Доделуваме  2 карти за настапот на „Andy Blake и Ed Eldridge во Минус Еден“. Лајкни го статусот на Facebook и тагни пријател (во Facebook коментар) со кого би сакала да одиш на концерт. Добитниците ќе бидат одредени на 19 октомври (петок).

 

Фотографии: Nick Ensing

Скопје одамна е место каде што своите артистички сили ги измеруваат секакви имиња, од најпознатите хајп машини, до оние загадочни артисти со супстанца позната само на одредена група намерници, љубители на пософистицирани уметнички приказни.

Во редицата извонредно интересни и квалитетни, а не толку хајпани артисти е Andy Blake – еден од најискусните диџеи, парти промотери, продуценти и рејв ентузијасти од лондонскиот круг. Longbus колективот, презема одговорност да го принесе овој извонредно интересен човек на очите и пред се ушите на скопската клубска публика.

Дечките одговорни за некои од најинтересните журки на необични локации летово, во сабота на 20 октомври имаат супер настан во клубот Минус 1, а Andy Blake ќе биде централната аудио понуда за пребирливите уши на локалните монструми на танцувањето до рано наутро. Истата вечер, заедно се Andy Blake, позади пултот ќе се претстави и Ed Eldridge, дел од новиот бран на млади артисти од Лондон. Билети во строго ограничен број (вкупно 200) може да набавите во Кино Карпош и Breakfast Club. Максимална поддршка од нас за овие прекрасни млади луѓе и музички ентузијасти, а вие во меѓувреме запознајте се подетално со ликот и делото на овој одличен господин, кој со себе ќе донесе квалитет во чиста форма и party искуство во импозантни количини.

 

 

Ако погледнеме наназад кон Лондонската rave-acid house сцена, Andy Blake е “старо куче” со околу 30 годишно искуство. Неколку зборови околу тоа како беа нештата кога сцената беше сè уште млада?

За мене, фундаментален аспект беше што бев доволно среќен да го знам светот пред хаус и техно ерата. Тоа што бев таму и сведочев за промената која се случи, ми даде перспектива која се покажа неверојатно корисна и информативна за мене.

 

Повеќето диџеи кои летаат околу светот денес се доста млади. Твоето искуство се протега до времето кога нештата за оваа сцена започнуваа. Колку или како нештата се сменија, како ти изгледаат стварите денес?

Во основа е исто како и секогаш. Нешто е добро, нешто е лошо. За мене, најдобрите луѓе се оние кои учат од вистинската рејв сцена. Знаете, како да се биде диџеј, организатор на настан, продуцент…тоа се учи од актуелното/улично искуство. Оние кои го учат тоа на факултет, или по училишта, не се баш по мој вкус. Јас ја концентрирам мојата енергија и внимание на бунтовниците, ѓаволестите ликови, со луди идеи и возбудлива енергија.

 

 

Дали сè уште правиш сопствени журки?

Да, сè уште го правиме World Unknown и сè уште е супер забавно. Во 2019 година правиме 10 години и сè уште сме силно инспирирани. Ако можеш да направиш журка во својот роден град и тоа да биде успешно, тогаш можеш да понесеш дел од таа енергија каде и да одиш во светот.

 

Си бил на лејблови, си водел сопствени. Твое мислење, дали тоа сè уште има смисла денес?

За мене винилот нема многу смисла во моментов, особено не од финансиски и од аспект колку долго време мора да помине од почеток на процесот, па до моментот кога плочата ќе се најде во продавниците. Имаме план за сосем нов начин како да работиме винил и дигитални изданија и се надевам тоа ќе донесе позитивни промени за нас. Се надевам наскоро и на првите изданија.

 

 

Може неколку имиња на продуценти/композитори, диџеи, лејблови, вредни за твоето внимание во моментов?

Навистина ги сакам продукциите на Prevost. Brunski издаде неколку убиствено добри траки оваа година, особено неговиот ремикс за Dokta na 2020. Tom Gillieron aka Flight Mode е секогаш добар. Moreece aka Peter Rocket прави одлична музика и има акт во живо кој е многу добар. Theo Nasa прави одлично техно, Troublemaker има некои многу добри изданија, на Craig Richards секогаш можеш да се потпреш. Го сакам Ivan Smagghe кога пушта хаус и техно, The Mighty Zaf е многу добар диџеј, Mr. Shiver и Jane Fitz исто така. Hugo Capablanka го испушти еден од најдобрите диџеј сетови кои било кога сум ги слушнал на фантастичниот Gabicz фестивал во Полска. Ми се допаднаа фестивалите Virgo и Kala во Албанија. Subsystem и Creatures прават извонредни журки на отворено, а Adonis се меѓу најдобрите журки во Лондон.

 

Што ти е интересно, што те држи преокупиран деновиве?

Преокупиран сум со избегнување да пропаднам во машината. Минувам што е можно повеќе време со пријателите, шетам низ шума, возам велосипед околу Лондон, особено околу мрежата канали. Јадам и пијам, гледам како сонцето изгрева и заоѓа, читам чудни книги и гледам некои базични филмови и ТВ. Можеби звучам како некој урбан хипи дркаџија, а можеби тоа и сум. Многу среќен и исполнет примерок. За време на викендите патувам наоколу и го наметнувам мојот вкус за музика на другите луѓе и ги терам да танцуваат, нешто во што навистина уживам сите овие години. Влегувам во четвртата декада на диџејствување и не гледам причина да застанам со таа активност.

 

Comments

comments