Браќата Andi & Hannes Teichmann, ака Gebruder Teichmann се електронски музичари, диџеи и културолошки активисти, со длабоки корени во берлинската андерграунд техно сцена и DIY култура, уште од деведесеттите години.

Како гости, или артисти, присуствувале на сите ваши журки од соништата, но и главните берлински клубски точки, од типот на Berghain-Panorama Bar, WMF, Watergate, Bar25, Suicide Circus Berlin… да спомнеме неколку. Во последнава декада, од анахроното клубско миље, јасно ги одвојува соработката со музичари од експериментален, класичен, хип-хоп и традиционален профил. Нивната разновидност и отвореност ги однесе во повеќе од 60 земји во светот, каде имале интеракција со локални музичари со извонредно интересни резултати. Овие денови патот ги донесе и во Македонија, каде заедно со локалниот импро-техно состав Kanton6 ќе соработуваат, те. неколку дена ќе свират/импровизираат во рамките на Interactiv Music Lab, настан поддржан од Гете Институт Скопје. Резултатите на соработката ќе бидат презентирани на слободен концерт во петок на 17 мај, со почеток во 19 часот во просториите на Кино Култура, во организација на Локомотива, Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

Во тоа име, малку поразговаравме со овие супер интересни берлински браќа, со надеж дека ќе го привлечеме вашето внимание во овој правец.

 

Здраво, како сте овие денови? Што се случува со вас?

Во моментов работиме на нов електронски клубски сет, кој ќе го изведеме во живо. Без однапред подготвени патерни, каде што се креираме спонтано “во лет” и оставаме простор за огромна флексибилност разновидни расположенија. Штотуку издадовме албум под името Iterations – resonant responses to a live concert на нашиот лејбл Noland, сработен во живо со перкусионистот Robyn Schulkowsky, кој ќе биде изведен следната есен… и секако се подготвуваме за Skopje Lab, уште една live колаборација, со тамошните Kanton6.

 

Доаѓате од богата берлинска електронска андерграунд традиција. Вашето искуство е навистина огромно во таа сцена. Како беше за вас во 90тите и како таа сцена се промени денес?

Беше фантастичен подарок да се биде дел од германското техно движење во неговите рани денови, особено во Берлин. Мошне активна и разновидна сцена, која не се интересираше за персонален бенифит, или комерцијален успех. Повеќе како некоја дисидентска комуна која се обиде да создаде нови социјални простори за сите, DIY процес без страв од неуспех. Електронската музика и клубската сцена се екстремно професионални и ексклузивни деновиве и се фокусирани на селебрети/артисти, а не на заедницата.

 

 

Се чини дека вашиот артистички интерес се измени во последниве две децении. Некако се оддалечивте од диџеј-продуцент концептот во корист на експериментирање, импровизација и истражување. Зошто?

Отсекогаш сме биле заинтересирани за промена и прогрес, но сепак, нашето музичко патување започна по разни панк и инди бендови, тоа пред да се внесеме во електронската музика. Се чини тоа е наш константен начин на развој. Нашиот бекраунд содржи и доста џез елементи, имено нашите родители слушаа доста free jazz и експериментална музика.

 

Живите настапи и истражувањето на можностите на звукот отсекогаш биле ваш примарен интерес. Како го доживувате свирењето во живо и зошто е тоа толку важно за вас?

Ја обожуваме спонтаноста на диџеингот, но и слободата на изразувањето при креација на музика во real time. Сакаме да експериментираме и да разменуваме енергија со музичари од различни култури и традиции. На музиката гледаме како на универзален јазик.

 

Каде стојат вашите музички интереси денес?

Отворени сме за сите видови музика и навистина е фантастично да се сведочи овој супер-интересен развој во сите музички правци, не само во електронската музика, туку и во модерната класика, современата музика која доаѓа од Африка и сите не-западни делови од светот. Од друга страна, сеуште сме вљубени во директноста и сировоста на техното и хаусот, но исто и хип-хоп и бас музиката. Нормално и целата традиција на експерименталната музика.

 

Comments

comments