Доделуваме по 2 карти на 2 читатели за настапот на „DJ Jazzy Jeff на МКЦ Шизи“. Лајкни го статусот на Facebook и тагни пријател (во Facebook коментар) со кого би сакала да одиш на концерт. Добитниците ќе бидат одредени на 17 октомври (среда).

 

На 22 октомври во Скопје ни доаѓаат Jazzy Jeff и Phat Phillie.

Освен што се пријатели, заедничко им е тоа што и двајцата се луѓе со голема километража на хип хоп сцената. Присутни од самите нејзини почетоци во 80-те, со децении успешно се прилагодуваат на новите стилови, а сепак оставаат автентичен печат.

Jazzy Jeff е хип хоп диџеј и продуцент, кој за првпат во рапот ги има донесено „transformer“ и „chirp“ техниките на скречување, препознатливи во неговиот мега хит „Gettin’ Jiggy Wit It“ во изведба на Will Smith. Кретивната соработка на Jeff и Smith ги прави и првите рап артисти кои имаат освоено Grammy награда (1989 година). Со 5 албуми зад себе, продуцентска куќа (A Touch of Jazz) и соработки со имиња како Eminem, The Roots, Method Man, De La Soul и многу други, 53-годишниот Jazzy Jeff за првпат доаѓа во Скопје и сигурни сме дека ќе има што да сподели, а и да нѐ размрда.

Phat Phille пак, важи за симбол на хрватската хип хоп сцена. Уште од 90-те години организира настани на кои го носи најдоброто од светскиот хип хоп локално, но и обратно – промовира локални артисти ширум светот. Во Македонија е веќе „одомаќинет“ и одговорен за организирање на повеќе одлични хип хоп настани. На 22 октомври ќе му биде роденден, кој ќе го прослави заедно со скопската публика на „МКЦ Шизи – The Magnificent Dj Jazzy Jeff“.

Локална подршка на настанот ќе бидат Shorty P, Irie Scratch, Geto Rudi и Druggy. Локација е денсинг салата на МКЦ, а забавата почнува од 21 часот. Билети може да набавите преку продажната мрежа на МК Тикетс и Билетарницата на МКЦ.

Во меѓувреме, како загревање за шизењето, разговаравме со Phat Phillie, човекот кој има навистина интересни хип хоп приказни и уникатен увид во развојот на локалната и светската рап музика и култура.

 

View this post on Instagram

#focusedmayne 👀🎧💫 (📸@dorabarker)

A post shared by Phat Phillie (@phatphillie) on

 

Велат дека си култна фигура во хрватскиот хип хоп свет во кој си активен повеќе од 25 години. Кажи ни повеќе за хрватската хип хоп сцена. Кои се најактивните и највлијателните артисти во моментов?

Баш оваа година во ноември славам 25 години откако ја стартував радио емисијата „Blackout“ (со Dj Frix) во далечната 1993 година. Но мојата приказна оди уште поназад, во 1984 година. Сцената има своја историја од раните осумдесети, најпрво со брејк денс и графити културата, потоа со една од најстарите рап радио емисии, „Electro funk premijera“, која почна во 1984, па продолжи со раперите од првата генерација, по кои дојде и мојата, 2-ра генерација, која ја промени историјата на хрватската рап сцена. Моментално најактивни на сцената се токму момците од таа, постарата генерација: Едо Маајка, TBF, Tram 11, а од поновите: MC Pendrek, Geralt iz Rivije, Oni, Suicidal, Zegulj Zim… Постојано нешто ново се случува на хрватската хип хоп сцена за која повеќе може да дознаете на овој сајт.

 

Твојот прв настап беше со Big L и OC од D.I.T.C. во 1997 во Загреб. Како успеа да се случи ова „деби од соништата“?

Да, тоа беше еден од моите први настапи со американци, но локално веќе настапував во клубовите „Amazon“, „Aquarius“ и „Klub Radio 1“ уште од 1994. Потоа, во Лондон пoминав 4 месеци и во 1996 се вратив во Загреб и размислував за опцијата да почнам да организирам рап концерти. Така, за 4-от роденден на Blackout го донесов OC кој како своја подршка го донесе, сега за жал починатиот, Big L. Тоа беше настап од соништата за мене, за кој и ден денес во рап светот се прераскажуваат анегдоти. Ова се некои од линковите на кои можете да видите снимки од тој концерт и нивниот престој во Загреб. R.I.P Big L! (Кликни тука или тука).

 

Кој е твојот став за новиот трап звук кој сега доминира во хип хопот? Дали би рекол дека ова е добра или лоша промена?

Знаеш што, иако сум јас голем поклоник на стариот boom bap звук, неизбежно е хип хопот да еволуира и денешните деца да трагаат по поинаков звук кој резонира со нивните чувства. Би сакал денес да е попопуларен традиционалниот хип хоп звук, но мислам дека секоја промена е прилагодена на времето и темите со кои сега живееме. Се радувам на понатамошната еволуција на хип хопот, но boom bap и понатаму живее и сосема е ок, иако не е мејнстрим.

 

 

Го „шпиуниравме“ твојот Instagram профил и видовме неколку фотографии од концерт на Outkast во Лондон од пред 22 години. Станува збор за промо настанот за 2-то LP на Outkast, „ATLiens“. Коинциденција, ама и нас ние еден од најомилените рап албуми (ако не и најомилениот)…и да, многу сме љубоморни на твоите фотографии. Кажи ни кои се албумите што би ги издвоил како твои фаворити на сите времиња? Дали е Outkast на листата?

Да, во 1996 отидов во Лондон за да дознаам нешто повеќе за нивната сцена и да посетам некои концерти кои дотогаш немаше прилика да се видат кај нас. Си поминав супер тие 4 месеци, се запознав и дружев со прекрасни луѓе.

Секако, Outkast „ATliens“ е на листата најдобри албуми, а покрај него и: Public Enemy “It Takes a Nation…” и “Fear of a Black Planet’, NWA “ Straight Outta Compton’, The D.O.C. “No One Can Do It Better”’, De La Soul “3 Feet High & Rising”’, Nas “Illmatic”’, Eric B & Rakim “Paid in Full, Masta Ace Sittin’ on Chrome”, Gang Star “Daily Operation”’, Prince ‘Sign O’ the Times’, Raekwon “Only Built For Cuban Links”, GZA “Liquid Swords”’, KRS-One “Return of the Bomm Bap’, O.C. “Word…Lyfe”, Beastie Boys “Paul’s Boutique”’, Geto Boys “The Geto Boys”’, A Tribe Called Quest “The Low End Theory”’, Dr. Dre ‘The Chronic’…

 

Кој е твојот омилен хип хоп албум од оваа година?

Приватно, не можам да издвојам само еден, па би ги спомнал овие: Evidence “Weather or Not”, Royce Da 5’9″ “Book of Ryan”, Pusha T “Daytona”’ и Nas “Nasir”’. А за во клуб омилен ми е: Cardi B ”Invasion of Privacy”.

 

 

Колку си запознаен со македонската хип хоп сцена? Си настапувал ли тука претходно? Кои се твоите очекувања за претстојниот настан?

Во Скопје дојдов првпат во 2001 на покана од групата САФ, со кои заедно го одработивме настапот на њујоршката група „Das Efx“. После тоа доаѓав уште многу пати и настапував. Последниве 10-15 години сум голем пријател и семеен член на семејството на мојот брат Панчо a.k.a. DJ Shorty P со кој организирав повеќе скопски хип хоп настани како: DJ Premier, M.O.P., Lord Finesse, Statik Selektah…

Сега сме многу горди и среќни што можеме во Скопје да го претставиме мојот добар пријател и еден од најдобрите светски диџеи, одличниот Jazzy Jeff. Јас веќе втора година по ред го славам својот роденден во Скопје, многу го сакам овој град, вашите луѓе и вино. А, на 22 октомври во МКЦ ќе го прославиме мојот 43 роденден со најблиските пријатели од целиот свет кои за оваа пригода ќе дојдат во Скопје. Се гледаме на Jazzy Jeff!

 

Comments

comments