Продолжен викенд, за просечниот жител на Република Северна Македонија, е парче од рајот, откинато и посадено на земјата. Купче неработни денови гушнати како да нема утре.

Неисцрпна инспирација за забрзано прескокнување на работните обврски и привремена миграција на блиските плажи. Ете слушам дека орди Македонци, овој викенд ќе го бранат името на плажите на прекрасниот Певкохори. Но драги мои патриотски дами и господо, овој викенд името се брани во Струга, бисерот на реката Дрим, градот на Дримон Фестивал.

Во мистериозниот и возбудлив хангар на струшкиот Дом на културата, ќе се одржи предигра за овогодинешниот Дримон (фестивалот се одржува традиционално последните неколку денови од јули), на која настапува еден од најискусните и најпосветени техно дј/продуценти, високо ценет помеѓу познавачите, Inigo Kennedy.

Човекот има околу 100 изданија само на винил (да не ги пребројуваме дигиталните), а неговата музика веќе две децении е составен дел од сетовите на техно диџеите кои тежнеат кон квалитетен избор. Reborn секако е на лице место и ве повикува да го прочитате ова интервју и наместо кон Певкохори, да се упатите кон Струга. Зошто? Едноставно е: како Струга нема друга.

 

 

Со оглед на твоето големо искуство, како би ја опишал состојбата на актуелната техно и воопшто електронска сцена?

Навистина ми е тешко да формирам некое објективно гледиште, но ми се чини дека е возбудлива како и секогаш, сепак поразлична од било кога. Различен е начинот на кој луѓето и приоѓаат и ја конзумираат музиката, сосем се променија продукцијата и дистрибуцијата, настапите се сосем поинакво искуство, како за оние кои настапуваат, така и за оние кои се во публиката. Многу нешта (интернетот, политичките промени) се покажаа како вознемирувачки влијанија, но потребата да се ужива во музиката секогаш ќе вроди со нешто позитивно.

 

Што ги одржува нештата свежи, иновативни и возбудливи за тебе овие денови?

За мене музиката секогаш била интимна работа која ме водела емоционално. Правам музика за себе и уживам во тоа, а тоа специјално чувство, во одреден степен може да ми се повтори и кога настапувам како диџеј. Врвот од музичкото искуство, она кога се наоѓаш во зона е фантастично нешто, кое ме одржува свеж и во позитивно расположение, дури и кога за тоа треба да се вложи огромен напор и енергија.

 

Ти си подеднакво инволвиран и како диџеј и како продуцент. Како живееш со тие две? Дали има разлика помеѓу двете персони?

Начинот на кој слушам, компонирам и изведувам музика, кај мене се испреплетуваат. Тука се дефинитивно инволвирани различни персони. Да се биде диџеј подразбира поекстровертно однесување, што е спротивно на мојата природа. Кога компонирам се чувствувам како да вајам, а кога сум диџеј имам чувство дека градам слоеви од текстури, па да, има тука доста сличности и меѓусебни влијанија во пристапот. Инстинктот ми кажува кога е добро…кога е доволно.

 

 

Кажи ни малку за процесот на селекција на музиката која ја пушташ како диџеј.

Да се избира музика за диџеј сет овие денови е навистина комплексна работа. Не верувам дека било кој има време да преслуша се она што излегува деновиве. Порано беше радио, продавници за плочи, гикови, клубови..Сега кога се е поврзано, автоматско и демократизирано, многу потешко е да ја исфилтрираш бучавата од музиката. Но веднаш ми е јасно кога ќе слушнам нешто што ми се допаѓа. Имам еден ден во месецот кога преслушувам и одбирам нова музика, која потоа оди во моите диџеј сетови. Не се трудам премногу да ги запаметам, ги ставам на УСБ и експериментирам директно со нив во моите сетови. Така секогаш нешто позитивно ме изненадува, и мене и публиката.

 

Можеби неколку зборови за твојот студиски сет-ап и неговиот развој низ годините.

Константни промени. Мојот хардвер сега е комплетно во магацин. Веројатно би требало да се ослободам од него, но емоционално сум врзан за тие парчиња опрема. Низ годините софтверот се разви до неверојатно софистицирани нивоа и денес комплетно користам софтвер во мојата работа. Ако фрлам поглед наназад, всушност отсекогаш сум користел софтвер и сум ги фаворизирал компјутерите. Ете дојде време кога целосно се потпирам врз него. Последните мои два албума се комплетно направени на Машин/Machine.

 

Во ред, останува ли простор за тебе како човек? 🙂

Овие денови ми е врашки тешко да најдам време за продукција на музика. Жонглирам помеѓу фамилијата, одењето на работа (да, имам дневна работа во Лондон), патувањата, исцрпувачките викенди со минимум спиење…Сепак сè уште уживам, бидејќи привилегија е да се патува и настапува по светот и да се запознаваат нови луѓе и места.

Инспиративно е. Ок, ок, имам куп музика која чека да биде испалена од цевките. А со вас ќе се видиме во Струга 🙂

 

Comments

comments