Петте танчери собрани од неколку места во Европа и конектирани во инспиративниот Берлин, познати како „Франтикс денс компани“, ексклузивно за Reborn ни одговараат на неколку прашања поврзани со нивната работа и лична филозофија.

Овие енергични и кул дечки ќе настапуваат во петок на отворањето на Паратисима во Кино Фросина во 22:00 часот со експерименталното танцувачко дело „Senz”.

Ние веќе ги загреавме мисловно, останува уште да ги видиме нивните танчувачки способноси на дело!

Кои сте и што правите?

Ние сме танцувачка група, од Шпанија, Италија и Грција, но сите се запознавме во Берлин, кон крајот на 2013-та година. Пет членови сме, четири дечки и една девојка. Дечките всушност се „брејк-денсери“, а девојката игра современ танц. Кога се запознавме, сфативме дека имаме една заедничка потреба – да создадеме нешто различно во светот на експерименталниот и современ танц. Започнавме да работиме со основни танцови движења и кореографии, со хип-хоп и „брејк-денс“. Нашата идеја беше да го надминеме сето тоа и да почнеме со истражување и импровизации, затоа решивме да ги изучуваме современите танцови техники, кои потоа се обидуваме да ги измешаме и да создадеме наш сопствен јазик.

 

IMG_5200

 

Дали луѓето се слободни робови или суштества кои зависат од својата реалност? Дали имате одговор на ова прашање?

Луѓето не го поседуваат својот живот. Моето мислење е дека не одбираме каде сме родени, не го одбираме нашето семејство или пак какви можности ќе имаме за образование, така што на некој начин, да, навистина сме робови, но на нашите околности и прилики.

Животот е толку динамичен и хаотичен и нѐ става во различни ситуации кои можеме однапред да ги одбереме, некој мал пат чиј крај нѐ води во некој друг, а тој во друг и така натаму, сѐ додека на крајот, од целиот тој хаос на реалноста и животот, навистина не сме во можност многу да бираме. Робови сме на пригодите што ни ги приредува универзумот, односно робови сме на хаосот на универзумот зашто сме дел од него, но барем за нас, „Френтикс“ е нешто со кое сакаме да создадеме малку хармонија во целото ова безредие.

 

IMG_5117

 

Кои се вашите танц икони?

Израел Галван (Israel Galvan), Хофеш Шехтер (Hofesh Schechter), Акрам Кан (Akram Khan), се некои од нив. Тие се луѓето што ги скршиле правилата на сопствените корења и создале нова и свежа визија од современиот танц.

Дали се чувствувате најслободни кога танцувате?

Не, не секогаш. Не се чувствуваме толку слободно кога имаме час по балет. Но, ние сме „брејк-денсери“ и ја имаме слободата на движењето, ја носиме во себеси и кога сакаме, можеме да бидеме навистина слободни. На сцена сме ѕверови, животни – и токму ова сакаме да ѝ го пренесеме на публиката; дека ѝ се навраќаме на слободата што ја имаат животните ослободени од синџир, се навраќаме на корените, се врзуваме за чистото и „вулгарно” движење.

 

IMG_5192

 

Како уметници, кој е вашиот впечаток од Скопје?

Многу е кул што сме овде, атмосферата е скроз различна од онаа на која сме навикнати на пример во Берлин или низ Европа. Тука се чувствува сиромаштијата, но истовремено и потенцијалот на местото, микс е од многу култури и понекогаш таквиот микс може да доведе до хаос, но од тој хаос, како што и претходно кажавме со моќта на луѓето, може да стане нешто што ниедни пари нема шанси да го купат.

 

Comments

comments