Борбата против кичот, политиката и општествените промени има стотици начини на кои може да се води.

Кога ќе се спојат архитектонските равенки, философијата, идеалот и креативноста, ќе дојдеме до Христина Секулоска и Ирена Милојеска. Овие млади и талентирани девојки студираат на Архитектонскиот факултет во Скопје и со своите дела, освен што се професионални во нивната сфера, ја прикажуваат како уметничката, така и револуционерната страна на архитектурата.

Последната инсталација на која работеа Христина и Ирена беше „Space Installation“, со која учествуваа на овогодинешниот фестивал Паратисима, каде ја освоија првата награда.

 

 

Концептот е да се создаде куќа која нема локација, ниту програма, а воедно е критика за инволвираноста на политиката во архитектурата. Инсталацијата е изработена од железна конструкција од три челични концентрични кругови прикачени со јажиња за гелендерот и кровната конструкција на МКЦ, од кои висеа околу 900 конци со подна завршница од кристали на уреа и поливинил алкохол.“

Тие изградија куќа која не постои и истата таа куќа со нејзиното непостоење го исполнува условот, политиката да не влијае на архитектурата.

 

DSC_0117

DSC_0310 copy

DSC_0166

DSC_0310 copy2

DSC_0171

 

Најтоплата порака од оваа непостоечка светлечка куќа е поврзана со концептот на дом. Што е всушност дом? Овие девојки велат дека:

„Дом е секое место каде што постои човекот. Ако на тоа место нема човек, тоа не е дом. Што значи дека секое место каде човекот стапнува, ако тој одлучи тоа да биде негов дом, тоа станува негов дом. Секаде каде што човекот ќе стапне и започне да го гради со фантазија, идеал и чувства, се формира куќа која не постои, нема локација, нема програма, нема влијание од политика. Правилата наметнати од општеството се тие кои ја делат и ставаат цена на секое парче земја за кое никој не им дал никаква сопственост.”

Друг проект на кој работеа Христина и Ирена, овојпат со нивната колешка Симона Тасевска е оној за старата железничка во Скопје.

Мало интро од мене за историјата и кармата на Скопје: Овој град има историја на подеми и падови, пиколомински огнови, рушење и одново раѓање. Откако после земјотресот повторно се изградил и наликувал на вистински модерен град со бруталистички и модернистички градби, тој неодамна имаше уште една огромна промена со која неговиот опис беше сменет.

 

DSC_0396

 

Па затоа, овие млади архитектки, сакајќи да го обноват споменот на она што веќе го нема, дојдоа до одлична идеја, каде конкретно старата железничка (која е симбоол на старото Скопје и земјотресот) и пораката од Јосип Броз Тито ги обновија на интересен начин. За овој проект добија специјална почесна пофалница на меѓународниот натпревар за дизајн од Сан Диего, Калифорнија.

Всушност, нивното решение е со употреба на конструкција од лед-диоди, Ab Aeterno (From Time Immemorial) на оние места каде порано имало нешто, да постават светла кои го обележуваат празниот простор каде што некогаш бил исполнет со ѕидови, столбови или букви. Тие велат дека инсталацијата оформува спиритуална врска помеѓу два временски периоди разделени повеќе од една половина век. Во текот на денот, ефектот од големата катастрофа на земјотресот од 1963 е сè уште видлив, додека за време на ноќта преку нивната инсталација, железничката се воздигнува повторно и стои како што стоела пред 52 години.

Во целиот овој кич и хаос, да си сведок на младиот свет чиј дух и потенцијал не стивнуваат е гордост. Најмалку што може да се направи за овие луѓе е да се поддржат и да се задржат на овие простори за во буквална и метафоричка смисла, да го изградат одново градот кој полека стивнува.

Нека светка и трепка, за креативноста и надежта на овие простори. На Кристина и Ирена им посакуваме уште безброј успеси во иднина.

Градот убав пак ќе никне.

 

Comments

comments