Фотографии: Александра Костадиновска

 

Со Илија добро се запознавме кога заедно го спремавме Музеј Дебар Маало, а тој беше кураторот на собата за скулптура, во која изложи дело од Жарко Башески.

Сега, скоро една година подоцна, се почувствувавме доволно блиски (или доволно бесрамно), за да му влеземе дома и да му побараме да ги издвои неговите омилени предмети.

Илија е млад Арт директор и мултидисциплинарен дизајнер, со одличен вкус, кој знаевме дека супер ќе се вклопи во нашиот серијал на текстови со локални дизајнери.

Во последно време Илија е најпосветен на брендинг, постер дизајн и на моден дизајн. Моментално, заедно со Василие Стојановски работи на финалната фаза од развивањето на нивниот streetwear бренд наречен „OX“.

Илија не знае да кулира, гледа „Lord of the Rings“ два пати годишно, обожава добра храна и ретко излегува во град затоа што после тоа секогаш се кае што излегол. Ова е неговата приказна раскажана преку селекција на неговите омилени предмети.

 

 

1. Ова е маичка од „Saint Pablo“ турата на Kanye. Знам дека си голем фан на Kanye, знаеш дека сум и јас. Не тема Mr. West реално треба да направиме посебно интервју, но ќе искористам шанса за неколку брзински прашања. Прво, раскажи ми од каде ја набави маичката? Второ, кое ти е омилено дело на Kanye („дело” затоа што не сакам да го категоризирам само како музичар, така да под „дело” мислам на: албум, песна, колаборација со бренд, модна линија, концертна тура, итн.)? Трето, најголемиот дел од популацијата не го разбира и го хејта Kanye. Што е едно нешто што би му препорачал на класичен Kanye-хејтер да гледа, слуша или прочита, за да сфати дека не е во право?

Маичката ми е подарок од другар ми и најјакиот plug ever @whoizglockriverz, кој беше на Saint Pablo Tour во Бостон и ми ја купи маичкава како подарок директно од merch pop-up шопот. Не би знаел како да ја изразам мојата благодарност за подарокот.

Kanye West во целина ми е омилено дело, револуцијата на моето време, дефинитивно покрај татко ми и Banksy, Kanye e лик на кој се огледувам. Тие што се фанови на Kanye ќе сфатат зошто не може да се издвои песна, албум, патика, парче облека, спот, бит, стејџ дизајн итн. Едноставно сè тоа се детали од големата слика.

Многу генијални умови биле оспорувани, недоволно признаени, понижувани и критикувани во времето во кое живееле. Kanye е класичен пример за тоа. Не би сакал да правам компарации што значи да го хејташ Kanye, бидејќи мислам дека ќе постигнам контра-ефект, но пред сè, на луѓето им препорачувам да прекинат да засноваат мислења и ставови за артисти, врз база на тоа што ќе го прочитаат на Х портали или слично. Артист се истражува преку неговите дела, не преку тоа кој што кажал за него. Слушни, осети, опипај, анализирај, искористи ги предностите на тоа дека си човечко суштество. Еве за почеток, нека ги гледаат спотовите на Kanye и нека го преслушаат „Graduation“.

Што се однесува до посебно интервју за West ќе ми биде чест да зборуваме за тоа. Ќе биде тоа дооооолго интервју. Подолго од rant на Yeezus.

 

 

2. Плоча од Bad Animals од Heart. Имаш колекција на плочи? Оваа ти е омилена? Или на листава е од некоја друга причина?

Имам мини-колекција на плочи, не е нешто импресивна, со оглед на тоа што не посветувам време на таа пасија во моментов. Ова не е плоча која јас сум ја купил. Bad Animals од Heart е плоча која мајка ми ја вртеше додека растев, најчесто јас ручав (претпоставувам грашок), таа се прибрала од работа, јас гледам Ник Слотер на мјут, таа си прави салата и си потпевнува.

Каверот е една од илустрациите кои највеќе ги имам прецртувано како дете, денес ми е уште подрага затоа што сентиментално ме врзува, но мислам дека потсвесно има поттикнато нешто во мене, меѓу другото. Посебно место ми зазема на полица. Плус, има супер типографија.

 

3. Ова најверојатно е на листата затоа што си advertising geek (и тука ќе додадам, исто сум и јас). Кажи ни го најдобриот (твојот омилен) факт од книгава.

Книжуленцево и го украдов на Тања, кога ми беше колешка во McCann. Не знам дали е нејзина или на Влатко, дали Влатко и ја подарил на неа или некое слично сценарио, мп како и да е, многу ми „кејфаше“. Мислев дека ќе ја позајмам на кратко, но сè уште е тука. Уште ја пролистувам, одвреме навреме. Книгава има панчлајни скоро колку песна на Big L.

„7 оut of 10 people believe in life after death. 10 out of 10 advertisers believe in life before death.“ Preach.

„Тhe WHO reckons that 100 000 000 sexual acts occur daily. That’s the one thing that doesn’t need help from advertising.“

„During their life, everyone swallows spiders on average in their sleep. But no one takes in an ad in their sleep. Just make sure yours wake people up.“

П.С. Тања, апелирам да повелиш на кафе за да си ја од-украдеш ако можеш.

 

FLUCTUS II – Постер дизајн на Илија

 

4. Ок, многу тешко прашање – ако треба да издвоиш 2-3 омилени дела на Bansky кои ќе ги издвоиш?

Со цел да опфатам што повеќе омилени дела, би го издвоил периодот од 2001 до 2003 (Оne nation under CCTV, Ballon Girl, What are you looking at, итн,) и серијата на дела „Better out than In“ – тејковер на Њујорк во 2013.

Сите дела на Banksy ме шокираат. Ми го дрмаат битието. Колку е тоа едноставно, директно и точно. Без разлика дали е цртеж или eпиграм, или комбинација од двете, ефектот е ист и се врежува длабоко. Кога ќе пораснам сакам да бидам Banksy.

 

5. Често гледаме винили меѓу омилените предмети на дизајнери, но прв пат некој да издвои касета. Од кого е? Зошто оваа? Кога последен пат ја имаш пуштено и на што?

„Новиот аспект на старата школа“. Чиста Околина. Подарок од Чиста Околина. Еден од најдрагите подароци што некогаш сум ги добил. Огромен респект за Јане. Реално, касетава ја имам пуштено само еднаш, на касетофон кај баба ми, но тоа не го менува фактот дека албумот сè уште го имам во ‘фон.

Чиста Околина е авангарден бенд. Звук што е многу пред своето време на овие простори. Фузија на влијанија од Monty Paython, Run DMC и Beastie Boys, која резултира со звук со своја форма, посебна енергија и посебна експресија. Fuckin’ Dope.

 

 

6. Кога би можел да поминеш еден ден со Basquiat, што ќе правите? На кои теми ќе разговарате?

Ќе шетаме и ќе чкртаме графити низ Њујорк. Ќе одиме до Фабрика. Ќе ме запознае со друштвото на девојка му. Најмногу од сè, би сакал да висам со него во ателје. Повеќе би гледал, помалку би зборувал. Би пробувал ствари покрај него, за да ми даде мислење.

Ме интересира како успева да е толку слободен. Да е толку бестрашен и самоуверен. Тоа би го прашал.

 

7. Колку пати го имаш гледано „Pulp Fiction“? Кој ти е омилен лик и сцена од филмот? Дали мислиш дека филмовите на Тарантино се сè подобри или дека никогаш нема да успее пак да направи нешто добро како „Pulp Fiction“?

Не би знаел да кажам колку пати точно го имам гледано филмот, но е нешто помеѓу 6 и 10 пати. И знаеш што, секогаш кога го гледам, посветувам половина час до час во креирање на атмосфера, за да го уживам, да му се посветам. Airplane mode.

„What? Say what again! Say what again! I dare you! I dare you! I double dare you motherfucka! Say what one more damn time!“ Никогаш нема да ми се здосади, нешто како Le Big Mac.

За омилен лик, не би можел да се одлучам меѓу Mia Wallace и Vincent Vega. Извонредно креирани карактери, извонредна симбиоза. Коментариве се всушност лош обид да се опише тоа мастер-дело.

Кога треба да одберам најдобар филм на Тарантино, најверојатно тоа е „Reservoir Dogs“. Но „Pulp Fiction“ ми е омилен. Тарантино е артистиште. За мој вкус има направено 2 не-толку-wow ствари, но се друго му е супердоуп.

 

 

8. Комуникатор од Star Trek?! Прекрасно! Зошто ги обожаваш? Која сезона ти е омилена? Бирај: Captain Kirk или Spock? Што мислиш за новата Star Trek серија?

Star Trek поолдскул стварите, Aye Aye Sir. Храна за имагинацијата. Јса, претпоставувам и ти и многу други деца, ако не и сите ние како деца, често сме размислувале што има над небото. Над она плавото небо.

Star Trek некако додаваше оган на сите тие фантазии. Сè уште е покул и посвежо од најголемиот дел од стварите што излегуваат денес. Kомуникаторот е една од оние брилјантни патенти, дизајнирани за потребите на тој филм. Суперфутуристично, замисли, колку биле креативни.

Го бирам Captain Kirk. Хјумани. Емоции. Секогаш реагирам онака како што чувствувам (ова во некои ситуации не се покажало паметно). Но без дискусија, Captain Kirk. Fuck Rules.

Не сум тип на човек што често ја употребува фразата „старите беа закон, новото е катастрофа“, но навистина новите ствари ми се апсолутен шит. Кога би станувало збор за филм како „Furious 7“ не би бил разочаран, но Star Trek, хел ноу. Технологија, пумпање адреналин и стварање на тензија ми е многу евтин обид за привлекување внимание. Многу евтин. Провиден, поп, мејнстрим, ефтин продукт.

 

9. Четврт предмет од селекцијата што е поврзан со музика. Сега ги имаме сите можни музички медиуми на едно место. Зошто Wu Tang Clan?

Па да. Музика е еден непресушен извор на инспирација. Многу, многу ми влијае на работата. Многу сме блиски. Духовна храна. Пре-потребна за луѓе кои креираат.
Wu Tang Forever.

Албумов го купив 2 часа пред да тргнам од Торонто за Скопје со последните долари што ги имав во џеб. Дилемата беше помеѓу Тимберлендки на попуст или Wu Tang Forever и Illmatic. Добар избор. Хип-хоп културата има големо влијание врз мене, можеби затоа што дозволува да создаваш без ограничувања. Како дете, and Wu Tang is for the Children!

 

ASPHYXIA – Постер дизајн на Илија

 

10. Отворивме со маичка, затвораме со маичка. Supreme. Што пишува? Од кого е quote-от и зошто ја издвои?

„Smash the control images. Smash the machine.“ – William S. Burroughs. Гуглајте го ликов, интересен е.

Како што низ целото интервју може да забележите, јас не сум фанатик на предмети сами по себе, колку што ми значи потеклото, приказната или суштината на „предметот“. Во глобала ги сакам и сите пенкала, тефтери, спрееви и салфетки (користам по 7 додека јадам). Но не ми менуваат многу. Таков е случајот и со маичкава, Supreme e (ја добив додека Supreme сè уште беше синоним за streetwear), ми праи кејф, изјавата е убиствена, но најважно од сè – подарок ми е.

 

Comments

comments