Од 13 до 15 септември во МКЦ ќе се одржи првиот меѓународен саем на уметност наречен „Ин Ситу“, а досега познат како Паратисима Скопје.

Паратисима Скопје за своето петто издание реши да се ребрендира во „Ин Ситу“, првиот независен саем на уметност од овој вид и размер во Македонија.

Овогодишната програма на саемот ќе содржи три програмски единици: уметност, дизајн и архитектура, проследени со „off“-програма од предавања, работилници, проекции и музички настапи во соработка со национални и меѓународни автори и организации.

 

 

На саемот ќе можат да учествуваат и сите заинтересирани креативци, а преку аплицирање на некој од двата повици за учество. Во однос на тоа кој може да учествува, правилата се едноставни: за учество во програмата за визуелна уметност, инсталација, перформанс и видео нема селекција, сите автори од сите земји можат да учествуваат, независно од форматот кој го користат за изразување.

Првиот повик е повикот за визуелни уметности, инсталација, перформанс и видео, кој ќе биде куриран од Ана Франговска, и ќе биде отворен од 15 јуни и ќе трае сè до 15 јули. Селекцијата ќе се случи на крајот од саемот и ќе биде извршена од страна на тричлена жири комисија. Селектираните автори ќе бидат наградени согласно условите и програмата за награди која ќе биде објавена на веб страницата на Ин Ситу.

Вториот повик е за дизајн: мода, накит и производ и под кураторство на Драган Христов – Лудус. Повикот за учество на Ин ситу саемот за уметност во категориите: моден дизајн, дизајн на накит, дизајн на производ е отворен на 5 јуни и ќе трае до 20 јули.

 

 

Секој може да аплицира за учество во програмата за дизајн, а апликациите ќе бидат разгледани од страна на кураторот Драган Христов, одговорен за уредување на поставката за дизајн, кој ќе изврши селекција на учесници изложувачи.

Сите апликанти ќе бидат контактирани и информирани по имејл за резултатите од селекцијата најдоцна до 25 јули, 2018 година.

Рокот за уплата на котизацијата за учество во согласност со избраната изложбена локација и пакет е 30 јули 2018.

 

Comments

comments