Филмовите отсекогаш изобилувале со разни предвидувања за ефектите на технологијата.

Обично, нивните проекции се сместени во некоја неодредена иднина и имаат дистописки наративи. Се случуваат на некои „нови деца“ и го покренуваат прашањето за опстанокот на човештвото. Но, не и „Ingrid Goes West“.

Во овој филм нема андроиди, масовна контрола преку Интернет или слични „Black Mirror“ варијации на темата. Се случува денес, на нашите врсници со технологијата достапна секому. Не повикува да ги скршиме телефоните и да заминеме во дивина, не суди, не нуди готови одговори, само рефлектира. Огледало е во кое ќе се препознае секој просечен млад човек.

Категоризиран како „црна комедија“, во суштина е многу прониклив и објективен психолошки пресек на нашето секојдневие.

 

 

Боите на нашата реалност

Сите ги знаеме оние малку магливи, избледени, осончени тонови на Инстаграм филтрите. Тоа се нијансите на Интернет славните. Колор шемата на современиот идеал. Рефлексија на урбаните забави на кров, егзотичните дестинации и сите места од кои среќните деца ни покажуваат колку се среќни.

Навикнати сме овие филтри да ги гледаме како статични кадри, фотографии. Но, кога ги гледаш непрекинато 90 минути, сончевиот филтер веќе не делува толку привлечно. Напротив, има нешто непријатно во таа надреална реалност. „Ingrid Goes West“ на мајсторски начин ги пренесува чувството и приказната преку изборот на светло и сценографија.

 

Клишеата на нашата реалност

Мафини со кокосово масло и агаве сируп, рачно подготвени тортиљи без глутен и намаз од авокадо, кафе со бадемово млеко и стевиа, смути со спирулина, рукола и киви… знаете, онаа храна која те прави млад и згоден и до која може да ставиш хаштаг #healthyfood #enjoylife #foodstagram #foodie. Ваквото мени аранжирано на начин да се гледа, повеќе отколку да се јаде. Обично фотнато од птичја перспектива или како дел од некој излет, патување, прослава, кафе со пријателите. Спонтано, ама неспонтано, туку изрежирано до аголот на насмевката. Секогаш хаштагот во предвид, како симбол на совршенството на нашето секојдневие.

Филмот многу умешно и спонтано ја комуницира баналноста, а некогаш и мракот, зад сцените на сончевото секојдневие кои непрестано си го продаваме и купуваме. Andy Worhol ова го предвиде во својот уметнички филм од 1982 каде јаде хамбургер и соодветно изјавува: „Моето име е Andy Warhol и само што го изедов хамбургерот“. Тоа денес го живееме преку социјалните медиуми, а „Ingrid Goes West“ ни го покажува. Ни ги предочува сите клишеа кои преку филтри се обидуваме да ги направиме нешто уникатно, баналноста на која сакаме да и’ дадеме значење.

 

 

Гревовите на нашата реалност

Социјалните медиуми, како што самото нивно име кажува, би требало социјално да нѐ поврзат. И нема сомнеж дека тоа е дел од нивната функција. Но, тековните психолошки истражувања повторно и повторно откриваат еден нус-ефект. Завист. Секојдневно сме изложени на илјадници изрежирани кадри од нечија туѓа среќа. Како војаери ги следиме туѓите животи, и колку и да сме свесни дека се само фрагменти, ретуширани парчиња (хипер)реалност, не можеме, а да не ги споредиме со својата реалност. И истата да направи нашиот живот да делува не-баш-успешно. Веќе не се само светски славните кои живеат живот од соништата. Сега имаме илјадници, обични луѓе со кои се споредуваме и истото нѐ прави несигурни, анксиозни и завидливи. „Ingrid Goes West“ го покажува овој зачаран круг во кој се навлекуваме на изрежирани слики, се обидуваме да ги репродуцираме за да покажеме дека не сме ништо помалку и се заплеткуваме во несигурност, лага и љубомора.

 

Излезот од нашата реалност

Филмот не дава некој морален заклучок. Но, на луциден начин, покажува дека прифаќањето кое го бараме со филтри и позирање, всушност можеме да го добиеме со автентичност. Тоа е добрата страна на социјалните медиуми, која поретко ја користиме. Сцената која ти ја нудат и на која може да со поврзеш со другите преку своите уникатни нијасни, а не преку вградените филтри. Искреност како излез од реалноста во која веќе не знаеме што е реално, а што изрежирано и спонзорирано.

 

Оцена
4.5Оцена
Reader Rating 1 Vote

Comments

comments