Неговиот неодамнешен јубилеен концерт беше поводот да си направиме муабет со него. Но не и единствената причина, затоа што Дино Имери има успеси и успеси за раскажување.

Дино има 28 години, веќе слави 10 години успешна музичка кариера и е еден од 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на третиот европски пијано-натпревар одржан во Нормандија, Франција. А локално е носител највиското домашно признание за класична музика, наградата „Виртуоз“.

Секој што го посведочил Дино „на дело“, ќе се согласи дека навистина е виртуоз. Така беше и на јубилејниот концерт во новата концертна сала на Македонската филхармонија, каде меѓу гостите беше и Влатко Стефановски, а Дино за првпат ја изведе својата авторската композиција насловена „Сон“.

Кога дознавав за Дино, ми беше надреално како успева да „жонглира“ меѓу толку улоги – врвен музичар, по светски стандарди, сопруг, татко… И искрено, направи да се преиспитам лично. Но она што е уште повосхитувачки е неговата непосредност и скромност. Дино ни откри дека 2019-та ќе ја стартува со настап надвор од границите на Македонија, а во текот на целата година жанровски ќе експериментира и надвор од границите на класичната музика.

Вам ви го пренесуваме остатокот од нашиот разговор, а на Дино му посакуваме уште многу јубилеии, причини за славење и надминување на границите.

 

 

Неодамна, со јубилеен концерт, прослави деценија уметничка кариера. Вака, пост-фестум, кажи ни како се одвиваше настанот и кое би било твоето сумирање на јубилејот?

За мене, концертот беше еден посебен момент во времето и просторот кој засекогаш ќе ми остане во сеќавање, а се надевам и на многубројната публика која беше таму со нас. Ми беше чест да ја делам сцената со сите врвни уметници кои ми направија голема чест со своето учество и своите магични музички креации. Програмата требаше да опфати и прикаже широк спектар на стилови и жанрови кои сум ги работел досега, но и да најави еден нов правец кој допрва ќе следи во мојата кариера, а кој ќе значи уште поголемо проширување на моите ангажмани и активности.

 

Диригент на јубилејниот концерт беше твојата сопруга, Дијана Имери Илокоска. Дали редовно соработувате и колку има потреба да го разграничувате професионалното од брачното партнерство? Вистина ли е дека заедничките интереси (или во вашиот случај професии) ја одржуваат врската жива?

Секоја соработка со Дијана за мене е огромна чест и радост бидејќи имам огромен респект кон нејзината работа која се темели на многу широки познавања, љубов кон музиката, посветеност и професионализам. Во нашата взаемна работа зборовите се излишни, а музиката ни е заеднички јазик. А темел на секој однос треба да е почитта, љубовта и искреноста – три карактеристики кои се гледаат низ многу призми и преку многу мали и големи нешта.

 

 

Имаш само 28 години, а веќе прослави 10 години исклучително успешна и плодна (интернационална) кариера. Нема сомнеж дека ваквиот успех бара голема посветеност и дисциплина. Но што, во твојот конкретен случај, тоа подразбира? Каков ти е секојдневниот „тренинг“, а како се припремаш пред важните концерти?

Подразбира создавање и оддржување на одлична физичка, ментална и емотивна кондиција. Подеднакво важно е да се разбере дека мислењето на другите луѓе за вас и вашата работа не е нешто што би требало да ве интересира, ни кога е позитивно, ни кога е негативно. Но, како и сè, во животот за разлика од училиште, прво го добивате тестот, а потоа лекцијата.

 

Магистар со 10 просек и почести Кум Лауде, еден од 10-те најдобри пијанисти во Европа, носител на престижната награда „Виртуоз“… Искрено, како успеваш, колку жртви бараат ваквите достигнувања? Дали сегашната перспектива на веќе реализиран уметник, плус сопруг и татко, ти ги менува приоритетите?

Не, но ја менува сликата за мене што ја имаат другите луѓе. Јас и понатаму сум истиот скромен, посветен, тивок и семеен човек кој со многу љубов, труд и поддршка од моите најмили го работам она што го сакам и она во што целосно верувам. Само барајте решенија на проблемите, а не оправданија. За мене, многу е важно да се откажам од плодовите на моите дела, да ги напуштам без разлика дали се успешни или не така успешни и да продолжам да создавам понатаму. Секој ден го почнувам од истата појдовна точка – нула. Тоа е одлична жртва која му ја пожелувам секому.

 

 

Само што зачекоривме во новата година, па еве и „пригодно“ да ги резимираме плановите за 2019-та. Дали остануваш цврсто во светот на класичната музика и кои се твоите стремежи на ова поле? Дали наскоро можеби ќе чуеме и авторски композиции од Дино, во некои други жанрови?

Мислам дека е штета уметникот да не ги следи своите инстинкти и желби за експериментирање и барање на нови звучни светови. Во тоа светло, во 2019 мојата публика може да очекува многу разновидни уметнички дела од кои дел ќе бидат реализирани во контекстот на класичната музика, а дел во сосема други уметнички правци.

Приоритет за идната година ќе биде и интензивното работење и презентирање на моите нови (и постари, но неизведени) авторски дела, кои се надевам ќе останат и за идните генерации на пијанисти и музички уметници. Македонија секако ќе остане во мојата агенда, но првиот настап во новата година ќе биде надвор од границите на нашата земја.

 

Comments

comments