На 17 и 18 мај, со почеток во 20.00 часот, во „Галерија ФЛУ“ во објектот на Педагошкиот факултет и Сули-ан во Скопје, ќе се одржи годишната изложба на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Годишната изложба на ФЛУ е сумирање на резултатите и процесите на студентите, постигнати низ целата година од првиот циклус студии.

Во ателјеата на студентите од прва и втора студиска година се претставуваат зададените вежби за усовршување на пристапот кон ликовните проблематики на цртежот, сликарството, вајарството и графиката. Во својата трета студиска година, покрај зададените вежби, студентите го претставуваат и сопственото истражување во слободните вежби, додека во четвртата студиска година тие се претставуваат со нагласено индивидуални и автентични пристапи во творештвото. Студентите, исто така, изложуваат дела изработени и во модулите: конзервација и рестарвација, графички дизајн и сценографија, како и дела од изборните предмети.

Во четврток, на 17.05.18, во просториите на „Галерија ФЛУ“ свечено ќе бидат доделени наградите: „Борко Лазески“, „Четири мајстори на модернизмот“, „Драгутин Аврамовски – Гуте“, „Петар Хаџи-Бошков“, како и наградите за студентите со највисок просек од сите студиски програми: сликарство, вајарство, графика и ликовна педагогија.

По отворањето, изложбата ќе се проследи низ ателјеата на студентите по сликарство и ликовна педагогија од прва до четврта студиска година и низ ателјеата по вајарство од прва до чеврта студиска година, заедно со студиските потпрограми и изборни предмети.

Журката во четврток е закажана на паркингот пред „Галерија ФЛУ“ со звуците на ДЏ Double G, додека петочки, на 18 мај, во просториите на Сули-ан, ќе биде проследена изложбата на студентите од студиската програма по графика од прва до четврта студиска година, а потоа свој настап ќе има бендот Онија Блузерине. Целиот настан е подржан од Red Bull.

За освежување, и на двете вечери ќе има шанк со пијачки од Chillin’ Bar.

 

Comments

comments