Урбано. Респект. Легендо.

Три зборови, кои во нашето психички исцрпувачко секојдневие сосем го изгубија сопственото значење. Секое нивно споменување одзвонува со потсмев и празнотија, а многу често ја опишуваат токму обратната вредност од основното значење на зборот. Вистински белег на нашево време на квазииндивидуализам и осаменост на социјалните мрежи.

Трагајќи по вистинската вредност на овие зборови, овие денови Reborn налета на едно неверојатно македонско винил издание, компилација со некои од најдобрите песни од периодот на Новиот Бран од првата половина на осумдесеттите години. Време кога нашата сцена е млада и наивна скоро по сите параметри, но по квалитет и креативност воопшто не заостанува зад ривалските југословенски републики. Наивна пред се поради непостоење на издаваштво, проблем кој доведе до тоа да 99% од тогашните бендови воопшто не ни стигнале да издадат било каков носач на звук. Повторно тој наш болен недостаток на архивирање и почитување на сопствената култура.

 

 

Ајде да ја погледнеме листата на песни на компилацијата „Има ли забава? Macedonian New Wave 1981-1985“, во издание на Corpus Delicti Records. Не треба претерано познавање на историјата на македонската музика за да заклучите дека половината од песните поместени овде се мега хитови кои преснимувани од ленти и касети, со децении ечат од македонските радио станици. „Има ли забава“ на Чуден Крој, „Добрите девојки“ на Бон Тон, „Нена“ на Меморија, „Глинено око“ на Триангл, „Звезден патоказ“ на Психо и „Забавата заврши“ на Конкорд се вистински евергрини, запишани во потсвеста на секој човек кој било кога бил изложен на радио-тв култура.

 

 

Огромен респект кон издавачот на оваа историска плоча, меѓу другото и поради извонредно луцидниот избор на некои песни кои не биле толку изложени на радио ниту во минатото, ниту сега, а имаат суштинска вредност во градењето на сеуште кревката македонска автентична… „Култура“ на Токму Така е сериозен пример за тоа. „На улица сама“ на групата Луј е прекрасен пример за автентична, но неприметена скопска суптилност, од типот на музика, до составот на бендот.

 

 

Прекрасната слика за урбаниот дух на главниот град на тогашна Социјалистичка Република Македонија на оваа плоча го надополнуваат Фора, Цилиндер, Хаос Ин Лаос и Дизајн. Навидум изгубени времиња кои бледнеат и во сеќавањата на сега веќе подостарените актери на таа сцена, но реинкарнирани во фантастичен винил продукт кој се заканува да го зачува од заборав митот за подемот на модерниот македонски рокенрол.

 

 

Без тронка претерување, заклучокот е: легендарна компилација. Сирово парче историја и уметнички незаборав. Есенцијална лектира за секој кој би сакал да се запознае и пронајде себе си во овој град. Не само како винил фетишист, туку и како човек.

Бонус одговор на двата предизвици поставени со првата и последна песна на плочата:

1. Има ли забава? Да.

2. Забавата заврши… Не, забавата штотуку почнува.

 

 

Comments

comments