Од ѓумбир.

Не е преувеличување, ниту е драма, ако речеме дека цела зима ни поминува во испреплетени периоди на вирус, настинка и страв од фаќање вирус. Затоа овој пат гужваме веѓи, ја погледнуваме зимата во очи и со Christopher Walken тон изустуваме дека – „нема, нема да се разболиме“. На првиот шум од паднат лист, почнавме да си го зајакнуваме имунитетот.

Лажица мед на гладно срце и два пара чорапи се за почетници. Почнавме секој ден во канцеларија да правиме шотови за имунитет. Опасно горат на грло, слично како оние од ракија, само нели – не се толку ефикасни. И многу лесно се прават, сè што ти е потребно од алат е блендер, а до маркет најверојатно ќе треба да тркнеш еднаш неделно по ѓумбир, затоа што големи се шансите сè друго веќе да имаш во фрижидер.

Можеби звучиме опседнато, не негираме. Во моментов работиме на проект за здрава храна со Coach Josif (шшшшш, teaser) што едвај чекаме да го лансираме, па уште почесто од вообичаеното слушаме за витамини, баланси и нутритивни вредности.

 

 

Не сум сигурна дали е толку неверојатен, како што сум убедена дека е, ама прво нешто кон што посегнувам, како мелем за сите проблеми во животот, е ѓумбир. Од растечен нос, до скршено срце. Не само што има супер вкус (особено во комбинација со лимон), туку има анти-инфламаторни својства и е одличен за билдање имунитет.

За бенефитите од лимон знаеме уште од 4 годишна возраст од зборовите на бабите, но тоа што ни беше нам ново е куркумата, која испадна исто така неверојатно вкусна. Наводно е полна со антиоксиданти, анти-инфламаторни својства, спречува појава на рак, подобрува функционалност на мозокот, и има уште многу, многу, многу други бенефити.

Ако се решиш да си го понесеш блендерот во канцеларија или да станеш 5 минути порано наутро, ова се едноставните чекори кои ние ги следиме.

 

 

Листа на сите 4 состојки потребни за два шота (вака е множина од шот?!):

– 3 центиметри парче излупен ѓумбир, исецкан на помали делчиња
– Сок од 2 големи лимони, без семки
– 1 мала лажичка куркума (свежа или во прав, ние користиме во прав)
– 1 мала лажичка мед

 

Припрема:

На страна исцеди сок од два лимона и внимавај да не остане некоја семка. Во блендер додади сè – сокот од лимон, парчињата ѓумбир, куркумата и лажичка мед. Изблендај убаво, околу 30 секунди.

Предупредување: Да не биде дека не сме кажале – ако претераш со ѓумбирот или со куркумата може многу да гори. Но после вториот, третиот пат, тоа станува интересно.

 

Comments

comments