Најубаво се прави осврт на нештата, ситуациите, пропаднатите врски, комуникациите, односите бизнис-рилејтед ор нот, книгите, музиката, филмот, само откога ќе помине време.

Така правам обично со музичките синглови. Ќе ги пуштат промотивно, па ќе се направи таква една бука и фама околу тоа, па анализи „што сакал да каже авторот“, што некојпат не знаеш дали реагираш субјективно па го лајкаш или реагираш како дел од масата – џаст ту фит ин. Така, деновиве му се навратив на (кој друг ако не) „Blackstar“ на David Bowie. И сфатив дека со секое ново слушање и гледање на спотот си наоѓаш ново толкување на некои елементи и слики.

И тогаш почнува авантурата во #ОдУмотНаЛилјана и се редат еден куп прашања:

Дали има онолку стварности колку што има „читатели“ на спотот? Или сите заедно треба да се договориме околу една иста семантика и иста интерпретација? Зарем не губиме, во креативна смисла, ако има едно исто толкување за симболите во неговата приказна? Па и во која било приказна, всушност.

На оваа тема Stanley Fish парафразирано вика вака: Не може секој читател еднакво да чита. Чита само ако е „упатен“, зависно од претходните компетенции што ги поседува, од типот на литературна, интелектуална, емоционална, музичка поткованост, итн. И овој „упатениот“ читател всушност чита најсоодветно.

 

1452763686_scanpix-20160113-171232-l

 

Хм, #ОдУмотНаЛилјана ни велат дека приказната (или воопшто еден (не)уметнички текст) се гради всушност, во еден одреден момент, т.е. во момент кога се активира искуството на читателот/слушателот или културниот код што го носи со себе секој еден примач на пораката. Дури, овде мора да напоменеме дека го имаме на ум првенствено не Читателот, ами Слушателот, оти самиот процес на раскажувањето претпоставува процес на „слушање“, да го слушнеме она што не е кажано во текстот, но не го исклучуваме и Читателот оти тој пак, од денешен, современ аспект е единствениот кој може да ни даде одговори на повеќе прашања што ги поставува Слушателот на Книгата и Читателот на Музиката. Ме следите?

Она што сакам да Ви кажам е дека : читаме според искуството. Даденото значење, кое веќе се толкува нашироко за „Blackstar“ на David Bowie, може да нуди помалку или повеќе исти заклучоци, врз база на блиски, слични или исти искуства. Ако сте од исто друштвo. Ако го искомуницирате со некои други пријатели, може да откриете и нови значења.

Наша препорака за ова лето: прочитајте си книга летово која веќе сте ја читале пред неколку години. Всушност, ви давам препорака да си ја ПРЕпрочитате. Ве уверувам ќе си доживеете нови нешта со истата книга, музика, филм. Во глава ќе ви дојдат нови толкувања, нови реплики кои не сте ги воочиле при претходното читање, нови параграфи на кои ќе се воодушевувате, нови слики кои ќе ги запаметете. Оти нели, веќе сте сигурно побогати со некои нови искуства според кои ќе имате нови толкувања на нештата.

Оттаму и секое ново „читање“ на David Bowie. Стално си наоѓам некој нов момент кој претходно не сум го „слушнала“.

 

Comments

comments