На нашата татковина/држава Македонија гледам како на тинејџер во најлудите години, можеби 16, 17… во сиот сјај на она она потполно непромислено лудило, кога пие за да се одземе, мислејќи дека тоа е топ провод.

Балавец кој краде пари од новчаникот на мајка му за да проба дрога, а му продаваат оригано, аспирин, или лимонтус кој потоа го пече до најдалечните длабочини во носот.

Вистинско едно тинејџ дибече кое мисли дека светот се врти околу него, е тоа е нашата сакана мајка Македонија како држава. Потполно неподготвена за било каков сериозен предизвик ниту на локално, а камоли на светско ниво, сепак успева не само да породи, туку да одгои и континуирано мотивира на создавање, генерации прекрасни, талентирани, одговорни луѓе.

Александар Пејовски е еден од тие луѓе. Без дискусија нашиот најквалитетен композитор од ерата кога „сериозната музика” конечно успеа да се трансформира во класика, или современа (модерна) класика.

Оваа трансформација претставува голем чекор за македонската терминологија и култура, а ќе стане и џиновски, кога македонското општество, по сите параметри конечно ќе ја признае/сфати/забележи генијалноста на овој наш музичар пар екселанс.

Пејовски веќе подолго време компонира и издава сопствена музика. Не сум сигурен дека можеме да го класифицираме некаде стилски, бидејќи неговата музика (скокнете до веб страницата www.pmgrecordings.com и слободно спуштете неколку негови албуми) евоцира дела уште од доцниот среден век, преку романтизмот, експресионизмот, модернизмот, пост-модернизмот, електронската амбиентална музика…you name it he’s got it! Тој на ова би ја додал и традиционалната музика и современата поп, рок, техно и секоја музика која е добра, бидејќи господинот е широко музички и културно образован.

Така што илузорно е да зборуваме за стилови, кога во случајов се работи за севкупноста на културата и цивилизацијата сублимирани во делата на овој извонреден македонски автор.

Освен неговиот редовен музички опус, Александар Пејовски во последно време е се позафатен со компонирање за филм, телевизија, театар. Гледам мошне охрабрувачки на оваа негова рецентна зафатеност. Тоа е спор процес, но за мене сигурен знак за препознавање на неговиот талент и способности од страна на оваа (просечно земено) мизерна културна средина. Нема да мине уште премногу време, кога овој извонредно софистициран музичар, ќе си го завземе вистинското место во нашата културно-историска номенклатура.

Директен повод за ова интервју е излегувањето на неговиот најнов албум „Деланки/Leftovers” за PMG Recordings, на 16 ноември, за кога е и планирана суптилна промоција во реномираниот скопски бар Винил/Vinyl.

 

 

Кој е концептот позади албумот „Деланки/Leftovers”? Се работи за остатоци ако добро разбирам. Остатоци од што и што тоа може да се направи од остатоци?

Деланки се музички кјуа кои се вишок, или пак, не поминале во филмовите како финален скор. Скоро секогаш, музиката која станува составен дел од еден филм е само дел од се’ она што е напишано.

Таква е природата на таа работа, оттаму и изразот – применета музика. Независноста пак на музиката како медиум, укажува на функционирањето на едно музичко парче само за себе, иако е напишано со цел да биде дел од интегрална целина.

На музиката не и сe потребни ниту слика, ниту, пак, текст да ја дообјасни. Таа содржи се во себе. Потребата од секакви дообјаснувања најчесто укажува на музички недостаток, компензиран со друг медиум.

 

Некако се навикнавме да добиеме барем еден нов албум од тебе годишно, па од таму долго време те немаше со ново издание. Дали си можеби презафатен и ако е така, што се работиш?

Последниве три години бев преокупиран со пишување на музиката за трите играни филма:  „Три дена во Септември”, „Џган”, „Година на мајмунот” и мини серијата „Фамилијата Марковски”. Иако станува збор за музичка партиципација, сепак и тоа претставува комплетна авторска музичка реализација. Реализацијата е важен и составен дел од процесот на создавање музика. Но тоа не подразбира издавање по секоја цена и секоја година. Постојат периоди кога не ни се работи, па оттаму, тогаш и нема што да се издаде.

 

Дали има и која е за тебе разликата кога работиш од приватна инспирација (како за себе да речам) и кога работиш наменски (за филм, серија, претстава)?

Игор Стравински прави парадигма каде композиторот го поистоветува со сликарот, а филмскиот композитор со молерот. Незамисливо е пишувањето музика без самоограничување. Самоограничувањето е дел од самокритичноста и е базирано врз критериумот кој го поседува еден автор.

Здраво е кога композиторот од време на време е ограничен и од надвор, кога треба да сфати дека тој не е најважниот. Основниот предуслов за работа на филм е способноста за адаптација, која подразбира себедемистифицирање и умешност во музичката флексибилност.

Единствено искуството ја развива умешноста во музичката флексибилност.

 

Да те опуштам со едно прашање вон твојата работна динамика: Како е да се биде композитор (особено на современа класика) во сулудо општество како македонското? Не дека и остатокот од светот е во некој совршен баланс, но која е силата која те држи фокусиран на оваа комплексна активност?

Фасцинацијата од силата на музиката и нејзината супериорност во однос на сите прозаични и минливи состојби во општеството, е она што сè уште го одржува ентузијазмот. Ова општество е сулудо бидејќи наместо професионалци и вистински експерти, имаме политиканти – трујачи на етерот. Оној момент кога ќе сфатиме дека имаме свои обврски и агенда и дека треба да бидеме одговорни и чесни кон нашата работа, ќе се случат и првите промени во општеството. Масовната еуфорија со губење време на дневната политика води кон уште поболно општество, бидејќи се’ друго останато кое во суштина ја чини државата ќе чека и чека. Ние сме должни да ги казнуваме политичарите, но не и да се посветиме на нивната работа.

Кај нас дневната политика е всушност чист ескапизам, алиби и прибежиште за неспособните беспосличари со нивните ставови за се’ и сешто, кои сметаат дека исклучиво нивната инволвираност во политиката ги прави граѓански свесни. Целосната посветеност на политиката може да биде професија исклучиво на политичарот, оттаму, максимата Зоон Политикон е дилетантски сфатена и паланечки интерпретирана. Општеството се гради и негува со она што секој од нас го остава зад себе. Никогаш во историјата не било лесно. Не постои време и место каде животот не претставувал постојана борба.

 

Comments

comments