Фотографии: Александра Костадиновска

 

Од 2004 година до денес во холивудската приказна на мега-популарни филмови има и македонско делче.

Визуелната магија на овие блокбастери повеќе од една деценија се подготвува токму на нашето тло. А за квалитетот, покрај светската популарност на филмовите, сведочат и Оскарите.

FX3X е македонската компанија која ги создава специјалните ефекти на бројни холивудски хитови. Само годинава, тие имаат работено на 3 од 5-те филмови кои се номинирани за Оскар во категоријата за најдобри визуелни ефекти, односно на: „Guardians of the Galaxy Vol. 2“, „Kong: Skull Island“ и „Star Wars: The Last Jedi“. Портфолиото на FX3X е дел од врвни достигнувања како „The Aviator”, „The Life of Pi“ и франшизи од типот на „Game of Thrones“, „Terminator“, „Transformers”, и други.

Екипата на Reborn ја имаше честа да прошета низ просториите на компанијата и да поразговара со дел од тимот на FX3X. Бевме гости и во нивното 3Д кино, каде ни пуштија трејлери од бројните проекти на кои имаат работено. Да, имаат свое 3Д кино, кое го опремиле во 2010 година за свои намени, затоа што тогаш во Македонија сè уште немало кино за 3Д проекции.

А импресивна е и приказната за почетоците на компанијата, затоа што е доказ дека со љубов кон професијата, храброст и креативност може да се постигне светски успех, дури и од Македонија. Поради тоа, FX3X се изучува како дел од академскиот учебник „Кршење на мраз на претприемачки начин”, а во 2011 година во Варшава беше прогласен за Европски шампион за претприемништво.

Официјално, компанијата постои од 1997 година. Нејзини основачи се Кристијан Данаиловски и Миливоје Ѓорѓевиќ. Нивната желба отсекогаш била работа на холивудски филмови. Сепак, почнуваат прво локално и најчесто работат на македонски реклами. Многу брзо стануваат успешни, па го шират студиото во Белград, каде продолжуваат да работат во областа на маркетинг. Одлично им оди и на овој пазар, но првичниот сон за работа во филмската индустрија останува. Во 2004 се решаваат да го реализираат. За нивниот пат кон Холивуд ни раскажуваше Кристијан.

 

Кристијан Данаиловски, ко-основач на FX3X

 

Кристијан, кажи ни нешто повеќе за почетоците на приказната на FX3X. Како стигнавте до тоа да работите на холивудски филмови?

Во 2003 година имавме студиско патување во Лос Анџелес, каде што направивме сериозна анализа на пазарот. Едноставно решивме дека тоа е тоа и отидовме на сѐ или ништо. За учество на саемот во Лос Анџелес каде за првпат се презентиравме како студио на американскиот пазар, ги вложивме последните пари. Успеавме да добиеме штанд од 9 метри квадратни, едно од најмалите таму. Логиката ни беше дека ако не сме доволно добри сега, тешко ќе станеме добри за година или две. Тоа е тоа, подобро да не губиме време доколку не не бива. За среќа се покажа спротивното. Настапот на саемот беше голем успех за нас, таму ја добивме и првата работа на филмот „The Aviator“ на Martin Scorsese.

Интересно е да се спомне дека тогаш, пред 13 години, во Македонија немаше баш брз Интернет. Затоа моравме сè што правевме да снимаме на ДВД дискови и да ги испраќаме по FedEx пакети до Холивуд, за да може да стигнат на време пред филмот да биде објавен. Така почна нашата авантура со Холивуд.

 

 

Во 2006-та година лично вие добивате номинација за престижната Еми награда, како извршен продуцент на ТВ филмот „The Road to 9/11“. Како што знаеме, вие сте единствен македонец сте со вакво признание. Раскажете ни нешто за тоа.

По „Авијатичарот“, повторно работевме на реклами, овој пат за американскиот пазар, и имаше скоро година дена пауза откако повторно почнавме да работиме на филмска продукција. Прво работевме на една телевизиска серија, па уште една и имавме среќа третата телевизиска серија, односно „The Road to 9/11“ да биде приметена. Се сеќавам кога нашите канадски соработници на серијата ни пратија мејл во кој велат дека планираат да ја номинираат серијата за Еми. За мене тогаш тоа звучеше неверојатно, воопшто не размислувавме на таа тема.

Поприлично бев изненаден кога од Академијата добивме официјално известување и честитки за номинацијата. Беше многу возбудливо да се присуствува за првпат на таква манифестација и да се чекори на црвениот тепих заедно со сите големи ѕвезди. Иако не ја добивме наградата, самата номинација беше голема потврда за нашата работа и ни помогна за идните соработки.

 

 

Вашите успеси продолжуваат. Работите на филмот „Golden Compass“ кој во 2008-ма година добива Оскар за визуелни ефекти. Колку ова големо признание влијаеше врз понатамошниот развој?

Ова второ големо признаие значително додаде на нашиот кредибилитет. По него остваривме соработка со компанијата за визуелни ефекти „Industrial Light and Magic“, основана од Џорџ Лукас, а денес во сопственост на Disney. Првиот проект кој го работевме за нив беше „Terminator“. Поради нашата работа на овој филм, скопјани имаа чест да го гледаат „Terminator Salvation“ меѓу првите во светот. Организиравме претпремиера на 14 јуни 2009 година во киното во Ramstore.

По ова почнаа да се нижат соработки на холивудски филмови. До сега имаме работено на 104 холивудски филмови, а до крајот на годинава тој број ќе изнесува над 110 филмови.

 

 

За колкав обем на работа станува збор? Можете ли да извадите просек колку време работите на еден филм и со колкав тим од луѓе?

Тешко е да се каже конкретна бројка, затоа што обемот на работа не е фиксен, а и индустријата постојано се менува. Кога почнувавме, во филмовите имаше по максимум 50 кадри со специјални ефекти. Денес зборуваме за 2000 такви кадри. Тоа бара многу труд, луѓе и компјутери. На некои холивудски блокбастери работат и по 25 компании за визуелни ефекти.

Затоа, на некои филмови, работиме од почеток до крај, а на некои само во дел од процесот. Така, на пример, за „Tommorowland“ работевме на сите 93 минути од филмот. Во однос на нашиот труд, тоа значеше цела година работа, некогаш со тимови од 10, а некогаш со тимови од 50 луѓе. Од друга страна, има проекти на кои сме работеле само 2 минути од вкупната должина на филмот. Нема константа но, обемот на работа постојано се зголемува, како што се зголемува и користењето на визуелни ефекти во филмовите, а со тоа и критериумот за квалитет.

 

Создавање на визуелни ефекти, од првичниот модел до конечната филмска сцена

 

Визуелните ефекти се она што ве препознава светот. Но, FX3X е и студио за анимација. Што работите во овој сектор?

Од 2011 работиме со „The Jim Hanson Company“, креатори на познатото „Muppets Show“. Поради соработката со нив отворивме и канцеларија во Лос Анџелес, каде исто така работат наши, локални луѓе.

За „The Jim Hanson Company“ работиме цели анимирани серии, од почеток до крај. Станува збор за едукативни серии наменети за дечиња од пред-школска возраст како „Sid the Science Kid“ и „Word Party“. Горди сме што за овие серии понудивме нов начин на изработка кој овозможи ново ниво на квалитет за продукција од овој вид. И за серијата „Splash and Bubbles“ направивме нешто за првпат во ТВ индустријата. Серија од 80 епизоди, материјал од скоро 900 минути, го сработивме за само една година, целосно, од А до Ш.

 

По пријатниот разговор, нас ни останува само уште еднаш да им честитаме на големите успеси и да им посакаме да продолжат да бидат вака храбри и иновативни. И да, ќе навиваме за нив на годинешново доделување на Оскарите.

 

Comments

comments