На 6 октомври во Кинотека на Македонија, со почеток во 09.00 часот, ќе се случи отворање на шестото издание на Џифони Македонија.

Македонскиот фестивал е дел од големото семејство на Giffoni Experience, најголемиот и најважен културен настан во светски рамки посветен на филмот, кој е наменет на децата и младите. Неговата цел е позитивно да влијае врз социјалниот развој на младите генерациии преку заеднички активности на учесници од различно национално, социјално и културно потекло, што придонесува кон поголемо спознавање и прифаќање на различностите.

Централниот настан од шестото издание на Џифони Македонија ќе се одржи од 6 до 11 октомври 2018, на повеќе локации во Скопје. Шестдневната програма ќе содржи богата понуда на долгометражни и краткометражни филмови, креативни работилници, мастер класови и низа други креативни и едукативни активности во кои ќе бидат вклучени околу 600 деца и млади на возраст од 11 до 19 години.

Главниот дел од програмата се состои од внимателно селектирани филмови, а децата,  поделени по старосни групи, во улога на жири ќе ги одберат победниците. Покрај децата од Македонија, во жирито ќе учествуваат над 40 деца од десет држави, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња од Македонија.

 

 

Свеченото отворање на Филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија ќе се одржи на 7 октомври со почеток во 19.30 часот во Градското кино „Милениум“, каде ќе биде прикажан италијанскиот филм „По трагите на мојот татко“ на режисерот Марко Сегато.

Програмата на групата „Јуниори“ ќе се одвива од сабота, 6 октомври, до среда, 10 октомври, во Кинотека на Македонија. Во недела, 7 октомври, во Младинскиот културен центар и Киното Милениум ќе почне програмата за групите „Кадети“ и „Сениори“.

На 11 октомври, четврток, во Киното Милениум ќе се оддржи свеченото затворање на Фестивалот, на кое ќе бидат прогласени победничките филмови и ќе се прикажат резултатите од креативните работилници.

За времетраење на фестивалот најавена е и државна делегација на Република Италија со заменик Министер за култура и негови соработници, кои ќе одржат средби со македонските институции од соодветните сектори.

 

Comments

comments