Со дел од Desonanz екипата се знам повеќе од деценија.

Кога бевме „новите деца“, сонувавме за Берлин и пробувавме тој дух бар малку да го донесеме на скопските журки. Токму нивниот ентузијазам за најновото од мултимедијалната уметност направи да се заинтересирам за видео арт и извесно време да бидам (аматерски) виџеј. Во меѓувреме ме завлекоа други интереси, но момците продолжија да работат на сонот за поквалитетен ноќен живот и современа културна понуда.

Денес разговарам со еден од нив, Андреј Анчевски. Гик, диџеј, мултимедијален уметник и главен и одговорен за „Desonanz“ фестивалот. Тој, заедно со Мартин и Димитар неодамна се вратија од Берлин, каде настапуваа во еден од најважните тамошни клубови, „Griessmuehle“. Веќе пишувавме за гостувањето, а сега направивме муабет за пост-фестум импресиите и за плановите за годинешното издание на Desonanz.

Специјално за интервјуво, добивме и изјава од Nico Deuster, сопственикот на Killekill, најголемата берлинска издавачка куќа, на чија покана Desonanz екипата настапуваше во Берлин. Цитатот ви го пренесуваме во оригинал, на англиски, за да не се изгуби неговата автентичност во преводот:

„Desonanz killed it during our Summer Camp. From what they do, I know it would be a good match with us, but I was really surprised how well it fit. A wide variety of sounds, challenging but well-driving at the same time, but most of all really nice people also with the right fuck-attitude towards mainstream business.“

 

Како некому, кој не бил во клубот „Griessmuehle“ и кој не е одблиску запознаен со берлинската клупска сцена, би му ја претставиле важноста на вашето гостување и маратонската журка која се случи на 15 август?

Во кратки црти – Берлин е неприкосновениот центар на светската електронска сцена, а Griessmuehle е еден од најголемите клубови во градот, кој има репутација за разновидна селекција на музика и хостирање Labelnight т.е. „екипни журки“, во кои најактуелните музички екипи во светот се претставуваат пред (најчесто) интернационалната публика со поголема група на артисти.

Токму и нашиот настан беше организиран со овој концепт – целосна креативна слобода за склопување на интересна програма од македонски и интернационални имиња блиски на Desonanz, со цел да се претстави македонската сцена и звукот на Desonanz пред публиката на клубот на главниот подиум, додека берлинските техно диџеи од Ismus ја раководеа журката на вториот подиум на клубот.

Прилично сум среќен и горд на фактот што од самите почетни контакти со клубот беше јасно дека нашата работа како Desonanz Festival во Скопје, но и нашиот звук и музички вкус, се добро познати во рамки на интернационалната заедница. Ова е и одличен индикатор дека Скопје и македонската електронска музика се релевантни во светската јавност, а токму звукот и стилот на Desonanz се респектирани од нашите колеги од музичката сцена во Берлин.

 

Ама онака, најискрено, како си пројдовте? Беше повеќе трчкање, организација и трема отколку уживање, или вистински се забавувавте? Каков беше фидбекот на публиката?

Самата локација на почеток ни влеа страв во коски, но мислам дека имавме доволно време да ја истресеме тремата на долгиот и темелен саундчек кој претстоеше на журката. Секако, добро познато правило е дека професионалната страна на секоја креативна работа инволвира носење големи кутии наоколу барем пола од времето, но работењето со спремен технички тим на високо ниво е секогаш задоволство. Во моментот кога масивниот систем почна да свири веќе бевме спремни за добра журка. Вечерта. Tоа што се случува кога ќе се изгасат светлата, останува во клубот 🙂

До крајот на вечерта/настанот, имавме доволно време да се одмориме после настапите, прописно да се изжуркаме, да ги слушаме сетовите на другите гости и на крајот да легнеме во градината, да ги средиме впечатоците меѓу нас и со домаќините. Вечерта помина токму така како што се надевавме кога почнавме да го планираме настанот и едвај чекаме на наредната прилика да соработуваме со екипата на Killekill, во Скопје или Берлин.

 

 

Обично се прашуваме и споделуваме колку искуствата во странски земји се подобри од оние локално. Ајде да направиме обратна паралела. Дали има нешто во кое локалната сцена и публика барем малку предничи во споредба со берлинската?

Секако, за мене веројатно тоа и беше најдобрата лекција од целото искуство и разговорите со нашите домаќини – самата берлинска сцена е огромна и просечното ниво на секој клуб и диџеј е екстремно високо. Дури и диџејот кој пушта музика во локалниот Донер микса беспрекорно на добар саундсистем (да, дури и локалниот донер ресторан секако има диџејска опрема и звук, сепак сме во Берлин). Сепак, кога веќе искуството и техничкото знаење се на високо ниво, за квалитетот на секој уметник е пресудна идејата, инспирацијата и визијата и во таа смисла голем број на артисти од Македонија и Балканот се далеку понапред од берлинската норма, односно нивото на повеќето берлински артисти.

Вистинската споредба и целта која секој локален музички артисти и диџеј овде треба да ја има е да ја негува таа визија (додека работи на својата техника) за да стигне до рамништето на берлинската и светската елита, а не берлинскиот просек.

 

Кои се главните причини поради кои токму „Desonanz“ беше избран од „Griessmuehle“ и „Killekill“ кои се сериозни играчи на берлинската, но и светската сцена?

Посветеноста кон својот уникатен идентитет ја направи Desonanz екипата интересна за Берлин и Griessmuehle. Верувам дека не беа пресудни фактори нашето име, искуство или техничка спремност, уште помалку бројот на фејсбук фанови или инстаграм лајкови – битен е интегритетот и визијата кон својот звук и поривот за креирање уметност и музика која е уникатна, иновативна и квалитетна во рамки на светската сцена. Во тој поглед, генерични тек-хаус диџеи во Берлин буквално растат на дрвата пред продавниците за плочи, не им треба увоз од Македонија.

 

Се ближи годинешното издание на „Desonanz“. Знам дека е рано за деталната програма, ама ќе може ли бар мала најава околу концептот или некои од настаните? Што може Reborn публиката да очекува?

Настаните за загревање и самиот фестивал се во припрема, веќе наредниот петок (14 септември) како почеток на низата промотивни настани за Desonanz 2018 ќе направиме нешто многу различно и интересно како и за најголемите фанови, така и за генералната публика. Од халата на етнолошката поставка во Музеј на Град Скопје, за ограничена публика (75 места) во живо, но и на високо-квалитетен видео стрим за целата интернационална онлајн заедница и сите љубопитни фанови во соработка со стрим-сервисот Audiobahn. Целта на серијалот мултимедијални стрим-настани кои ги планираме за 2018 и 2019 е креативно истражување на сите интересни, несекојдневни и визуелно импресивни локации кои нашиот град може да ги понуди, како и нивна визуелна и музичка (ре)интерпретација низ уметноста на врвни артисти од областа на електронската и електро-акустичната музика.

За главниот фестивал, односно Desonanz 2018, можам да ги откријам датумите и локациите на фестивалот, самите артисти верувам ќе бидат повеќе од доволна причина за возбуда во блиска иднина. Гала-концертот за отворање на фестивалот ќе се одржи во среда (31 октомври) во Македонската Филхармонија, а клубската програма ќе биде сместена во Епицентар тој викенд (2-3 ноември).

 

Comments

comments