Едно нешто жалам – иако имав прилика да ги запознаам сите членови на Флека, успеав да поразговарам само со Тони Зен. Од неговите зборови успеав да дешифрирам дека станува збор за бенд кој едноставно сака да свири. Нема никакви задни врати и Б-планови, само искрена желба за остварување на заедничка визија.

По пат накај договорената локација за интервју, повеќе мисли ми се вртеа низ глава: дали новата бомбица во Вега е добра, дали новиот Star Wars дел ќе ме разочара, ама најмногу за тоа како Тони пред одредено време важеше за главна хип-хоп фаца на овие простори. Концерти со по 9000 народ, популарност, огромна база на фанови, девојки што кубат коси…

Значи, по логичен редослед на работите мораше кога-тогаш таа негова културна инфлуенца (која е неминовна) да се канализира во нешто што би значело еволуција на звукот, односно поголем проект (во форма на бенд) кој ќе звучи професионално. Што значи, проектот „Флека” на прва можеби нам ни изгледаше како изненадување, но ако соберете 2+2, ќе видите дека се работи за продолжување на културното дејствување на едно друго ниво.

Ред е да му дадам збор на мојот соговорник – Тони Зен.

Разговорот го започнавме со разјаснување на моите дилеми околу тоа кога и како се создаде Флека. На тоа добив објаснување се работи за идеја која тлеела уште од дамнешни времиња, и тоа со една, заедничка цел: САМО ДА СЕ СВИРИ. Значи, со дел од членовите (Баге, Нино Васков, Гоги и др.), Тони бил пријател уште од пооддамна (го прателе на неговите соло концерти), така што веќе се разбирале и имале заеднички јазик. Се чекал само погоден момент.

На тоа Тони додаде: „Нашата идеја беше да се собереме и да свириме, не веднаш да оформиме бенд, туку постепено (не треба да гледаме колку скали има, почнуваме од првата).”

 

Инаку, Флека пред да стане бенд, бил еден проект на Тони, чија замисла била создавање на бренд кој ќе служи како платформа за подршка и развој на млади уметници и артисти. Тони за таа цел направил лого (со помош на ДЈ Номадус, воедно поздрав и до него), и бил на прагот да го пушти во етерот каде првично би соработувал со уметници кои би дизајнирале маички на тема Флека. Но за оваа идеја никој не знаел (освен неколку блиски пријатели). Оваа страна на Флека никогаш не заживеала. Но, Флека си го најде својот дом, со самото формирање на бендот називот си влетал како кец на десетка.

П.С. Името Флека потекнува од детството на Тони кога тој постојано се флекал (според него, и леблебија да му дадеш ќе се исфлека).

За време на ембрионската фаза на Флека, 2014 година, Нино Васков направил нови аранжмани на веќе постоечките песни на Тони. Неколку постави на бендот се смениле, за официјално Флека да се роди со промотивниот концерт во „Кино Фросина, МКЦ” (март, 2015). Мала дигресија: Наскоро ќе биде пуштено видео од тој настап на некоја од нашите телевизии. После тоа следува концерт во „Станица 26”, а од тука веќе започнува да опстојува Флека како таква, како нешто ново и иновативно на нашата сцена.

Овој звук и иновативност според зборовите на Тони потекнува од тоа дека:

„Никој од нас не е еготрип и себичен, учиме секој од секого, имаме исти идеи, желби и соништа. Сите сме од различни музички области но дејствуваме со една заедничка идеја, а тоа е огромната желба да свириме и креираме квалитетен звук”

 

Сепак, можеби главната инспирација (освен свирење) биле The Roots. Уште од 90ите Тони бил навлечен на The Roots и нивниот звук. По извесно време се идентификувал и поистоветувал со нив, ги пронашол вистинските луѓе и оформил бенд кој би се движел во таа рамка. Слични вакви обиди Тони имал и во 2006 година кога со „Eye Que” настапувал по клубски свирки со свој фристајл и рецитирање на неговиот тогашен хит „Скопје, мој град”. Бидејќи не е образован музичар, за неговиот дел во оваа приказна тој вели:

„Мојата (и на Сиги) улога е да го додадеме тој хип-хоп/грув момент, за кој е потребно да имаш уво преполно со преслушана музика. Ако не го пoседуваш, еднoставно ја губиш твојата улога”.

Реакциите на македонската публика и јавност се позитивни, пред сѐ поради фактот дека Тони направи потег кој многумина не можеа да го предвидат. За ова Тони изјавува:

„Сега сме во фаза каде правиме една селекција на нашата публика (не во буквална смисла), т.е. не се ориентираме кон правење на кавери или исполнување на желби. Нашата идеја е да креираме и создаваме музика која пред сѐ на нас ќе ни се допаѓа, а потоа публиката сама ќе си се групира и селектира. Така што секогаш ќе има луѓе кои ќе нè почитуваат и луѓе кои нема да нè почитуваат. Моментално пробуваме да видиме која е нашата вистинска публика. Тие што сакавме да изрегираат – изрегираа, со тоа сметаме дека сме на вистинскиот пат.”

 

Фокусот, освен пронаоѓањето на вистинската публика, е и на промоција во регионот, а пред сè во Македонија. По успешниот настап од ова лето на еден мал фестивал во Пловдив, најверојатно следната година Флека ќе биде дел од настани и фестивали на други локации ширум Бугарија. Желбата на Тони (па и на другите членови) за Флека е промоција на фестивали и настани од помал карактер (види, не дека би одбиле повик за настап на „Егзит”).

„Сакам Флека да биде дел од мали, топли и интимни настани, каде што би можеле да се прикажеме во вистинско светло. A додека пак настапот на голем фестивал сега за сега е примамлива понуда, но таму би биле една обична прашинка меѓу сите тие гиганти.”

Сепак за сето ова да се реализира потребни се и „досадните” финансиски средства. Па околу таа проблематика како и мислењето на Тони за позитивните и негативните страни на голем бенд е следен:

„Предноста на голем бенд е тоа што изгледа и звучи многу поквалитетно (што не мора да значи, постојат и бендови со двајца кои звучат неверојатно). Како друга позитивна страна е атмосферата и амбиентот кој може да ти го пружи еден голем бенд составен од квалитетни музичари. Сепак на крајот на денот, потребни се финансии. Е, тука веќе се јавуваат негативните страни, поради обемноста на бендот. За ваков бенд да функционира и живее потребни се настапи секоја недела, што не е случај кај нас. Па поради тоа секој од нас има странични проекти. Можеби не функционираат големи бендови кај нас (со ретки исклучоци) поради фактот дека пазарот е многу мал и можеш многу брзо да и здосадиш на македонсктата публика. Но ние сега за сега го туркаме и одржуваме во живот овој проект поради љубовта и ќеифот кој го имаме спрема него. Не сме водени од материјалната страна, не сме егоистични, туку само свириме.”

 

Кога сме веќе кај бендови, изборот на група со која би сакале да настапат падна на Jamiroquai (Тони веќе го има искусено тоа искуство како соло артист, како предгрупа на концертот на Jamiroquai во Софија). Исто така како фаворит за другите членови на бендот би билo и евентуалното појавување пред бендот Tower of Power.

Покрај желбите за заеднички настап со омилениот бенд, Тони ја „предвиди иднината” на Флека. За 5 години тој ја гледа Флека како бенд кој ќе има повеќе албуми со свои авторски, „флековски” песни, а тој ќе си продолжи со својата соло кариера. Но сепак, овие навидум два различни проекти кога-тогаш ќе се спојат поради својата компатибилност и испреплетеност.

Тука некаде ќе мора да прекинам со зборење и пишување затоа што може да ме кикнат од редакција поради предолги текстови и интервјуа. Морам да додадам уште збор-два на брзина – момциве навистина креираат звук досега непознат на наше тло.

 

Галерија

Фотографии: Мартин Пацов Саровски

Comments

comments