Фотографии: Александра Костадиновска

 

Продолжуваме без осет да им ѕиркаме во интимата на дизајнерите.

За Ѓорѓи знаевме по нешто, но дефинитивно не колку што знаевме за Мики и Анастазија. Имавме прочитано по некое интервју на Бугарски, видено по некоја фотографија и пар добри илустрации. Сега, после безобразното отворање на фиоки и превртување на кутии, може да се пофалиме дека конечно знаеме доволно.

Ѓорѓи доаѓа од Прилеп, а моментално живее во Софија каде студира рекламен дизајн. Многу од нас го знаат по неверојатните фотографии, кои ги прави уште од 15 годишна возраст. Неговите модни фотографии беа објавени во Vogue Italia, а следно ќе го сретнеме на втората едиција на CO-Existing во Кино Култура од 1 до 9 септември, каде ќе има изложба.

Во продолжение се омилените 10 предмети на Ѓорѓи, придружени со по едно прашање за секој од нив. Ова значи дека кога ќе ги читаш прашањата подолу ќе треба малку да скролнеш нагоре да видиш за кој предмет се збори, или да запамтиш, нели.

Нас омилен ни е неговиот тефтер со цртежи, тебе?

 

 

1. Ова е капа за тенис. Разбравме дека си тенисер. Кажи ни нешто повеќе за тоа.

Тоа исто така се нарекува visor, моден додаток oд 80-тите години. Па да, можам да се наречам тенисер со оглед на тоа што имам тренирано тенис повеќе од 10 години. Почетокот, како и секој почеток, по сериозно но откако видов дека баш не сум толку добар како сестра ми во тенисот, продолжив само рекреативно да тренирам. Не е случајно, мислам дека тенисот го користи јазикот на животот. Предност, грешка, пауза, љубов, основните елементи на тенисот се оние на секојдневното постоење, бидејќи секој натпревар е минијатурен живот. Животот е како тенис. Оние кои најдобро сервираат најчесто победуваат.

 

2. Уште еден моден додаток. Од тоа што го дознавме за тебе, може лесно да заклучиме дека веќе некое време имаш сериозна врска со светот на модата. Пред да отидеш во Софија за да студираш рекламен дизајн, се докажа себеси како моден фотограф – дел од твоите фотографии беа објавени и во Vogue Italia. Раскажи ни како дојде до тоа твои фотографии да бидат објавени на места како Vogue?

Постојано испраќав фотографии во VOGUE IT онлајн портфолио PHOTO VOGUE, секој ден нови и нови фотографии. На почеток не ми ги прифаќаа но, не се откажував. Успехот е збир на мали напори. Интересно е кога нема одредени критериуми според кои треба да биде фотографијата која ја испраќаш и секој ден се променува жирито кое ја прави селекцијата. Кога ми ја прифатија првата фотографија бев многу среќен (I made it to Vogue, yessssss!), денот го помнам многу добро – 19 мај, 2013та година.

 

 

3. Што е ова? Библијата?

Хаха да, тоа е мојата библија – омилен скицник од сите скицници што ги имам исцртано досега, тој е сведок на она што го доживувам.

 

4. Зошто баш Grace Jones? Што слушаш моментално? Некој нов добар бенд што го држиш на рипит? Кој е последниот концерт на кој си бил?

Grace Jones е мојата all time favourite culture figure, која поседува исконска енергија. Го сакам нејзиниот маничен метод на испорака.

Моментално на рипит го слушам новиот албум na Lorde, Melodrama, во кој Lorde се пресели од разочарување на нешто поинтензивно, истражувајќи хаотичен спектар на емоции и текстури. Исто така на рипит ми се Glass Animals.

Последно бев на концерт на Parov Stelar.

 

 

5. Покрај дизајн се занимаваш и со берберство? Или ова ти е повеќе алат за arts and crafts?

Овие ножички ми се уште од трето одделение, ни самиот не можам да си поверувам дека сè уште се живи и функционираат. Тие ми се алат за arts and crafts, но се наоѓаат и за берберство, да.

 

6. Неверојатно чисти бели чорапи. Живееш сам во Софија (далеку од родителите), сигурно сам се переш?

Сам ги носам алиштата на перална и после тоа работата ја препуштам на машината. Но понекогаш се запрашувам за едниот чорап, кој недостасува после пералната дали е паметен. После долга несреќа тој конечно се одалечува од излитената, изнемоштената врска со другиот чорап.

 

 

7. Хм, ова личи на патка на usb. Што прави?!

Yes. Тоа е патка на usb, а уствари е мини столна ламба што ми ја осветлува тастатурата кога работам во доцните ноќни часови.

 

8. Зошто некој би купил банана протектор?

Хаха, тоа не e банана протектор… тоа е ќесе за прибор во вид на банана. Нај cool нешто што поседувам од страна на art supplies.

 

 

9. Знаеме дека си љубител на Andy Warhol и поп-арт движењето. Која е едната најдобра работа која ја научи од книгава?

„What’s great about this country is that America started the tradition where the richest consumers buy essentially the same things as the poorest. You can be watching TV and see Coca-Cola, and you can know that the President drinks Coke. Liz Taylor drinks Coke, and just think, you can drink Coke, too.“

 

10. Од 1 до 9 септември во Кино Култура ќе се одржи втроата едиција на CO-Existing. Ти не само што ќе работиш на дизајнот на фестивалот, туку ќе имаш и мала изложба. Што може да очекуваме да видиме на изложбата? Дали ќе изложиш некои од твоите дизајни или пак фотографии?

Таму ќе изложам триптих кој го носи насловот: „You’re the product of social media“. Нема да откријам подетални информации за него, а исто така ни за фестивалот, но затоа сите ве поканувам да присуствувате и да откриете самите.

 

Comments

comments