Фотографии: Елена Фиданска

 

Одговара подеднакво добро во комбинација со црно кафе за појадок, како што еднаш одговараше со Кока кола за голем одмор.

Најпрвин, да претпоставиме дека Индог ти е пријател на Facebook. Втора претпоставка што треба да ја направиме, за доброто на муабетот, е дека минатата недела го виде неговиот статус во кој прашува – „Дали некој знае место каде што прават добар тост?“. И трета, ти ветувам последна претпоставка, е дека слично на мене, истиот момент почна да се лигавиш над тастатура, замижа и не можеше да прекинеш да ги визуелизираш оние мали трафики-сендвичари од детството, кои мирисаа толку сомнително.

За жал, не успеав да му помогнам на Индог во неговата потрага по сендвичара, но затоа му ја нудам мојата помош сега. Како беше онаа кинеската поговорка? Научи го човек да лови риба…

Во продолжение е рецептот за grilled cheese тост, со кој мојот мастер-шеф и јас како негов су-шеф (читај, он готви – јас јадам), редовно го спремаме најдобриот тост кој некогаш го имам пробано.

 

 

Потребни состојки за еден Grilled Cheese тост:

  • Бел леб бриош, исецкан на две тенки парчиња
  • Едно-две парчиња тенко исецкан чедар кашкавал
  • Неколку тенко исецкани парчиња моцарела сирење
  • Неколку тенко исецкани парчиња бри сирење
  • Една супена лажица путер

 

Инструкции:

1. Намачкај путер

Намачкај го парчето леб со путер од едната страна и загреј ја тавата. Постави го парчето леб, со страната која е премачкана со путер надолу и притисни го убаво со дрвена (или пластична) рамна лажица за готвење.

 

 

2. Нареди сирење

Нареди ги различните парчиња сирење и другото парче леб одозгора. Продолжи постојано да притискаш со лажицата за готвење.

 

3. Испечи го тостот

Кога ќе почне да станува кафено, сврти го лепчето од другата страна. Продолжи да го превртуваш лепчето уште неколку пати, додека сирењето не се стопи целосно.

 

4. Сервирај го тостот

 

Comments

comments