Видео и фотографии: Елена Героска
Арт дирекција: Димитар Попов

 

///

 

#Скопје #Атина #Бразил #графити #илустрации #TheNational #другарство #виножита #монстерчиња. Кога раскажувамe за Иван Петрушевски (FLIM) сите хаштази и епитети се позитивни и шарени.

Бевме кај Flim дома и освен што ни откри неколку мали тајни, знајни и незнајни нешта за него и неговиот живот, тој реши тазе роденденски да ги почасти Риборновци со најновиот графит (премиерно претставен во видеото).

 

Што прави Flim сега?

Си продолжувам да работам за Tamasenco и правам туторијали за луѓе што почнуваат со илустрација и графички дизајн. Исто така подготвувам самостојна изложба што ќе се случи во јуни во Италија, во гратчето Канели, каде патем живеат многу Македонци.

Следната година планираме заедничка изложба во Скопје со брат ми Јован, кој е уметник по професија. Јас сум историчар на уметност. Тој е човекот со кого најмногу се разбирам, па во план ни е да ги споиме неговиот сериозен и мојот понесериозен стил, па ќе видиме каква комбинација ќе излезе. Можно е да биде во МКЦ — со нив имам прекрасна соработка, но сепак рано е за било што официјално.

 

Од каде дојде потписот FLIM и карактерчето препознатливо по FLIM?

Па кога цртав и доаѓаше моментот да се потпишам не ми oдеше да пишам Иван. Тогаш гo слушав Aphex Twin, кој има песна Flim. Ми се свиѓаше како звучи, истражив, немаше некое значење или други имиња. Можеби е „misspell“ на FILM… И такa го употребив еднаш, два пати, три пати и остана со мене. Кратко и концизно. А и убаво се вклопи со RUKI.

А за карактерчето, од кога знам за себе. Ама најблиску до ова сега е во 2005та. Тогаш си работевме со Псила која баш ме инспирираше. Псила е македонската уметница Елена Стојанова која веќе не е во Македонија и многу ми фали за дружење и цртање. Она е еден од најдобрите цртачи кои ги имам запознаено. Тогаш ми беа посериозните почетоци на цртањето.

Потоа во 2007ма ја запознав Ruki и тогаш мислам дека скроз ми се отвори таа дизна за цртање, зошто конечно имав другар со кој можам да цртам, да се зезам, едноставно да се надополнувам. Сега веќе јас и Ruki позади нас имаме 2 изложби, направени во хармонија без нервози спонтано, со многу труд и позитивни мисли. Трета сигурно ќе има, ама не знам кога.

 

Flim x Reborn 1

 

А кое е всушност карактерчето, има ли личност?

Па веројатно јас. Мислам дека секој уметник го прави тоа барем кога црта фигура од својот пол, потсвесно кон себе цели. Нормално сo текот на времето човечето се менува и еволуира. Ги редуцирам линиите и формите, гледам да е поедноставно. Порано имав поголеми веѓи и нос. 🙂 Всушност станува по претпознатливо. Тоа е како сега во град да видам цртеж од Драш или Ruki, рака сечам дека одма знам дека се нивни, не мора потпис да има.

 

Работиш само под инспирација или можеш да твориш и кога мораш?

Па немам проблем да цртам било кога, работам под притисок, и излегуваат ОК ствари. Така беше и со Херои и Нули — за релативно краток период ја завршив изложбата, за мене многу драга.

 

Да живее инстаграм! Видов си шетал во Бразил. Изгледа магично. Што правеше таму?

Шетав и имав прилично набиен распоред. Уметничкиот дел и графити културата во Рио и Сао Паоло е прилично инспиративна, веројатно последнава графити серија ми беше токму од таму инспирирана. Толку видов улична уметност, секаква уметност што си реков, па зошто не во Скопје? Сите сме некако тука заспани, уморни, како некаква летаргија да владее.

 

flim-2

 

Да треба сега да го нацрташ Скопје, која боја би преовладувала?

Жолта и портокалова — омилени бои ми се. Пробувам да сум позитивен, скоро и да не ставам црно бели фотки. Сакам шаренило – му фали на барокното Скопје. Еве Сао Паоло, град со прилично видлива сиромаштија, е сепак шарен, насмеан и во сите бои. Не знам, луѓето се среќни и насмеани. Не го видов ова тука што се случува.

 

Кажи нешто околу селфи проектот што ти кружеше низ светот и останатите твои изложби.

Да, тоа беше на Пиктоплазма (голема заедница на луѓе кои цртаат карактери, човеколики анимирани ликови и објекти), каде задачата беше да постои персонификација, да бидат прилично живи карактерите. Изложбата беше во Берлин, Монтереј и САД. Исто така учествував на друга групна изложба наречена „Крајот на светот“ во Buenos Aires. Мојата визија за апокалипса беше жолтото човече што крши згради. Во Атина имав исто така неколку групни изложби.

 

Раскажи ни ја приказната за календарот за американскиот инди-рок бенд The National!

Сосема случајно испадна, беше мој личен проект во 2011. Имав потреба креативно да се изразам и опуштам после еден стресен период во мојот живот. Првенствено направив многу мал тираж — мислам 24 примероци беа на крај, ни за мене не остана. Се појави голем интерес, се прошири по социјалните мрежи и на форумот на The National, па така после 3 месеци ми пиша и менаџерот на бендот за да ми каже дека стигнал до нив календарот и дека многу им се допаднал. Беше март па решивме да се пушти од следната календарска година на нивниот официјален сајт и по концертите. Се договоривме собраните средства да бидат донирани во добротворна организација, по мој избор. Така и беше. Ги донирав во Американски институт за истрага против меланом. Болеста од која непосредно пред календарот почина татко ми.

 

Flim x Reborn 2

 

Најграфити град што си го посетил?

Па Рио и Сао Паоло. Таму графити културата е на сосема различно ниво. Не се бунат граѓаните, едноставно ги сакаат сите графити и ги поддржуваат уметниците. Многу карактери, многу малку букви, многу бои и голема експресивност. Така изгледа графити културата таму. Едноставно си бомбардиран со информации и не знаеш каде да се завртиш. Исто така град што го посетив и ме изненади за графити е Рејкјавик. Многу графити по цели згради. И Атина се разбира, што реално е нервозен и набиен град, но графити културата е на многу високо ниво.

 

Кој те забележа прв, за кого работеше на почетоците?

Drum and bass заедницата. Tогаш во Кастро имаше настани и почнав да правам флаери и постери за нив. Сега веќе гледам дека во Македонија сé помалку се почитува тоа, доста содржини се украдени и неавтентични. А има прекрасни млади уметници кои реално можат да го прават тоа и да им се даде шанса. Треба повеќе да се поддржуваме меѓу себе.

 

Comments

comments