Фотографии: Александра Костадиновска

 

Илина е 14 годишна девојка, глумица и пејачка која зрачи со премногу талент и убавина.

Токму заради нејзината посебна енергија Илина е инспирација за многу луѓе околу неа.

Нејзиното име е спомнато во две книги „Живот вреден за живеење“, и во најновата сликовница со наслов Иван и Илина чија печатена верзија излегува наскоро.

Во овие приказни се раскажува за децата со посебни потреби и нивните родители. Во овие приказни се раскажува за сите нас.

Кога побаравме да разговараме со Илина, таа не само што се согласи, туку ни ги даде едни од најтоплите и најискрени одговори што некогаш сме ги добиле. Прочитајте!

 

 

Илина ти си хероина на сликовницата „Иван и Илина“. Дали си среќна поради тоа?

Да. Баш убаво.

 

Дали девојчето од сликовницата личи на тебе?

Да. Многу. Таа е добра и убава. Сака да си игра и има исто сестри што се викаат Бисера и Ангела. Сака да оди во школо и да се дружи со децата.

 

Дали „Иван и Илина“ ја прочитаа и децата од твојот клас? Дали нешто ти кажаа?

Да.  Мина и Фани ми кажаа – „браво”!

 

Колку мислиш дека ваквите книги и текстови успеваат да ги приближат световите на децата?

Многу.

 

 

Дали во твојот клас има дете што се вика Иван?

Не.

 

Дали има дете што личи на Иван?

Има. Се вика Андреј. Тој е многу добар.

 

Која ти е најубава случка што ја паметиш?

Најубава случка ми е што глумам во претставата „Ветерница“. Таму сум самовила.  Најубаво беше што настапивме заедно со Петко во театар. Јас бев облечена во бел фустан.

 

Која е твојата желба за 2018 година?

Најмногу сакам да славам Нова година! Сакам да ја китиме елката. Нашата елка е зелена и голема. Сакам Дедо Мраз да ми донесе подарок, некоја убава облека и чизми.  

Сакам да има снег и да правам Снешко. Јас ги сакам сите годишни времиња.  Сакам и распуст.  Во лето сакам да се бањам и да возам тротинет. Сакам да се дружам со децата од здружението „Трисомија“. И многу сакам да глумам со екипата од 5 + фамилија.

 

Кажи ни нешто за твоите сестри?

Ангела е убава многу се смее и цело време пее. Интресна ми е, заедно цртаме и си играме. Биси е многу добра, многу учи, има петки и многу се сакаме.

 

 

Кажи ни нешто за остатокот од своето семејство?

Јас многу го сакам тато. Тој е многу добар. Многу ја сакам и мама, таа сака да се смее и го сака тато. Ја сакам баба Зора, со неа заедно гледам телевизија и го сакам нејзиното куче Паци. Ја сакам баба Менка дека и таа многу го сака Тоше. Го сакам Влатко дека тој ја сака тетка ми Биле. Ја сакам тетка ми, зошто секогаш доаѓа на моите претстави и си разговараме. Многу ја сакам братучетка ми Бистра. Со неа заедно гледаме „Златно славејче“ и скокаме на кревет.

 

Што правиш во слободно време, кое е твоето хоби?

Во слободно време цртам, а сакам да глумам и спортувам. Сакам да си играм со Ангела и со комшиката Мила.

 

Дали имаш омилено место во Скопје?

Да. „Сити Мол“, „Џамбо“, пекарата „Силбо“ и Парк. Убаво е и на Водно. Сакам да патувам и во странство.

 

Каде?

Во Швајцарија. Таму имам роднини. Многу ги сакам сите и ги поздравувам.

 

Кој ти е омилен предмет во училиште?

Англиски. Сакам да учам нови зборови. Сакам и историја, наставникот ми е интересен.

 

 

Си размислувала ли како сакаш да продолжи твоето образование, што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

Да бидам полицајка.

 

Што сакаш да им порачаш на луѓето?

Да читаат, да пејат и да бидат среќни.

 

Дали имаш милениче?

Не.

 

Дали посакуваш милениче?

Да. Папагал. Зелен.

 

Comments

comments