Фотографии: Александра Костадиновска

 

Фриленсер е „титулата“ која сѐ уште нема соодветен превод на македонски.

Англискиот збор free-lance оригинално значел „слободен витез“, односно витез кој не бил врзан за господар, туку бил независен и се борел по потреба, за „плата“. Ова може да послужи и за опис на современиот фриленсер, кој не е врзан за сопственик или компанија, туку ги нуди своите услуги одреден договорен период, а потоа продолжува да работи на друг проект, за други работодавачи.

Ваквиот тренд на само-вработување од година на година расте. Според статистиките, во 2016-та година фриленсерите сочинувале дури 35% од пазарот на трудот на САД и заработиле 1 трилион долари, што е значајна сума дури и за американската економија. За средини како Македонија, каде невработеноста е висока, а пазарот мал, да се биде фриленсер звучи како конструктивен одговор на неповолната ситуација. Не станува збор само за „работа ради работа“, колку да се преживее, напротив. Покрај солидната заработувачка, има и други значајни придобивки, како независност, соработката со клиенти ширум светот, градење на богато портфолио и можноста сам да си ги диктираш работното време и темпото.

Но, и покрај очигледните бенефити и сѐ поголемиот број на луѓе кои се одлучуваат на ваков чекор, во Македонија сè уште постои недоверба кон секоја работа што се одвива на Интернет. Младите се подготвени со години да чекаат вработување или да прифатат било каква работа, затоа што се плашат од непознатотo. Дури и ако се подготвени да се обидат, не се доволно информирани, па често лутаат или се изложуваат на ризици кои би можеле да ги избегнат лесно.

Токму затоа, во престојниот период со вас ќе ги споделуваме реалните искуства на фриленсери од Македонија. Се надеваме дека нивните приказни и совети ќе ве инспирираат и ќе ви дадат соодветна насока да започнете, но и да се развивате како фриленсер.

Првата статија од серијалот ја започнуваме со Даниел Јанев – графички дизајнер и фриленс „ветеран“. Својата фриленсерска кариера ја има започнато пред 11 години, а зад себе има бројни проекти, но и работа во македонски агенции.

Препознатлив е по минималистичките логоа, а особена страст му е типографијата. Има искуство и како веб дизајнер и продукт дизајнер, запознаен е со сите сегменти на дизајнерскиот процес. Даниел го води првиот македонски блог за фриленсери Дезен, кој ни откри дека е во фаза на ре-дизајн и наскоро ќе биде апдејтиран со нови содржини. Воедно е и предавач на Brainster курсевите. Дел од неговата работа може да погледнете на Dribble.

 

 

Се сеќаваш ли на почетоците? На која мрежа почна и за колку време ја доби првата работа?

Да, прва мрежа на која почнав беше Deviantart, a првата работа ја добив преку Dribbble после 2-3 месеци од креирањето на профилот.

 

На која од фриленс платформите си најактивен и зошто баш таа? Дали си запознаен со останатите?

Во последниве неколку години само на Dribbble. Целиот концепт е осмислен како игра, а и некако најмногу одговара за лого дизајни. Имав профили и на останатите, но едноставно премногу време одзема да си активен на сите. Затоа најдобро е секој фриленсер сам да одлучи која најмногу му одговара и да се држи само на една.

 

 

Си имал ли можеби некое лошо искуство како фриленсер?

На почетокот да, и тоа често. И искрено, најмногу со македонски клиенти. Не постојат пишани правила, секој клиент е различен и најдобро се учи од сопствените грешки и со искуство.

 

Освен како фриленсер имаш работено и со локални маркетинг агенции, па можеш да споредиш од „прва рака“. Каква паралела би направил за двете искуства и во однос на креативност и по прашањето на финансиска исплатливост?

Од досегашното мое искуство, во повеќето маркетинг агенции кај нас, можам слободно да кажам, дека сè помалку има креативност и дизајнерот сè помалку има право на збор. Практично, се исполнуваат само желбите на клиентите и ништо повеќе. Така да, би рекол дека и во однос на креативност и финансиска исплатливост, фриленсингот води со 2:0.

 

 

Колку сметаш дека нештата се сменети од времето кога почнуваше, па до денес? Дали можеби сега важат некои нови правила во фриленс играта?

Пред десетина години кога почнував, да се биде фриленсер беше навистина потешко, неисплатливо и несигурно. Социјалните медиуми и сите платформи за дизајнери многу помогнаа за поголема видливост, побрз фидбек и креативен натпревар со дизајнери од целиот свет.

 

Замисли млад човек, со познавање и љубов за дизајн, но без особено искуство. Како би го насочил да започне?

Најважно е да почне и да не престанува. Да работи и проба сè што е поврзано со дизајн. Само така ќе види што му „лежи“ и што би сакал да работи. Да се посвети и специјализира само во едно и да биде најдобар само во тоа. Да се инспирира, надградува и докажува секој ден. Натпревари, конкурси, јавни повици, настани, конференции, патувања… Да прашува и бара совети од поискусни.

 

 

За крај, сумирано, кои се главните совети кои би ги дал на дизајнерите кои сакаат да се обидат во фриленс светот?

Да не чекаат на идеалното време за да започнат, бидејќи така никогаш нема да почнат. Да бидат фул-тајм фриленсери и сериозно да си ја сфатат работата, зашто само така клиентите сериозно ќе ги сфатат нив. Да не бидат слуги на клиентите, туку да го продаваат нивниот дизајн. Една одлична книга, која им ја препорачувам да ја прочитаат е „Design is a job“ од Мike Monteiro.

И за крај, да знаат дека – агенциите го прават тоа што клиентот го бара, додека фриленсерите тоа што му треба. 😉

 

Comments

comments