Фотографии: Александра Костадиновска
Видео: Михаил Намичев

 

Следната среда (27.07.2016) Гоце САФ ќе оддржи DJ работилница во Скопско ГајбаРаботилницата, организирана и реализирана од Скопско Smooth, ќе биде заокружена со мала журка. Ако сакаш да дознаеш како да се приклучиш кон двете, прво што треба да направиш е да го прочиташ ова интервју.

Нема дилема дека 1993 година беше важна година за Македонија. Станавме членка на Обединетите Нации, со работа започна А1 телевизија, се случи првиот официјален натпревар на Македонска фудбалска репрезентација против Словенија (4-1 за нашите) и се оформи еден од најдобрите хип хоп колективи — САФ.

Ми текнува кога на SkyNet ТВ (цирка 2000-та) ќе пуштеа спот од САФ, се чуствував дури и почестено, како сведок и дел од животниот век на оваа скопска легенда, која сè уште трае и „храни” генерации и генерации со квалитетен звук.

Од САФ, Гоце беше мојот човек. Иако не беше во прв план, како Пикисипи и Смилен, Гоце верував дека е моторот кој го придвижува овој бенд.

Гоце тогаш, и ден денес, го доживувам како спокоен, висок, културен градски дечко со пасија за тетоважи, Џорданки, плочи и хоп хоп. Неверојатен професионалец и разбирач на музиката, особено заслужен за промоција и издигнување на едно повисоко ниво на македонската хип хоп култура.

 

goce-2

 

Што е првото нешто што те привлече кај хип хоп културата? Кога за прв пат се сретна со хип хопот? Кои беа твоите учители?

Импактот на хип хопот кај мене беше микс на директноста на лириките и немањето „влакна на јазикот” кај емисијата од една страна, моќноста на ритмовите и различната естетика на звукот на семплуваната музика од друга страна. Почетокот на 90-тите се случи хип хоп-от да ме погоди, го имав сретнато и слушнато и пред тоа, но албумите кои излегуваа тогаш… првенците на Cypress Hill, House of Pain, Das EFX, Redman… уфф.

 

Која беше твојата прва плоча? Кога и од каде ја купи?

Првата хип хоп плоча мислам дека ми беше „Fear of a Black Planet” или „Yo! Bum Rush the Show” од Public Enemy, најверојатно купена ‘90 или ‘91 година од стариот Југотон, наспроти кино Вардар.

 

Да се биде квалитетен DJ значи да се има познавање на различни жанрови на музика. Освен хип хоп, кои се другите жанрови што ги слушаш и што е тоа што го искористуваш од нив?

Слушам доста различни музики, на пример, во својата винил колекција имам од експериментален џез, преку психоделичен рок, блексплоитејшн фанк па се до дед метал. Во глобала, сè што има „ритам што ја мрда главата горе долу” го вметнувам во некоја комбинација за DJ-ство. Исто така од друга страна константно трагам по невообичаени семплови кои би се вклопиле во мојата продукција.

 

 

Ти беше дел од рап колективот САФ. Што значи за тебе САФ? Која беше твојата улога во САФ?

Сè уште сум дел од САФ! САФ е проект со кој се гордеам. Митко и Смилен се мои браќа, а Сафизам е албумот кој го помина тестот на времето и стана класика! Мојата улога во САФ е продуцент т.е. автор на музиката, и DJ.

 

Имаш соработувано со многу наши и странски артисти. Ако би требало да издвоиш една колаборација, која би била таа?

Од музика, посебно драга ми е песната „Sta ce rec” на Edo Maajka, бидејќи на траката како гостин се појавува легендарниот, сега покоен, Арсен Дедиќ, и не пее туку го рецитира својот текст! Од соработки, би го издвоил DJ-ствувањето за Gang Starr Foundation колективот. Голема чест е да го заменуваш легендарниот DJ Premier. Ја имав таа чест минатата година на хип хоп Кемп во Чешка, во Скопје во април, а од октомври и на целосната европска турнеа!

 

 

Кажете ни нешто повеќе за DJ работилницата организирана од Скопско Smooth која ќе се оддржи во Скопско Гајба во среда (27ми јули).

DJ Работилницата ќе биде една увертира во проектите кои ги планираме заедно со Скопска Пивара. Еднодневно дружење, едукативно, на супер локација со ладно Скопско Smooth, и на крај на денот ќе се случи една јака журка!

 

Кој би бил идеалниот кандидат за оваа работилница?

Секој љубител на музика со желба да го прошири своето знаење.

 

goce-4

 

Кој е начинот на пријавување?

Постирај плејлиста со 10 песни по твој избор на мојот Facebook event, па јас ќе ги одберам 20-те најдобри да дојдат на Smooth DJ работилница со мене во среда!

 

Што ќе можат да научат присутните?

За еден ден се надевам да ги поминеме основите, да излезат побогати за некои базични знаења околу DJ-ството, опремата, техниките, а може да летне и по некој скреч.

 

Comments

comments