Сагата со фамилија Штркови продолжува. Денес на дневен ред е постарата сестра, Вања Штркова.

После „In Textures”, успешната изложба на Катја Штркова (сестра на Вања) и видеото кое го снимивме со неа, на ред е девојката која ја бива за многу ствари, и не само што и фаќа кликерот, туку истите ги прави на феноманелен начин.

Не постои човек кој поминал низ скопските локали каде се свири блуз, а не ја забележал Вања. Бушава голема портокалова коса, секогаш насмеана и позитивна девојка со моќен глас, креативен ум и прецизна дизајнерска рака.

Додека се подготвува за нејзината следна изложба „Life”, решив да ја „испрашам” неколку прашања, чисто како вовед на она што ќе се случува овој петок во Концепт 37 со почеток во 20.00 часот.

Како на наједноставен начин би му се претставила на некој кој не те познава?

Јас сум таа бушавата со портокалова коса и цигара во уста. Не можеш да ме утнеш. Се шалам. Графички дизајнер сум во последниве 7 години. Секогаш носам тефтер во ташна. Викендите ги поминувам во цртање во Калдрма или на телефон. Со други зборови вежбам. Самоука сум и пробувам секој слободен момент да го искористам за цртање.

Како се споени тангото, блузот и дизајнот во твојот живот?

Оф, одлично прашање. Тангото и блузот иако стилски многу различни имаат еден многу важен (според мене) заеднички елемент. Некој вид на емотивна нуклеарна бомба.

Токму таа емоција ја чувствувам кога ќе слушнам танго или блуз ритам. Тоа е чувството кое пробувам да го презентирам кога дизајнирам или илустрирам. Иако имам уште многу за учење, тоа е целта кон која се насочувам. Се надевам дека еден ден ќе успеам во тоа.

 

 

Кој е првиот чекор кој го преземаш кога треба нешто да ислустрираш/дизајнираш?

Хаос. Правам хаос. Прво во главата, потоа во плакарот, па во собата. На крај ставам слушалици и почнувам со работа.

Дали наоѓаш инспирација во тангото и блузот при дизајнирањето?

Зависи. Не секогаш, но во поголем дел од случаите да. Тоа најчесто се случува кога имам слобода од клиентот или кога работам нешто за себе.

Најсвеж пример за тоа е мојата следна изложба, каде тангото и блузот беа пресудни врз конечниот изглед на илустрациите кои ќе бидат дел од изложбата. Прегратката во тангото, емоциите кои ги добивам кога слушам блуз. Тие се главниот извор на мојата креативност.

Што правиш кога си во креативно лимбо? Имаш ли некои стандардни потези кои ги преземаш?

Ја плетам косата. Се затворам во сопствен свет и правам плетенки. Морам да признаам, многу лоша навика.

Сепак, кога ќе сфатам дека сум во лимбо пробувам да излезам од шема. Да правам нешто различно. Да готвам, да прошетам, т.е. да не размислувам воопшто на тема работа.

Што да очекуваме од изложбата на 25.03.16?

Изложбата е насловена „Живот” (Life), поради тоа што животот е обликуван од две движечки сили во личноста, Анимусот и Анимата и нивната постојана игра на надмудрување.

Се работи за борба за доминација, која поголем дел од нас не ја приметуваат. Според мене тоа е јадрото на животот кој го создаваме за самите себеси и кој нè обликува и модификува.

Во илустрациите ќе приметите дека едниот субјект е со боја, додека другиот е црно-бел. Мојата идеја беше да го презентирам хаосот како женски лик, детинест, шарен, емотивен, додека пак машкиот лик како смирен и приземјен. Иако не е секогаш така, но во поголем дел од случаите поделбата е таа. Ќе видите самите, не би сакала да се расплинувам на таа тема.

Дали постои некое место кое е твоја вечна инспирација?

Место на постојана инспирација не постои. Иако кога ќе размислам малку подобро, во Кафе Калдрма (до Ван Гог) сум имала најголем наплив на инспирација, особено во 10 часот наутро, во сабота или недела, кога нема жива душа.

 

Галерија

 

Comments

comments