Фотографии: Александра Костадиновска

 

„Дезориентиран но свесен, одвратен но секси, Filch секојдневно те води низ машинеријата наречена живот.”

Но пред да влетаат Filch во твојот живот тоа што треба да направиш е да се појавиш на промоција на нивниот прв истоимен албум, која ќе се случи оваа сабота во кино Фросина, МКЦ со почеток од 20.00 часот.

Пред тоа помини низ делот во кој ние прашуваме, а Filch одговара. 

 

 

Кој е Filch?

Filch е измислен карактер чија приказна успешно се раскажува преку музиката. Сите „раскажувачи” на оваа приказна си имаат своја историја и свои влијанија и сите тие влијанија и искуства сега за сега доста успешно се претопуваат во Filch.

 

Која е приказната за вашите почетоци?

Идејата за формирање на состав кој ќе функционира со своја авторска музика постои одамна. Луѓето беа тука, но изгледа дека се чекаше на правиот момент. По извесно време, немајќи друг излез, мелодиите од нашите клетки мораше некако да се пренесат.

Како екипа која музицира заедно, дел од колективот на Filch (Дарко, Теодор и Златко) се собира пред околу 6-7 години со намера за создавање авторска музика. Во тоа време едвај имавме опрема за работа па почнавме со cover свирки под името „Онија Блузерине” за да можеме да заработиме доволно и да си ја купиме опремата што ни треба. Некаде подоцна во истиот бенд се приклучува и Гишо, а 6 години подоцна почнуваме да го снимаме овој албум заедно со Бранко, и на пола пат ни изгоре скоро целата опрема. Сепак, брзо застанавме на нозе со меѓусебна помош и со помошта на сите добри луѓе и колеги кои учествуваа во хуманитарните настани за оштетените од студиото Макотекс.

 

Претставите ни се, еден по еден – што е вашата улога во бендот и што правите надвор од Filch?

Гишо Динев модифицирање на ударни фреквенции во холистичен систем за управување со времето aka бубњар aka groove алхемичар. Надвор од Filch и другите музички проекти правам еден куп инцидентни ствари, од дишење до digital advertising.

Дарко Стојоски  гитарист / дизајнер / илустратор / магионичар. Човек кој малку зборува и му е тотално чудно да збори за себе во трето лице. Секојдневно флертува со аудиовизуелниот спектар.Во слободно време сака да спие.

Златко Андријевски мојата улога во бендот е гитарџија, поточно хармонски ритимичар (ако воопшто постои тоа, ако не, еве сега постои, и јас тоа сум), а во слободно време чачкам нешто столарија и чувар на интернет просторот.

Бранко Сапламаев црно-белата страна на Filch-от, тоа сум јас. Ги претставувам неговите крајности, непредвидливиот карактер и мистичноста на неговото битисување, сеопштата негова дејност, блуд и разврат, квази-емоцијата и конфузниот темперамент отсликан на клавијатура. Надвор од оваа приказна живеам за музика и се што е поврзано со keyboard. Учествувам во неколку музички дејствија, но сепак заспивам и се будам со Filch.

Теодор Бошков – басист или човек задолжен за хармонско-ритмички контури. Уште едно камче кое се тркала.

 

 

Што означува името на бендот?

За ова повеќе ќе каже Златко.

Златко: Filch, покрај тоа што е домарот во филмовите Harry Potter, е исто така и глагол со значење – да украдеш нешто од незначајна вредност. И ние го правиме токму тоа во нашата музика. Крадеме небитни моменти од нашите музички влијанија и креираме музика, некоја си своја.

 

Кажете ни нешто повеќе за вашиот прв деби албум насловен „Filch”, кој ќе ја има својата промоција оваа сабота во Кино Фросина? Колку време го спремавте? Каде е сниман?

На албумот има 11 инструментални приказни, преживеани од Filch, раскажани преку нас. Жанровски ни самите не можеме да ги етикетираме. На 4 песни од албумот имаме и специјални гости, меѓу кои Костадин Динев (усна хармоника), Филип Динев (гитара), Борислав Веселинов (саксофон) и Влатко Сапламаев (клавијатури). Повеќе ќе откриете на промоцијата во сабота. Се разбира, албумот или ви се допаѓа, или не. Исто како и Filch.

Кога станува збор за подготовката на албумот, не би можело да се каже колку точно време го спремавме албумот, со оглед на тоа што некои од темите постојат и од пред да се појави Filch. Горе-доле едно 25 години.

4 песни од албумот се снимани во фамозното Макотекс студио непосредно пред да избие пожарот кој ги голтна сите наши инструменти и опрема.

Подоцна, останатите теми се снимани во Богданци, во домашно импровизирано студио. Целото снимање, пост-продукција и мастеринг е од страна на Ѓорги Вацев.

 

 

Кој стои позади дизајнот на омотот?

Како и зад целиот визуелен идентитет. Дами и господа – единствениот Дарко Стојоски aka Даре Гитара. Одма најдете го на Instagram.

Како соучесник на визуелен план е и Вања Шереметковски кој ја направи репетитивната анимација и илустрција за последниот сингл кој што го споделивме на социјалните мрежи со наслов „Cunty Loop”.

 

Кои се трите актуелни македонски и странски артисти кои според вас, треба да ги знаеме?

Само три? Океј.

Македонски: The Black & Vice Social Club, Fierce, Филип Динев, Мухамед Ибрахими, Апсаздан, Pluto’s Doubts, Man In A Suit, Anna O, The Planktons..

Странски: Kneebody, Paris Monster, Hiatus Kaiyote, Martin Medeski & Wood, Snarky Puppy, Mark Lanegan, Vulfpeck, Son of Dave, Paul Jackson Jr., Valeriy Stepanov, Jeff Lorber, Katarzia, Irie FM, Anderson Paak..

 

 

Comments

comments