Оригинално објавено во „ПОРТРЕТ“ (Септември 2016)
Фотографии: Лилика Стрезоска

 

Минатиот месец, за прв пат, Reborn се појави во Портрет. И тоа со препорака на неколку одлични парчиња музика – ако не се сеќаваш и добро ќе ти дојде освежување или некако магично го пропушти написот, можеш препораките да ги најдеш тука.

Овој пат сакаме да те запознаеме со Ханис Багашов, седумнаесет годишниот Тетовчанец. Иако е доволно мал за и ние да смееме да го етикетираме како дете, Ханис е феноменален фотограф, режисер на неколку краткометражни филмови, актер во 8 театарски претстави, главна улога во филмот на Теона Митевска и режисер на промотивното видео за претставата „Солун, град на духови”.

Можеби за Ханис знаеш уште пред ние да дознаеме, а признаваме – малку доцниме. А ако не знаеш, сигурно нема да му одолееш на интервјуто во продолжение, кое Ханис го даде за Reborn и Портрет.

 

dsc_6835

 

Досега си снимил неколку аматерски филмови со различна тематика. Во последниот, „FACES“ (кој е достапен на Vimeo), допираш и социјална тема (за сиромаштијата и тешкиот живот на селаните во беровското село Црник). Како се одлучи за таа приказна, што те поврзува со Црник?

„FACES“ е краток документарен филм, а воедно мој прв од тој тип. Го снимив пред една година. Сум имал прилика да одам повеќе пати на местото пред да го снимам филмот. Горе-долу ми беа познати некои нешта, но не колку што ми се сега по снимањето.

Тука би го цитирал Hitchcock: „Во игран филм, режисерот е Бог. Во документарен филм, Бог е режисер.”

Почнав да истражувам – директно, во класична форма на зборот, но и со камерата. Најпрвин дојде идејата да снимам документарец, а потоа интересот за животот на селаните. Мислам дека „FACES“ е солиден почеток, од аспект на искуство и резултати. Филмот патува на разни фестивали низ Македонија, Романија, Хрватска и Италија и зема награди.

 

 

Кои македонски уметници ги земаш за пример и инспирација?

Има повеќе. Би ги издвоил Златко Ориѓански, Милчо Манчевски и Слободан Унковски. Тоа се уметници и интелектуалци кои дале многу за оваа земја и треба да бидат почитувани и пример за сите млади. Нивните дела зборуваат многу – чесни, полни со живот, вистина, хумор, мудрост, вештина.

Замислете колку убаво и различно би било кога сите училишта, и улици би носеле такви имиња – имиња на писатели, режисери, музичари, научници. Кога децата би знаеле за нив повеќе отколку за разни војсководци и генерали.

 

Златко Ориѓански работеше на музиката за „FACES“, а ти стоиш зад неколку музички спотови за негови песни (поточно, оние во соработка со Бени Шаќири). Како дојде до соработката со Ориѓански?

Сè започна пред три години, која јас имав 14. Ориѓански случајно видел мои фотографии на Фејсбук и посака да се запознаеме. Се сретнавме една вечер во бифето на Драмски театар, пред изведба на претставата „Огнени јазици”. Направив неколку портрети од него.

Таму започна и пријателството и соработката, од која досега излегоа два спота, за две песни: Генерале” (2014) и „Анице, љубов моја” (2016); промотивен спот за новиот албум – „Добро утро, Госпоѓo” (2016); фотографија за омотот на албумот; промотивен спот за претставата „Солун, град на духови” (2015), во режија на Слободан Унковски и музика на Ориѓански; и негова музика за мојот документарен филм.

 

dsc_6870

 

Кога би можел да избереш, кој филм посакуваш да си го режирал ти, а во кој посакуваш да глумиш?

Повеќе би посакал (како фантазија, чин на преценување) јас да сум ја насликал „Girl with a Pearl Earring” на Johannes Vermeer или компонирал деветата симфонија на Ludwig van Beethoven, отколку било кој филм и улога. Но ете, може тоа да биде „Modern Times” (1936) на Charles Chaplin, и за двете нешта.

 

Препорачај ни три филмови кои мислиш дека секој читател на Reborn мора да ги гледа.

„Seven Samurai” на Akira Kurosawa, „The Virgin Spring” на Ingmar Bergman и „Hiroshima Mon Amour” на Alain Resnais.

 

Comments

comments