ја вметнале вашата музика?

Современ џез (contemporary jazz). Во креирањето на стилот на бендот учествуваме сите како поединци, т.е. секој од нас придонесува со секоја отсвирена нота. Нашиот стил е фузија од повеќе правци и жанрови, така што не би можеле да го класифицираме во одреден тип на џез правец.

Кој е вашиот став за македонската џез публика, или таа постои само кога се одржува Skopje Jazz Festival?

Македонската џез публика не постои, конкретно за нашите свирки, таа се состои од нашите пријатели кои поголемиот дел се и самите музичари. На крајот од свирката секогаш имаме еден искрен позитивен или негативен фидбек, (мотив плус) за понатамошно, поуспешно креирање на нови нешта.

Кога доаѓа овој период од годината (кога е џез фестивалот), секогаш имало поголема заинтересираност кон самиот фестивал, а воедно и кон џезот. Сметаме дека картите (гратисите) кои се поделени или откупени од многу фирми и спонзори, пред сè треба да се поделат на студентите од факултетот за музичка уметност – џез одделот и за студентите кои ја изучуваат класичната музика.

img_9333

Каков е процесот на создавање на вашите песни? Кој ги компонира, аранжира итн.?

За нашата музика, како што и споменавме во претходното прашање, сите учествуваме и секој од нас е на еден начин и композитор и аранжер. Сенад Усеин – труба, Борислав Веселинов – алто саксофон, Марко Василевски – контрабас, Виктор Филиповски – тапани/перкусии и Горјан Стојменовски на гитара.

Кој е концертот за кој мечтаете да присуствувате без разлика дали се работи за сегашен или поранешен џез музичар?

The Nels, Cline Singers, Chris Potter, Marc Jonson, Tim Miller, Wes Montgomery, Jimi Hendrix, Kurt Rosenwinkel, Kenny Garret…

 

img_9450

Што музика слушате освен џез?

Не сме сконцентрирани на слушање и преслушување на одереден тип на музика. Музиката ја одбираме во зависност од расположението и денот. Едноставно нашето уво е адаптибилно на повеќе стилови и жанрови на музика.

Дали сте дел и од некои други музички проекти?

Да, секој од нас има и други авторски и кавер состави:

Сенад (труба) е дел од Тумбао Салса Бенд, како и член на Биг бендот (МРТ).

Борислав (саксофон) е дел од бендот на Тони Зен-Флека, Лабаво Лавабо, Vladimir Cetkar sextet исто така и тој е член на Биг бендот (МРТ).

Марко (контрабас) e дел од Offbeats и Blue Mist.

Виктор (тапани) е од Toni Kitanovski Тrio, Vladimir Cetkar sextet, Barbarella, Labavo Lavabo

Горјан (гитара) свири и во The Black & Vice Social Club, South Park Тhe bаnd и Alcos Saloon.

img_9421

Што ново ќе ни сервирате? Кои се вашите планови во иднина?

Првиот ЦД албум ни е испечатен и доставен баш пред неколку часа. Планираме промоцијата да ја направиме на 09.11.15 во Барбакан Бистро бар со почеток во 20 часот. Понатамошниот план е да се продолжи со промоција низ градовите во Македонија, а најверојатно и надвор од нејзините граници. При крај сме и со нашиот втор албум, кој ќе почнеме да го снимање во февруари 2016.

 

img_9384

Како дечко со скромно познавање (повеќе љубител на џез звуци) овој прв албум на Fierce пробуди чувство на среќа и задоволство. Mакедонски производ со одличен џез звук. Гласам Fierce да ги гледаме на следниот Скопје Џез Фестивал.

П.С. Се гледаме на промоцијата на првиот албум на Fierce на 09.11.15 во Барбакан Бистро бар во 20 часот.

 

Галерија

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

Comments

comments