Да дојде сега Џина Папс – Џокси, па да го рестартира својот проект, „Сакам да бидам”, убедена сум дека ќе добие дијаметрално спротивни одговори од оние на кои е навикнат. Новите деца сакаат да бидат дизајнери, сценографи, финансиски консултанти, арт директори, фотографи и режисери.

Тоа е природниот пат на нештата. Како општеството еволуира, така и човековите (па дури и детските) апетити, желби и идеи се менуваат.

Така ние дојдовме до еден човек кој знаеме дека во иднина (па може и уште сега) ќе биде рол-модел на овие деца, ќе сакаат да бидат како него, ќе сакаат да го проживеат тоа што он го проживеал, ќе сакаат да креираат дела и продукти налик неговите, т.е. креативно ќе го „прогонуваат”.

Се работи за поли-дисциплинарниот артист Бојан Кртолица.

 

paris-nightclub-bojan-k

 

Веб сајтови за слатки парижански ресторанчиња и брендови за облека, дизајни, експериментални видеа, постери, кавери на книги и албуми, логоа, фотографија, илустрации. После сите овие дострели на уметноста и креативноста, што прави сега Кртолица? Каде си во моментов?

Трики. И покрај тоа што знам што правам и кај сум, другата половина вели – искрено поим немам. Од една страна имаме комплетно рационално размислување и однос, наспроти исклучување на ова првово, и целосно предавање на интуиција и импулс. Најверојатно тој сооднос ме оддржува во некоја рамнотежа. Не би зборувал за дострели на уметноста и креативноста. Сакам да создавам, тоа ме движи. Помеѓу Париз и Скопје постои некој меѓупростор каде често престојувам. Таму е мојата кујна. Се кр’чка по нешто. Ќе снимам видео за Chamberlain, еден кул бенд од Лил, Франција.

 

chamberlain-cover

Дизајн на омот за Францускиот бенд Chamberlain

 

Излезе новото видео на Bernays Propaganda. Ч.е.с.т.и.т.к.и. Каде е сниман спотот, кои сé работевте на овој одличен проект и како си поминавте?

Ги сакам Берниси, сакам да работам со македонски бендови и артисти. Се создава многу квалитетна инди музика последниве години, а помалку видео. Треба да се снима, со истата љубов и ентузијазам како што се компонира музика. Има доволно млади и талентирани режисери во МК, кои можат да го дадат својот придонес кон целата слика. Ние не располагавме со никаков буџет. Сработено е другарски и со огромно лично вложување. Без огранучувања. Сон.

Инаку, снимавме на веќе позната локација во западно Скопје. Танц и кореографија е Тина Горовска. Фотографија е Гого Клинчаров, костим дизајнираше Лидија Георгиева, шминка е на Марија Амски, а сет декор работеа Горан Арсов, Дени Крстев и Васко Атанасоски. Русе Арсов како line продуцент. Огромен респект до нив.

Берниси се крајно благодарен состав, имавме прекрасна соработка. Иако се понашаат панк и сакаат да изгледаат диво, во суштина се многу чувствителни, меки и фини. Скроз <3.

 

Bernays Propaganda – Повеќе

 

Имаш едно твое дијамантче од портфолио и ние си го отвараме и следиме често откако го дознавме. За оние кои не чуле, кажи ни повеќе за твојата BAIKA.

BAIKA е мое студио, веќе неколку години, од неодамна преселено во Париз. Највеќе се работи графички дизајн, но во принцип сме поли-дисциплинарни. Сакаме да експериментираме со идеите наспроти медиумот и пораката. За мене е суштински да се создаваат различни форми на израз, излез од комфорт зоната, превземање на ризик. Мислам дека тие « испади », со времето се исплатат.

 

Скопје и Париз, дали постои друго место каде проживеа и остави дел од себе?

Живеев во Рен, Франција, додека студирав филм, па после студии патував малку. Америка јужна и Азија. Па мило Скопје, каде работев неколку години. Па го создадовме ДАМАР со Арта и Анѓа, и сé околу. Па поминав година и пол во Барселона да се дообразувам, учев арт дирекција и дизајн. Така некако. Понекогаш се чувствувам како да не припаѓам во ниедно од овие места, понекогаш ми е топло у душа.

 

Ние паметиме едни супер кул лустери кои висеа во Концепт. Што е тоа што те привлекува во дизајнот на продукти и зошто се одлучи за концепт DIY?

Waxlamps, да. Да бидам искрен, јас не сум продукт дизајнер. Но, не го исклучувам како израз. Познати ми се процесите на обликување на еден производ и негова продукција. Waxlamp се случи сосем спонтано. Правам лампи од хартија, од што сé не, цел живот. Опседнат сум со светло, како некои со музика. Тоа беше личен проект, немав доволно средства, и мислам дека извлеков максимум од околностите.

Инаку сум тотално DIY, и тоа има сосема поента според мене. Плус растев во семејство каде знаеа од « ништо » да направат многу ствари. Во продукт дизајнот, ми се свиѓа кога има интеракција, кога и покрај тоа што купуваш готов производ, треба да додадеш и свој удел. Икеа стајл, шо. 😀

 

Waxlamp

 

Што значи зборот „креативност” според тебe?

Која боја ми е омилена? Па… прозирна.

Се шалам.

Не знам дали имам точен одговор на ова. Зборот не ми значи ништо, поимот се извитопери последниве два-триесет години. Се воведоа мерки за креативност, награди за креативност, величење на едни, линчување на други во тоа име. Keep it simple. Сметам дека создавањето треба да е сосема спонтан и интимен процес, неоптоварен од вакви « етикети », кои му ја предодредуваат судбината и кои се некој си ги прилепува. Идеализирам малку. Погледни едно заиграно дете во рана возраст или двајца млади кои водат љубов. Ете ти креативност. Во права смисла.

 

Дали постои медиум во кој не си се пробал, а би сакал?

MP3 или WAV, uncompressed.

 

Зошто Скопје не ти беше доволно за твојата работа? Што е тоа што му недостасува на Скопје за да биде твој избор и извор на инспирација?

Верувај, добар дел од мојата работа се инспирира и се создава во Скопје. На градот му недостасуваат пуно ствари, а у исто време – ништо. Никогаш не се знае со Скопје. А најискрено, му недостасува малку повеќе РАЗМЕНА – повеќе артисти од надвор да прикажуваат во градот и уште повеќе да имаат шанса да се искажат вон неговите граници и од оние на МК.

Ете отворен пат кон напредок и самокритичност. Во преголема изолација може да изгубиме репер. На крај, создаваме со цел да пренесеме некоја порака, да биде чуена, да премине наметнати граници и да влијае на одредена група. Тоа што не сум во Скопје, или на релација со него, има голема врска со ова.

 

Студио BAIKA

Студио BAIKA

 

Comments

comments