„Зрелоста на едно општество може да се согледа според односот кој го има кон животните“.

Ова е реченицата што ми остана врежана откако го изгледав филмот White God и што ми се потврдува по секоја нервоза на шалтер, во болница, на велосипедска патека или по секое разочарување во меѓучовечките односи. Кога ќе ја видиш состојбата во нашите зоолошки или кога ќе посведочиш на брутално убивање и труење на уличните животни, неправдата која им се нанесува на луѓето станува сосем логична.

„Година на мајмунот“ е македонска комедија во режија на Владимир Блажевски која го отвори 21-то издание на „Скопје филм фестивал“.

Преку копнежот за слобода на еден мајмун, Блажевски ни одржа лекција за човечноста и пријателството. Ова се петте причини зошто треба да отидеш на кино за да го гледаш:

 

 

1. Затоа што е приказна за заборавените

Приказна за сиромашниот, кој за разлика од функционерот, работи со многу поголема желба и ентузијазам и покрај смешната плата и катастрофалните услови. Затоа што живееме во свет каде што одлуките ги носи манипулативен и неквалитетен кадар чие незнаење и тапост не се гледаат од директорски фотелји и затемнетите стакла на автомобилите, одлуки што им ги обликуваат животите на оние кои имаат да кажат и понудат многу повеќе, но за жал нема кој да ги слушне.

И покрај цела безнадежност од горниот пасус, во овој филм ќе пронајдеш надеж за посветла иднина, затоа што револтот и жедта за правда се посилни од празнотијата на другите.

 

 

2. Уште еднаш да се потсетиме дека треба почесто да се огледуваме од животните

Уште еднаш се потврдува дека животните се извор на мудрост и топлина. Мајмунот Коко, кој заспива и се буди со теориите на Дарвин, е посебен мајмун кој успева да допре до луѓето преку вистинските и философски прашања. Има ли цена слободата?

Коко некако магично успева да ги спои оние на кои најмногу им треба бегство од суровото секојдневие. Како да има некаков радар за наоѓање на добрите луѓе кои животот не ги поштедил. Не само што ги собира на едно место, туку и ги води во незаборавна авантура која му дава смисла на мачниот животец.

Како што бели Војо (македонскиот „Цезар за животни“), начинот на кој комуницира овој мајмун, за разлика од луѓето, е без никакви задни намери. Тој е искрен и чист па нема дилема дека секој негов потег и реакција се од срце. За среќа, оние кои умееја, тоа и го препознаа.

 

 

3. Зошто Коко е Робин Худ, а чуварот Цобе е Че Гевара

Не се Бадер-Мајнхоф, не се солунски атентатори, не се ни ИСИС. Ова се посебен вид „анархистичка група“ која за момент успева да ѝ го оттргне вниманието на јавноста од секојдневните пропаганди, режирани и измислени меѓуетнички тензии и валканите игри на власта. Како за промена, оваа група на народот му дава супер херој и нова икона – мајмунот Коко. Бунтот за правда за Коко не е ништо друго туку бунт против лагите, манипулациите, бунт против репресијата и стапот на државата – нова надеж дека доброто конечно ќе го победи лошото.

Она што ги спои ликовите беше заедничката мака, но и заедничката визија за подобар свет. Ликот на Игор Ангелов и неговата кул тетка одлично ја доловија сличноста на животот на Коко со тој човечкиот: живееат во мизерни услови и валкан кафез, јадат за да преживеат и секој сака да ги скроти. Коко не би бил супер-херој, доколку не ги научеше конечно да кренат глава и речат доста беше, не се плашиме!

 

 

4. Затоа што и покрај тажната реалност, пак ќе урлаш од смеење

​Режисерот ти ја пренесува тажната македонска слика; познати и блиски ти се сите ситуации во филмот, од прва до последна, но се толку креативно раскажани што и на гледачите во Кан ќе им биде јасно за што станува збор.

Со една од најсилните алатки – сарказмот, режисерот те тера истовремено да посведочиш на неправдата и да уживаш во хуморот и оптимизмот на најранливите. Најпосле, најмоќното оружје се токму пријателите и љубовта, без разлика колку е скромна трпезата.

 

 

5. Од тебе зависи колку месечини ќе видиш на небото

Тогаш кога ќе почнеш да веруваш, тогаш ќе го видиш тоа што сакаш да го видиш. Користејќи ги двете месечини како метафора, режисерот ни порача дека оние што можат да видат две месечини, се оние во кои бруталноста и суровоста на животот не ја изгасиле надежта за подобро утре.

По низата од одлични филмски остварувања во изминатиот период, конечно и ние имаме надеж дека македонскиот филм ќе се врати во форма! Честитки!

 

Оцена
„Година на мајмунот“ е македонска комедија во режија на Владимир Блажевски која го отвори 21-то издание на „Скопје филм фестивал“.
4.5Оцена

Comments

comments