Македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, победи во три категории на американскиот филмски фестивал „Sundance“.

„Медена земја” ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

„Медена земја” беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Sundance“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.

 

 

Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм да влезе во конкуренција и да освои награди на „Sundance” и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија. Исто така е прв пат во историјата на фестивалот еден филм да освои три признанија.

„Медена земја“ ја раскажува приказната за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начини на искористување на земјините ресурси.

Продуцентот и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката е на Фолтин, а музички супервизор е Рана Еид од „DB Studios“ од Бејрут.

Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

 

Comments

comments