Скратена верзија објавена во „Портрет“ (февруари 2017)
Фотографии: Елена Фиданска

 

Земјотрес е фестивалска платформа на независната македонска музичка сцена.

Место каде што независните дискографски куќи и бендови, еднаш во годината, го демонстрираат она што е најново и најактуелно сработено во сферата на нивната музика.

Фестивалот е инициран од лејбловите 69 Records и Направи Заедно (денес Балкан Велики), кои заедно со PMG Recordings се во самото идејно и организационо јадро.

Основната идеја беше да се создаде една прогресивна платформа на независната музичка култура во Македонија, каде што буквално секој бенд/лејбл, без разлика на музичкиот стил или степенот на популарност, ќе има можност да се претстави на еден сериозен фестивал и тоа пред што е можно побројна публика.

Петтото издание на Земјотрес не очекува во сабота 4 февруари, во Младинскиот Културен Центар, Скопје. 25 бенда, 3 стејџа и 1 љубов кон македонската квалитетна музика.

Фонија за мене е еден од најинтересните бендови кои ќе настапат оваа година. Токму затоа, поразговарав со Дени Крстев, најистуреното лице на еден од моите најомилени македонски бендови во последните години.

 

 

Фонија во моментов актуелни со новиот Е.П. „Човек од стакло”. Одлично издание, а особено од аспект на јасната промена во звукот на бендот, која мене лично, неверојатно ми годи. Дали ова поместување на звукот кон некој полнокрвен поп е инцидент, или тоа е можеби новиот правец во кој ќе се движи бендот?

Фонија во април ќе наполни 10 години, логично е да се менуваме постојано. Амбициозни сме и сакаме да звучиме подобро со секој нов албум, а со годините се менуваат и критериумите за она што значи да „звучи добро“. Во секој случај, жанровите и музичките стилови се измислени за полесно да се продаваат плочи. Суштината е во текстовите и филозофијата на бендот, а таа не е драстично променета од почетокот.

 

Дали ова ЕП го најавува излегувањето на новиот ЛП на Фонија во 2017? Дали може да добиеме sneak preview од неколку зборови за новиот албум?

Да, работиме на нов албум, а во меѓувреме ќе излезе и уште едно ЕП за Балкан Велики. Албумот текстуално ќе се држи до старите теми, се разбира, од аспект на 25-годишен човек што решил да остане во оваа земја и тука да го јаде лебот (или да гладува?). За среќа, тука барем има за што да се пишува… Да ти е страв да се заљубиш, зашто знаеш дека љубовта сонува да ги спакува куферите и да отиде некаде каде што гледа иднина. Тука и љубовта е политичка категорија.

 

Фонија е сега бенд на лејблот Балкан Велики. Дени Крстев е еден од луѓето позади овој, во моментов извонредно амбициозен лејбл. Како стојат стварите на тој фронт?

Балкан Велики е концепт на Васко Атанасоски, човек што има волја за три животи. Освен тоа, лејбл што го води музичар, човек што ги знае сите маки и желби на музичарите од прва рака, не може да биде лоша идеја. Среќен сум што сум дел од таа приказна што допрва ќе се развива, а и на Фонија ѝ ласка такво фино друштво, меѓу сите тие живи легенди.

 

Во последниве години Дени Крстев е член и на најуспешниот македонски бенд на новото време Bernays Propaganda. Кажи ни нешто повеќе за соработката со Тина и Васко и твоето искуство како член на овој ужасно вреден бенд.

Искуството со еден збор е – бесценето. Добро е да се види од внатре како функционира еден таков бенд. Напорна работа втемелена врз искрено пријателство очигледно е добитна комбинација. Од Васко и Тина научив многу за животот воопшто, не само за музиката.

 

 

Последниве години се чини главно ги поминуваш во сопственото студио, потполно посветен на твоите, но и продукции за други музичари. Дали се гледаш ви иднина како студиски гуру?

Отсекогаш ме фасцинирала моќта на фреквенциите. Со векови се користат и како терапија, и како оружје. Мене ме интересира ова првото. Како музичар, сакам емоцијата на песната да биде отсликана и во соничниот амбиент на снимката, па се трудам тоа да го направам и за другите со коишто работам. Затоа се и Martin Hannett и Брацо Зафировски (продуцентите на Joy Division, New Order и Леб и Сол, заб. на авторот) мајстори на својот занает. Таа е школата што сакам да ја преземам и ќе продолжам да работам со тоа начело.

 

Кои македонски музичари/бендови би ги издвоил како особено интересни за тебе?

Sunset Cruise, Мариналеда, YÖU, The Planktons, KHARA, K.N.N.T., Leitmotif, SUSIJAT

 

Како си задоволен од македонската музичка сцена?

Тука секогаш имало добра музика, но тоа не значи дека сцената е силна. Секогаш примерите од кои што сме можеле нешто да научиме се броеле на прсти, што доволно говори за сцената. Затоа турнеите се важни, можеш да видиш како тоа се прави на Запад, да споредиш, да го отфрлиш тоа што не ти се допаѓа, а да го искористиш она што сметаш дека е добро. Сѐ повеќе и повеќе бендови свират надвор од Македонија во последниве години и тоа се чувствува. Ќе биде уште подобро.

 

 

Дали на себе гледаш како на професионален музичар и дали е тоа патот по кој планираш да се движиш?

Можам слободно да кажам дека професионално се занимавам со музика, затоа што сите финансиски приходи ми се од музика (од бендовите, студиото, работа на концерти…). Ако другата опција ми е професор по филозофија во средно школо, бирам рокенрол.

 

Фонија настапува на веќе реномираниот фестивал на независни македонски дискографски куќи, Земјотрес. Оваа година го одбележуваме петтото издание. Што за тебе претставува овој фестивал. Како гледаш на него?

Земјотрес е една убава приказна и мило ми е што не заврши во рекордно кратко време како повеќето убави скопски приказни. Тоа е една од (за жал) ретките прилики да се видат луѓе од различни возрасти, професии, вери и политички убедувања на едно место, со убав повод.

 

Comments

comments