По светските indie кулоари, коридори и скришни соби, со нескриено воодушевување се зборува дека басистите во бендот се секогаш најкул ликови.

Тоа е таа култната најурокана фаца, р’бетот и сексот во бендот. Дечкото кој води љубов со твојата девојка/дечко, додека суверено грува на сцената.

Александар Гавровски е басист на еден од најскопските бендови PMG Kolektiv, но и дводецениски радио водител, диск џокеј, музички новинар и регуларна скопска андерграунд декорација. Неговата љубов кон музиката е директна, непосредна и фанатична. Навидум од нигде-никаде, но сосем логично, неговиот соло сингл Плочи/Свињи веднаш по појавувањето стана the talk of the town.

Авторското дело на господинот Гавровски, Плочи за брзо време прерасна во скопски хит, додека комплексната и музички дотерана Свињи е персонален фаворит на некои од најрелевантните градски музички фаци. Погледенете ја само листата на музичари кои буквално уживаа да соработуваат со него на ова издание: Љупа Ангелов (The John, Lepi Xhoni), Ерик Омераѓиќ (Palindrom, Millko), Синиша Евтимов (PMG Kolektiv, Kanton6), Дени Крстев (Fonija, Bernays Propaganda), Кристина Горовска (Bernays Propaganda), и Васко Атанасоски (Bernays Propaganda), кој се појави во улога на иницијатор, катализатор и вистински ментор на ова издание.

Згора на се, „Плочи/Свињи” излезе како заедничко издание на двете најжешки македонски независни дискографски куќи Balkan Veliki и PMG Recordings. Страшно!

Дефинитивно ова е прекрасна пролет за македонската независна музика.

Периодов се издадоа голем број на разнолични и мошне квалитетни изданија, се случија неверојатно колегијални и другарски соработки, кои резултираа со свеж и возбудлив квалитет. Ќе се осмелам да речам дека македонската музика ја живее својата волшебна пролет.

Во меѓувреме Reborn поразговара со Александар Гавровски…пардон: Александар Велики. Зошото Велики? Прашајте ја вашата девојка/дечко ;).

 

 

Како се случи да напишеш свои песни? Момент на инспирација, или дамнешна амбиција?

Првиот обид да напишам поп песна беше пред десетина години – на крајот тоа излезе како еден прилично успешен радио-џингл. Момент на инспирација или дамнешна амбиција? Би рекол здрава комбинација од двете работи. Мојата главна карактеристика како тинејџер и адолесцент беше мрзливоста. Цело време бев опкружен со бендови, но никогаш не најдов време и амбиција да напишам текст или не-дај-боже да научам да свирам на некој инструмент. Мрзливоста направи буквално да потрошам многу години. Бас гитара почнав да свирам кога наполнив 27, а првиот сингл го издавам на 38 години. Овие бројки се поразителни за мене, па пишувањето песни од некоја моја дамнешна потисната амбиција деновиве станува некој вид преокупација.

 

Кои музичари/уметници се директна инспирација за твојот соло проект?

Лесно прашање. Другарите од PMG Kolektiv се директната инспирација, додека господинот Васко Атанасоски, мој пријател од средно школо и еден од највредните домашни музичари е директниот виновник за целата оваа акција. Пар месеци пред да ги направам првите демо-снимки, на секое мое „не можам сега, ме убива малодушност“ добивав ист одговор: „мораш да почнеш да правиш музика“.

 

Сега е модерно да се купуваат плочи. Кои се последните 3 плочи што си ги купил?

После дваесет години дома поседувам исправен грамофон, па повторно како тинејџер сум навлечен на купување плочи. Последните три: Mind Bomb на The The, првиот од двата албуми на краткотрајниот бенд-проект на Bowie, Tin Machine и легендарната компилација Пакет Аранжман на Југотон.

 

Твојот претходник стигна до Индија, дали ти планираш да добуткаш до соло албум?

Тоа воопшто не е тема на дискусија, во мојот план и програма за оваа година јасно пишува: почнување на снимање на албум по издавањето на следниот сингл „Луѓе“ кој ќе се појави на 07.07.2017. Би сакал никогаш да не престанам да пишувам песни.

 

Многумина мислат дека си cool indie лик. Што би рекол Александар Велики на ова?

На Александар Велики му е чест да биде продолжение на “cool indie лик”.  Искрено се надевам дека Велики ќе успее да го преточи во успешни поп песни целокупното животно искуство на споменатиот “cool indie лик”.

 

Ќе ја биде ли Македонија?

Во една од песните кои ќе се најдат на деби албумот се обидувам да пеам за глобалниот процес во кој малите јазици исчезнуваат. Поразително е сите фантастични македонски песни во еден момент едноставно да исчезнат од светското културно наследство. Тоа е глобален процес кој ние македонците немаме моќ да го стопираме или победиме. Како народ единствено имаме моќ тој процес да го забавиме, но за жал со својата целосна дезориентираност само го забрзуваме. Ова е едно тешко, траорно време во кое секој ден станува се појасно и појасно – Македонија не е вечна.

 

Comments

comments