Фотографии: Александра Костадиновска

 

Како што најавивме, продолжуваме со серијалот во кој локални професионалци ги споделуваат своите реални фриленс искуства. По разговорот со Даниел Јанев, кој ги советуваше дизајнерите, се селиме во веб-девелопинг сферата.

Овојпат си направивме муабет со Викторија Крстеска, млада жена која има повеќегодишно искуство и како фриленсер и како редовно вработена. Љубител е на сѐ што значи хај-тек, но подеднакво многу обожава и природа.

Таа ни откри дека често знае да си го земе лаптот и wi-fi рутерот и да замине од градот за да работи опкружена со зеленило. Зад себе има бројни успешни интернационални проекти и верува дека умешноста за комуницирање е пресудна и во фриленс светот.

Ова е нејзиното искуство и советите кои таа сака да ги сподели со оние кои допрва се одлучуваат на фриленс-кариера.

 

 

За почеток, раскажи ни нешто повеќе за твојата професионална позадина. Каде се образуваше и која дел од IT e твојата стручност?

Моја стручност е Примената на електронските технологии, според универзитетски назив. Но покрај студии на државниот универзитет во Скопје, имав и студентска размена/посета во Хрватска, што навистина беше едно добро и плодно искуство. Изминативе неколку години пак, работам како Web developer, во ИТ компанија тука во Скопје.

 

На која платформа беше твоето прво фриленс искуство. Опиши ни го накратко.

Моите почетоци (верувам како и на многумина други „јунаци“) се на Up work (тогаш познато како Еlance). Сè започна од чиста љубопитност. Најпрвин за да видам како сè тоа функционира и да видам дали навистина постои смисла позади фразата „работа од дома“.

 

Колку време ти требаше од отворањето на профилот до првиот клиент? Што би ги советувала апсолутните почетници околу овој дел? Што е пресудно за да те забележат? Сметаш ли дека тестовите на платформата прават разлика?

Најпрвин навистина ми требаше повеќе време додека го подготвив мојот профил. Ги направив и неколкуте тестови што мислев за почеток дека се доволни. И по неколку дена почнав да пребарувам по понудените работни позиции. Аплицирав, аплицирав, аплицирав…. сè додека не ги истрошив сите бонуси 🙂 Помина првиот месец, но немав одговор од ниту еден работодавец. Почеток на следен месец… повторно исто. Но за среќа кон средината на месецот за прв пат имав одговор од неколкумина клиенти.

Моја препорака е да не се откажуваат после неколкумесечна борба. Да пробуваат и да се обидуваат.

Некои од клиентите се фокусираат на веќе изработените проекти, искуството и мислење оставено од други клиентите за веќе завршените проекти. Но за почеток не е страшно доколку го немаат. Доволно е искрено пополнетиот профил, со добро поминати неколку тестови колку за потврда. Некои од клиентите го земаат како доста релевантет резултатот на тестот доколку немате некое соодветно искуство на платформата.

 

 

Имаш искуство и како вработена од 9 до 5. Во однос на финансиска исплатливост, каква паралела би направила? Дали фриленсот се исплати?

Да, дефинитивно се исплати. Но, со оглед на тоа дека сум вработена, не сум целосно препуштена на фриленсот, но постојано сум во контакт со многу луѓе околу мене кои се целосно посветени. Постојано работат и заработуваат.

Изминатите години поттикнав пријател да отвори профил на UpWork, кој имаше изгубено надеж во нашево општество за пристојна заработувачка. Можам да издвојам дека денес е успешно вработен како преведувач во една германска компанија, со полно работно време, но како филенсер.

 

Што се однесува до професионалното искуство и знаење, сметаш дека како фриленсер може да се научи и да се работи на проекти што ќе бидат предизвик, а не само техничка, неинспиративна задача?

Од моето досегашно искуство, се докажува фактот дека секој проект си има своја тежина и секој проект си побарува различни техники и принципи на работа. Дефинитивно, како фриленсер се учи многу, а најмногу од сè ја имаш можноста да си учиш и работиш по твој ќеф. Да грешиш на раат и да си учиш од сопствените грешки. 🙂

Со секој нов проект, се учат нови работа и се применуваат досегашните знаења . Но мислам дека и зависи од самата индивидуа. Колку самата таа би се впуштила кон нешто непознато, би нашла начин (научила) и би го направила.

Поголемите фриленсерски платформи генерално се фокусирани на посредувањето за работа помеѓу клиентите и фриленсерите. Но започнаа да нудат и курсеви за надградба на вештините, па секогаш можеш да си во тек со новите технологии.

 

 

Имаше ли некое непријатно искуство како фриленсер? На што треба почетниците да внимаваат во овој поглед?

Секој од клиентите си има своја замисла и свој план кога првично комуницира со вас. Но многумина од нив таа замисла за жал ја менуваат и по неколку пати во денот, часот, минутата. Затоа е важно фриленсерите, иако почетници, да пробаат да го искажат своето мислење и да најдат начин да бидат ислушани до крај од страна на клиентот / проект менаџерот и т.н. Во спротивно може да изгубат многу енергија (а, и мотивација) од премногу измени, корекции и вртење во круг до бесконечно.

 

Кои конкретни совети би ги понудила на колегите од IT индустријата кои сакаат да се обидат со фриленс. Каде да се обидат, на што да се фокусираат и сл.?

Би ги советувала да следат социјални медиуми и да ги ажурираат своите Linkedin профили. Постојат многу групи по социјалните мрежи каде секојдневно се објавуваат нови работни позиции. Би издвоила како добар пример: : FlexJobs – Telecommuting, Part-Time, Freelance, and Flexible Jobs. Или да се регистрираат на некој од сајтовите како Simplyhired – кој нуди многу работни позиции за најразлични професии. Исто така, на оваа платформа може да се работи и комуницира на повеќе јазици. Тука би ги издвоила и Toptal и Weworkremotely, со што би рекла дека Toptal е со подолг процес на аплицирање, селекција, тестирање.

Исто така, како дел од моето искуство би споделила и дека организираните конференции, јавни собири, настани, митапи придонесуваат многу за разменување на контакти, искуства и запознавање со потенцијални клиенти. Ги охрабрувам сите ентузијасти доколку се во можност да посетуваат настани од ваков карактер.

 

Comments

comments