Frantics („Франтикс“) е нова видео-игра наменета за светски пазар на која работеше тим Македонци. Промоцијата на играта ќе се одржи во среда (7 март) во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Зад Frantics стои компанијата за видео-игри NapNok Games, чие централно седиште е во Копенхаген, Данска, меѓутоа има и свое претставништво во Скопје. NapNok Games постои седум години и досега има добиено бројни награди во областа на видео-игрите.

На играта вкупно две години работеа 70-тина артисти, дизајнери, програмери и тестери, од кои 27 од Македонија.

„Возбудени сме што конечно можеме да зборуваме за Frantics, една од првите игри што е ексклузивна за плејлинк-платформата, која подразбира комбинирање на паметни телефони, телевизија и PlayStation 4. Фактот дека преку телефон може да се игра на PlayStation, зборува за отворени можности, кои гарантираат забава и ново искуство. Frantics е многу социјална игра, која открива нови технологии и начини на комуникација“ – вели Дајана Димовска, косопственичка на NapNok Games.

 

 

Станува збор за игра, која на четири играчи ќе им овозможи забава преку различни мини-игри. Frantics е игра наменета за сите, без разлика дали се искусни во видеоигрите, односно не се потребни специфични вештини за да се игра, што ја прави одлична за забава.

Frantics е направена во копродукција со Sony PlayStation, што подразбира директна соработка со еден од најголемите светски издавачи на видео-игри.

 

Comments

comments