Фотографии: А. Петрушевска

 

Доколку редовно ги следите Beatport, Resident Advisor, Xl8r, наша 103ка, програмите на најголемите берлински клубови и перверзно добрите хрватски фестивали — веќе знаете за кого станува збор.

Herzel (Александар Гроздановски) е техно/хаус продуцент од Битола, кој паралелно живее во Скопје и позади пултовите на големите европски клубови и фестивали.

Во својот „претходен“ живот, Александар има работено како визуелен уметник и фотограф (со диплома!) во Холандија, Египет, Хрватска и Индија. Музиката го следела насекаде, за во одреден момент да стане јасно дека таа всушност го води. И би Herzel!

По плочата издадена за Hivern Discs (лејблот на гигантот John Talabot), кариерата на Herzel (Херцел, со ц) почна да се движи во нови правци. Во последниве година и пол, Herzel настапи на хрватскиот фестивал Dimensions, култниот клуб Kuli Alma во Тел Авив, нашиот De:sonanz, неколку пати во Сектор 909, неколку пати во Берлин, неколку пати во Загреб и Љубљана…

Листава со набројуванки може да потрае, а не сте вие некои читатели што љубат набројуванки и учење напамет. Затоа ќе ви раскажам како си поминав пред недела дена во клубот Трезор, на последниот диџеј сет на Herzel во Берлин.

 

Herzel Live

 

Беше среда вечер. И покрај тоа што живеам во Берлин мислев дека ќе биде релативно празно. Но просечно време за да стигнеш до пијачка на шанк беше 25 минути, а луѓево на подиум беа расположени како таа вечер да паднал ѕидот. Ние бевме екипа од 6 души, и иако бевме најтрезни на свет (сериозно), така фино сме се „остаиле“ на подиум, не ни беше јасно што се случува.

Во сетот на Herzel имаше совршена динамика, комбинација од егзотични ритмички линии и бас што го исполнуваше секој атом од воздухот. Музиката се прелеваше од една трака во друга на таков начин, што имавме чувство дека таа го следеше нашето танцување, а не обратно. Herzel комуницираше со нашите движења, не нé оставаше да чекаме предолго до следниот drop, и не менуваше трака кога нашите телца уживаа во ритмичката кулминација. Секој од нас си беше во својот спотлајт и одвреме навреме отворавме очи, слично на она кога пливаш и се вртиш да видиш колку си залутал од брегот.

Го истанцувавме сетот до крај, па продолживме со следниот диџеј далеку во ноќта.

 

 

Доколку веќе отворивте нов таб и барате каде е следната журка, со задоволство ви заштедувам време — следниот настап на Herzel е во Скопје, на 27ми Август, во дворот на Арт Картинг Центар (GP Cafe, кај салата Борис Трајковски), каде што ќе настапуваат и Петко (Soul Print/Belgrade), Flooder и Андреј Мицајков.

Точно една недела подоцна, Herzel ќе настапува во Cross Club во Прага, во организација на Komiks.

 

Comments

comments