Фотографии: Ujusansa

 

Неверојатно добра вест е тоа што навистина почнува да се развива сурферска комуна во Македонија.

Да, на сечие изненадување. Верувај дека и ние, како и ти во моментов, кога за прв пат разбравме дека во нашата држава пополека се собира сериозно добра екипа на сурфери, првата реакција ни беше – „Што? Од каде сега сурфање кај нас?” и „Да, секако, на Вардар ќе тренираме…“. „“

Но сарказамот на страна, формирањето на првиот македонски клуб „Скопје сурфа“ и константното растење на Ujusansa Македонија, клубот за сурфање основан во 2013 во Македонија како подружница на Ujusansa Slovenia се неверојатно добри вести. Ова значи дека доколку отсекогаш веруваше дека најблиску што ќе дојдеш до сурф даска се австралиските филмови од 90-тите, тогаш сега е одличен момент да ја растресеш главата и да го смениш ставот.

Во продолжение е нашиот разговор со Ален Омерагиќ, главен промотер на Ujusansa Македонија и основач на „Скопје сурфа“, кој дополнително ќе те убеди во тоа дека не само што можеш конечно да се испробаш во сурфање, туку и дека дефинитивно треба.

 

 

Кажи ни нешто за твоите сурферски почетоци. Кога и како почна да сурфаш?

Тоа беше пред 6 години кога со другарите имавме потреба од малку поразличен одмор. Бевме во потрага по авантура и адреналин, а не секојдневното лежење на лежалка, сончање и пиење пиво. Тогаш ненадејно налетавме на перфектната шанса за одмор од соништата. Дознавме за Ujusansa Slovenia, група на словенечки сурфери, кои веќе со години го водат кампот за сурфање во Зарауц, мало место кое се наоѓа на брегот на Атлантскиот океан во Баскија, Северна Шпанија.

Тогаш за првпат се сретнав со сурфањето како спорт и воедно за првпат застанав на сурф даска. Ќе го паметам засекогаш како едно од најдобрите животни искуства.

 

 

Ти си еден од првите членови на Ujusansa Македонија, a од неодамна си и еден од главните иницијатори за оформување на првиот клуб за сурфање во Македонија. Раскажи ни нешто повеќе за ова? Колкав е интересот за сурфање кај нас?

Несрамно можам да кажам дека јас сум главниот виновник за оформувањето на Ujusansa Македонија и на првиот македонски клуб за сурфање, „Скопје Сурфа“. Идејата позади целиот овој ангажман е проширување на сурф културата во Македонија, без разлика што немаме услови за сурфање. Голема поддршка и партнер во ова е и тимот на Кино Карпош, кој е исто така дел од оваа прва македонска сурф-приказна. 

Мислам дека сите млади луѓе кои поседуваат авантуристички дух треба да добијат шанса за да се испробаат во овој спорт. А дали сурфањето ќе им „легне”, тоа зависи од нив и од нивната желба за прогрес и учење на новини во сурфањето.

Како показател за тоа дека расте бројката на заинтересираност кај нас е фактот дека првата година кога бевме на сурфање, бевме само тројца македонци, а денес скоро сите термини се исполнети со по некој македонец, што искрено многу ме радува. Доказ плус е тоа што веќе три години по ред имаме цел термин со околу 50-тина млади македонски надежни сурфери, кои поминуваат фантастични две недели на брегот на Атлантскиот океан во Зарауц, Северна Шпанија.

 

 

Во едно од вашите видеа објаснувате за основите на сурфот, на кејот покрај реката Вардар. Дали може да се сурфа на други водени површини освен океан? Која е најблиската дестинација каде може некој да се испроба во овој спорт?

Каде што има бранови, таму има услови за сурфање. Не е важно дали е океан, море, езеро, река, па дури и базен. Потребни се само добри бранови. Нашата најблиска дестинација за сурфање е Хрватска, но проблемот кај Хрватските бранови е тоа што знаат да бидат ретки, неконстантни и неправилни, за разлика од топ дестинациите во Европа. Во земји од типот на Шпанија, Франција и Португалија брановите се константни, во правилна форма и перфектни за секој сурфер, без разлика од нивото на спремност и знаење.

 

 

Оваа година ќе биде 6-та сезона по ред како Ujusansa Македонија е дел од кампот за сурфање во Шпанија. Бидејќи е поминато доволно долго време, дали може да се каже дека има талентирани македонци сурфери со оглед на тоа дека сурфањето ни е далечен и несекојдневен спорт?

Сурфањето, како и секој друг спорт, колку повеќе време го практикуваш и му се посветуваш, толку подобар стануваш во него. Никој не може да знае дали е талентиран за нешто сè додека не го испроба. Верувајте, во овие неколку години имам видено многу талентирани млади македонски спортисти и ги охрабрувам сите барем еднаш да се испробаат во сурфањето. Не се знае, можеби некој од нив ќе стане професионалец и ќе ја претставува Македонија во сурферската светска заедница.

 

Како би сумирал во неколку реченици како изгледа еден сурферски одмор со Ujusansa Македонија?

Рани утра, долги сурферски денови, адреналин, возбуда, здрава и органска храна, дружење и запознавање на луѓе од различни страни од светот. Едно незаборавно искуство кое има моќ да ви го промени животот. Знаете како викаат за сурфањето – Once you are in, there is no out.

 

 

Како се подготвуваш и одржуваш во форма за сурфање? Дали е задолжително да си физички активен преку целата година? Која физичка активност е најпогодна за тренирање, ако сакаш да имаш квалитетно сурферско лето?

Секако дека треба да сте физички активни преку целата година. Ова важи поготово за сите оние што за првпат ќе се сретнат со овој спорт. Мојата физичка спремност ја добивам преку пешачење на Водно и рекреативно пливање. Мислам дека ја најдов правата комбинација за мене.

 

 

Кои се според тебе топ 5 светски локации за сурфање и дали си посетил некоја од нив? Доколку да, раскажи ни нешто повеќе за таа авантура.

Уфф, едно од најтешките прашања… Листата е многу долга, а започнува од Австралија, Индонезија, Хаваи, Шри Ланка, Мексико и Јужна Африка, па продолжува сè до Чиле, Коста Рика, Јапонија, Франција, Португалија, Шпанија и Мароко.

Оваа зима, за време на новогодишните празници, со сурф екипа од Македонија, во сопствена режија, бевме во Мароко на 20 дневен сурферски трип. Импресиите, сумирани во неколку реченици, би изгледале вака: Сурфање на најдолгиот десен бран во Африка (должина 600 метри), запознавање и комуникација со прекрасните локалци, дегустација на највкусната храна на светот и посета на неверојатни места. Никогаш немаше да се случи ова да не беше сурфањето!

Aloha Македонијо – Let’s go surfing and see the world from a different perspective!

 

Comments

comments