Овој текст е објавен и во „ПОРТРЕТ“ (Ноември 2016)
Фотографии: Александра Костадиновска

 

Ова е четврти пат како Reborn содржина се појавува на страниците на „Портрет“. Уште во првата соработка ви ветивме дека ќе ве запознаеме подобро со локалните (не само) музичари, кои можеби сè уште не ги знаете, но кои дефинитивно го заслужуваат вашето внимание. Овој број тоа се младите FUNK SHUI од Скопје.

Во февруари 2010, во административните простории во МКЦ, за прв пат завибрира звукот на FUNK SHUI.

Тогашните членови, Лука (гитара и вокал) и Стеф (бас), веќе беа во длабока потрага по бубњар. А кога огласот во локалната сендвичара, на кој се читаше „се бара бубњар“ не помогна, Лука на единствениот начин кој му доликува на еден средношколец – за време на голем одмор, го регрутираше Давид.

Бендот „кликна” уште од првата проба. И покрај нивното неискуство како музичари и членови на бенд, хемијата, енергијата и уникатната фреквенција беа оние кои ја родија идејата (идеја под влијание на гранџ сцената во Сиетл, џем сесии и фанк музиката) која подоцна ја нарекоа Funk Shui. Веќе шест години по ред, истата таа фрекфенција сè уште ги води нивните проби и помогна Лука, Давид, Стеф и Мики (Мики го замени Стеф во 2013, кога Стеф започна студии во САД) да снимат два студиски албуми.

Со Funk Shui за прв пат се запознавме пред една година (минатиот декември) за време на „Што се тресе во МКЦ?“, мини-фестивалот кој тие го ко-организираа со помош на неколку пријатели. На евентот, за кој гласно и јавно изјавуваме дека беше еден од најдобрите локални случувања во 2015, ги гледавме Foolish Green и Pluto’s Doubt како настапуваат на една од најдобрите сценографии кои сме ги виделе на концерт во Скопје. Но сепак, настапот на вечерта беше колаборацијата на Funk Shui и Чиста Околина, кој нè потсети на концерт на Rage Against the Machine, со сала преполна со луѓе кои скокаат на музиката на овој хип-хоп и рок хибрид.

На некаков мистериозен начин кој вклучува врапчиња што зборуваат, дознавме дека Funk Shui моментално снимаaт видео за нивниот нов сингл, „Архетип“. Токму ова ни го привлече вниманието и нè натера да посакаме да дознаеме повеќе за приказната позади овој бенд.

 

 

Сè што досега сте снимале, заклучно со вториот по ред и за сега последен албум, „R.E.M.“ (2015) е снимено кај Мики во студио. Но последниот сингл, „Архетип“, го снимавте кај Ивица Јанкуловски – Штраф, во Студио Alshar, а Гино (Архангел) работеше микс и мастер на „R.E.M.“. Кажете ни нешто повеќе за ова искуство.

Поради економските и социјални причини, секогаш сè снимавме сами. Наместо во студио, тоа го правевме по куќи и подруми, користејќи ги знаењата и опремата на Мики, и целото тоа своевремено беше одлично. Уживавме во секој, и најмал момент од процесот – од снимањето, па сè до финалното комплетирање на ЦД-ата. Денес, сеќавајќи се на овие моменти, најрадосни сме за искуството кое дојде од нив.

Но помина одредено време, пораснавме, и се одлучивме за еден поинаков и попаметен пристап – снимање во професионално студио, кај Штраф, што беше токму какво што и очекувавме дека ќе биде, неверојатно и фантастично искуство.

 

На „Што се тресе во МКЦ?“, меѓу другите, настапуваа и Чиста Околина, кои и ние ги обожаваме. Раскажете ни за соработката со Ристо Солунчев. Како дојде до тоа да го издадете заедничкиот сингл „Ме газат“ во 2015? Освен Чиста Околина, со кој друг македонски музичар би сакале да соработувате?

Нашето дружење со Ристо Солунчев започна во 2014 година. Лука ги обожава Чиста Околина од кога го знам. Не знам како стигна до Ицко (Ристо Солунчев), но некако го исконтактира, го покани дома и му го пушти да го преслуша нашиот втор албум. На Ицко најмногу му се допадна „втората” песна, па така дојде до колаборација на песна што подоцна го доби името „Ме газат”, а на која што има семплови од Uber Macedonische од Aрхангел.

Соработката со целата екипа од Чиста Околина, нивниот настап во МКЦ, како и пробите со нив кои претходно ги одржавме беа многу возбудливи и автентични, и останаа како едно прекрасно искуство. Дефинитивно би го повториле тоа, би соработувале со секој артист, нов или стар, без разлика на жанрот, сè додека продуктот кој ќе произлезе од нас биде несекојдневен, кул и модерен.

 

 

Моментално работите на видео спотот за песната „Архетип“. Кажете ни нешто повеќе за спотот и песната. Со кого соработувате за снимањето?

Текстот на песната е прилично содржаен, алудира на психолошката дефиниција за архетипови. Инструменталниот дел на песната исто така има голема содржина, со различни ритмови, фреквенции и делови. За прв пат снимаме видео со играна содржина, односно со приказна која се одвива низ и заедно со целата песна. Снимаме на повеќе локации, користејќи статисти и костимографија.

Тимот со кој што работиме на спотот е фантастичен. Поздрав до Трики, Бруно, Дени, Марко, Игор, Серџо и Сара, како и сите пријатели кои помогнаа во досегашното снимање на спотот. Очекувајте спот на „Архетип“ набрзо!

 

Што е следно за екипата?

Многу ретко имаме конкретни планови, што значи скоро никогаш не знаеме што точно ќе правиме следно. Во изминатите неколку години се научивме да не планираме премногу, да се движиме по интуиција и flow. Има доста драфтови кои чекаат на нас за да прераснат во албуми или EP-иа, но сега за сега, се фокусираме на „Архетип“ и едвај чекаме да ја чуете!

 

 

Кои се трите актуелни артисти кои според вас, треба да ги знаеме?

Уф, тешко е да се издвојат по само три. Но океј, ќе направиме вака, еве ги првите што ни паѓаат на памет. Странски: Foals, James Blake, Kendrick Lamar; Домашни: Momix, Contact 59, Pluto’s Doubts.

 

Comments

comments