Овој четврток, 21.12.2017, со почеток во 20:00, под диригентската палка на Џеси Милинер, Македонската Филхармонија, ќе свири дела од господинот Драган Ѓаконовски Шпато, корифеј на современата македонска музика и култура.

Ќе свират по повод 30 години од неговата смрт. Наше е да присуствуваме, ужуваме и оддадеме почит на нашиот духовен татко, човек кој сè уште нема завземено адекватно место во историјата на нашата држава и култура, ниту пак во свеста на нашите луѓе.

Време е да бидеме адекватно информирани и да ја осознаеме сопствената вистинска културна историја, во борбата да се почитуваме и сакаме себе си. Овој мој напис, кој има користено знаење и наводи од книгата „Драган Ѓаконовски Шпато – Музичка Легенда” на господинот Ванчо Димитров, има токму намера да ве подбутне во тој правец.

 

 

Македонската популарна (поп) култура започнува во 1947 година, прецизно во мигот кога Драган Ѓаконовски Шпато е истеран од средното музичко училиште, поради тоа што свирел џез музика и севдалинки.

Најталентираниот, најуспешниот, апсолутниот слухист, а времето ќе покаже и создателот на современата македонска популарна музика, култура и начин на живеење, нецеремонијално отстранет од образовниот систем, како симбол за нашата повеќедецениска државна и културна импотентност да ги препознаеме и негуваме најдобрите помеѓу нас.

Што, за овој дубиозен настан има да каже господинот Илија Пејовски, all around маг на македонскиот џез: „Она што искрено ќе го кажам за тој човек е што живеел во лошо време. Значи, не на погрешно место, туку во погрешно време. Тоа е време кога ако свириш џез, си отпадник. Шпато беше истеран од средното музичко училиште затоа што свирел севдалинки, за нив џезот и севдалинките беа исто.”

Значи нашиот херој ја преферирал онаа другата музика, прогонувана, анатемисана од „класичарите“, особено од снобовите без слух од „високото општество“ на Скопје во доцните 40-ти, на кои Драган, со не мала доза на иронија им се потсмева: „Знаете јас ги обожувам Бетовен, Верди, гинам по музиката на Моцарт и Леонкавало… еј, кога опинок ќе облече лакирани чевли, а со црвената книшка се лади. Да ти се слоши“!

Ќе приметите дека лакирани опинци кои се ладат со партиски книшки се мошне актуелни и денес и ја креираат сеопштата и секако културната атмосфера во која живееме. Но огромна е среќа што Шпато живеел во тоа „погрешно време“ и го правел тоа што го правел, дами мои и господо, оти ние денес нема да бевме вака слободоумни и креативни со нашата музика и начин на живот.

 

 

Тој едноставно бил предодреден да создава музика, да формира оркестри, да шири музичка култура. На тоа ги трошел и својата генијална дарба и својата огромната енергија, го трошел всушност, целиот свој живот. Самиот истакнува дека негова животна мисија е создавање „Традиција на џез и евергрин музика во Македонија“.

Автор или аранжер е на речиси сите македонски песни/хитови од времето кога светот бил сè уште црно-бел. Кога светот почнал да постои во боја, продолжил неуморно со својата креација, а врвот на својата композиторска кариера, според мене, ја доживува во 70-тите, кога компонира за неверојатните, и кај нас, секако недоволно признаени Импулси.

Господинот речиси воопшто не спие: пишува, аранжира, снима, слуша, диригира, едуцира, доживува мозочни удари…. Македонското општество одговара со потполна негрижа, игнорирање кога се во прашање награди, признанија, финансии, авторски концерти, изданија. Тек нешто пред смртта го добива единственото аудио издание на 
кое мошне му се радувал: авторска грамофонска плоча која ќе му ја издадат Сојузот на композиторите на Македонија и Македонската радио телевизија и која тој со гордост им ја покажувал и им ја подарувал на своите колеги и блиски пријатели.

Шпато не бил подлизурко, ниту фолирант и никому не се додворувал за било какви привилегии. Сметал дека секој треба да биде вреднуван според својот труд и негово било да се бори за квалитет и достоинство на музиката и музичарите.

Тој жали што Македонија нема своја дискографска куќа, а ги снабдува другите куќи во Југославија со винил (фабриката ОХИС), „па потоа мора да ги моли за снимање на плочи на нашите великани: Манчевски, Бадев или Блага Видец… и на преостанатите во народната, забавната и сериозната музика“. Не можејќи да најде никакво оправдување за тоа, проблемот го лоцира во политиката, па вели: „Но, во таа музика нема ништо политичко. Воопшто, во убавата музика нема политика, таа е историја на еден народ, во нашиот случај вековно угнетуван народ, кој веќе 40 години гради светла историја. Тоа треба да се почитува и чува“.

Понатаму, Драган Ѓаконовски е разочаран што ни недостасува организираност. „Треба да се негува ОРГАНИЗАЦИЈА. Забораваме дека економски најразвиените земји во целиот свет: Америка, Западна Германија и Јапонија на организацијата трошат милиони, но заработуваат милијарди, а единствена мерка на вредност им е само квалитетот, а не титули и кој колку образование има.

 

 

Ако ја запрашате македонската држава за музички величини, таа ќе одговори со споменик на Тоше (немам ништо против него, но тој е само мегапопуларен изведувач на туѓа музика со дискутабилна историска вредност), со концертна сала наречена Тоше, или уште појако: Александар Македонски.

Кај нас, државата е кормиларот на македонскиот културен геноцид. Зборувам за едно мачно и оптегнато самоубиство. Нејзината драматична и традиционална неспособност да препознае и негува автентична и напредна жива култура е ракетното гориво за македонскиот примитивизам кој владее со децении.

Денес живее првата генерација која успева да ги препознае, осознае и слави капиталното дело и личност на Драган Ѓаконовски Шпато. Тоа се случува само поради фактот што денешната културна средина може самостојно да изгради став и однос кон светската култура и да ја спореди со нашиот локален развој.

Ние денес сме сосем свесни дека она што било визија и мисија на Шпато е наша секојдневие, наш бенифит од неговата животна заложба. Наречете ја поп култура, наречете ја судбина, наречете ја како сакате…. но време е овој човек да го добие заслуженото водечко место во номенклатурата на она што сакаме да го претставуваме како наше парче од реалноста.

Господинот Драган Ѓаконовски Шпато е наш духовен татко и како таков треба да биде третиран.

 

Comments

comments