Фотографии: Александар Петровски

 

GREEN community е здружение на уметници од повеќе полиња, стационирано и основано во Битола.

Главна причина за формирањето на здружението е заедничкото организирање на културно-уметнички настани, а со цел подобрување на целокупната култура од повеќе аспекти. Здружението, преку своите настани, често нè запознава со повеќе стилови и култури на електронската музика, истовреметно засилени со друг тип на уметности, од типот на добри визуелизации и уметнички изложби.

Основано во јуни 2017, Green Community наскоро ќе направи една година постоење. Моментално екипата ја сочинуваат голем број на артисти, некои од нив диџеи, други фотографи и дизајнери, трети задолжени за визуелните уметности. Ние успеавме да разговараме со дел од нив и да дознаеме повеќе за нивната позадина, за тоа како секој од нив придонесува кон здружението и за нивните планови за во иднина.

 

 

Кажете ни нешто повеќе за вашата екипа, колку членови брои здружението моментално? Какви сè артисти се вклучени во Green Community?

Green Community како здружение или екипа го сочинуваат повеќе артисти. Некои од нив се: Кристијан Петровски, Dejan Dex, Joss, BerryQyat и Горазд Николоски (диџеи), Spacely (фотографија, видео и дизајн), Димитар Ристовски (дизајн), Mastrapiece (визуелни уметности) и уште многу други, кои на свој начин помагаат и придонесуваат кон тоа настаните да бидат такви какви што ги замислуваме.

 

Како започна сè? Кажете ни за вашиот прв заеднички настап и за тоа како воопшто дојде до тоа да се здружите во една екипа?

Здружението го основавме пред скоро година дена, во јуни 2017, што значи наскоро се ближи и нашиот прв роденден, за кој веќе се подготвуваме и се надеваме дека набрзо ќе објавиме повеќе информации. Првиот настан го организиравме на олимпискиот базен во Битола, настапувавме сите заедно, како би го означиле почетокот на оваа зелена екипа.

Поминавме супер и добивме добар поттик за тоа што следуваше понатаму. Досега имавме претставување на неколку артисти/гости од државата и неколку локали низ градот со кои неколку години соработуваме и од кои добиваме поддршка. Целта ни е преку запознавање на граѓаните во градот со други артисти однадвор да се прошири нашето здружение со локални артисти од различни полиња на уметноста, со кои заедно ќе целиме кон подигање на свеста за електронската сцена во нашиот регион.

 

 

Кристијан Петровски, кажи ни за твоите почетоци, стил на музика и за твоето мислење за електронската сцена во Македонија?

Почнав да навлегувам професионално во оваа диџеј-култура на свои 16 години, како дел од Fresh Union – Promo & Booking агенцијата. Организиран беше натпревар на кој се пријавив и го освоив второто место, по што станав и најмладиот член во истата. Никогаш не сум се ограничувал со некој посебен стил или жанр на музика. Често моите сетови се еден голем експеримент од многу жанрови, преточени и попратени со електронски звуци и битови.

Настапувам и сум присутен на сцената насекаде низ државата, уште од самите почетоци, но во последните неколку години тоа се прошири и надвор од нашите граници. Престојував неколку години во Србија, каде мојот звук и моите сетови се слушнаа на многу фестивали, настани и клубови. Настапував исто така и под други имиња, како Alternativa и EL pegajoso. Таму добив одлична поддршка од Клубот ТHE TUBE, во кој бев резидент последните 2 години. Нажалост, сега клубот е веќе затворен, после 10 години работа. Истиот зад себе носи неверојатна енергија и историја – според мене, а се надевам и за многу други, клубот успеа да донесе голем број на одлични гости, а и многу домашни артисти, кои добиле шанса да ја претстават својата визија.

Сум настапувал на многу фестивали низ регионот. Не би набројувал премногу, но ова се некои од нив кои ми се особено драги и кои влијаеле на мене во периодот: Exit festival, LoveFest, АКТО, RAVEOLUTION и Aqua Festival.

Исто така сум бил дел од Intro I Outro сетови за неколку имиња, кои на некој начин ме изградиле како артист, и тоа за: Hernan Cattaneo, Marko Nastic, Art Department, Valentino Kanzyani, Fabio Florido, Joris Voorn, John Digweed, Timo Mass, Oxia, Saso Recyd и многу други.

За сцената во Македонија, според тоа што неколку години го искусувам како млад артист, сум задоволен со тоа колку шанси ми пружила, но сепак мислам дека иам простор да биде подобра. Сум разговарал и со некои постари колеги и пријатели кои секогаш раскажуваат за тоа како било некогаш и како сè било малку „побело“, но затоа сме тука ние младите да ги следиме нивните чекори и да ја држиме оваа култура на добар пат.

 

 

Знаеме дека веќе долго време си активен на сцената, кажи ни накратко, кој е Dejan Dex и на што работиш моментално?

За мене можам да кажам дека сум вљубеник во музиката, продуцент, диџеј и колекционер на плочи, кој посериозно почна да се занимава со ова во 2007 година. Стилски е тешко да се определат моите сетови, бидејќи ретко се придржувам кон одреден концепт, но најчесто се мешавина од минималистички ритми, длабоки звуци и апстрактни ефекти и позадини.

Досега мојата музика била издадена под повеќе издавачки куќи, а некои од нив се: Zingiber Audio, Logos Recordings, Excel, Artefact и Walk & Talk. А некои од моите траки досега наидувале на поддршка од артисти како: Hernan Cattaneo, DJ W!ld, Technasia, Stacey Pullen, DJ Sneak, Аxel Bartsch, Guy J, Ramon Tapia и други. Моментално сум фокусиран на работа на нова музика и издавање на мојата прва плоча.

 

Berryqyat, од каде дојде идејата за твоето име? Ти си кратко на диџеј сцената, како почна сето тоа?

Идејата дојде од мојот одговор на поканата да пуштам музика во еден локал во Битола во 2015, кога им реков: „Бериќат шо ќе пуштам“. Инаку, отсекогаш сум бил по музиката, свирев првично контрабас во оркестарот на Битола, а знаев да потсвирам и бас гитара во некој бенд тука, ама од 2015 навака почнав да се занимавам повеќе со електронска музика.

На почетокот, започнав со фанк-вајб, кој подоцна премина во диско-фанк, кој подоцна пак премина во хаус. Иако постојано се стремам да се пронајдам во некоја средина од фанк, блуз, џез, диско и хаус, моментално мојот стил на музика е најчесто опишуван како хаус база со фанк. Покрај во Битола, сум настапувал неколку пати во Скопје и на афтер-парти на LoveFest, фестивал кој се одржува во Врњачка Бања, каде што добив многу позитивни реакции од диџеите, организаторите и најважно, од публиката.

 

 

Joss, кажи ни нешто за твоите почетоци како диџеј и за твоите планови за во иднина.

Отсекогаш сум бил голем љубител на електронската музика и често бев присутен на журките и фестивалите во и вон нашата држава. Бев фасциниран од миксовите на Laurent Garnier, Derrick May, Octave One, Mr. G, Ricardo Villalobos и многу други пионери од таа бранша. Оттука добив и инспирација за да започнам со работа на себе како диџеј и да ја претставувам музиката која најмногу ми се допаѓа, со надеж дека ќе допрам до публиката и помладите, како што таа допира до мене од постарите артисти.

Почнав да пуштам музика и да собирам плочи некаде околу почетокот на 2011.
Најпрвин бев фокусиран на техно музика, но со текот на времето се пренасочив кон tech-house и минимал. Сум имал многу настапи досега, најголем дел во Македонија и Словенија. Во последно време работам и на продукција, нешто што е голем предизвик за мене, но кон кое имам голема љубов. Моментално, слободно време немам многу, но кога имам се обидувам да го посветам на слушање и откривање на нова музика и артисти, не само од гореспоменатите жанрови, туку и од диско, фанк, хаус и други жанрови.

 

Горазд, веќе долго време си активен дел од електронската сцена во Битола, кажи ни, како започна сето твојата приказна и кога почна да се занимаваш посериозно диџејство?

Имав отприлика 15-16 години и најпрвин сè започна како хоби. Почнав да волонтирам и да присуствувам на сите настани во Битола, поконкретно на фестивали поврзани со електронската музика. Почнувајќи од добро познатите техно журки на Олимписки базен, АКТО фестивалот и Битолска Смотра, но и на многу други настани за промовирање на електронската музика.

Присуствував и на многу фестивали за електронска музика кои се одржуваат надвор од Македонија, од каде што и првично започнав да црпам инспирација. Посериозно почнав да пуштам музика во 2010-та, со настапот на АКТО, после кој следеа многубројни настапи низ Битола.

Моите сетови воглавно се движат од техно кон тек-хаус и дип-хаус, и обратно, со размрдан ритам и искршени бас линии. Може да се забележат доста влијанија од некои олд скул диџеи, како Sven Väth и DJ Sneak, но исто и од некои од поновите генерации, како Hot Since 82 и Disclosure. Од битолската сцена најголемо влијание досега ми бил Saso Recyd. Во моите сетови најважна ми е реакцијата на публиката и добрата селекција. Како свој, карактеристичен звук, може да се одвои добриот грув и приказната во сетовите.

 

Comments

comments